1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Највисок степен на тревога во Стразбур

СН/ агенции
12 декември 2018

По смртоносниот напад во Стразбур, стотици припадници на безбедносните сили трагаат по избеганиот напаѓач. Метрополата во Елзас денеска наликува на град на духови.

https://p.dw.com/p/39vkp
Frankreich Polizeieinsatz nach Schießerei auf dem Weihnachtsmarkt in Straßburg
Фотографија: Reuters/V. Kessler

На денот по нападот, во кој загинаа 3, а повредени се 12 лица, плоштадот пред прочуената стразбуршка катедрала, каде се наоѓа и божикниот панаѓур, речиси и да нема луѓе. Дрвените куќички на панаѓурот ќе бидат затворени цел ден. „Денеска е ден на тага“, изјави градоначалникот на Стразбур, Ролан Рис. Во градот е прогласен највисок степен на тревога, а во историскиот центар на градот патролираат голем број полицајци и војници. Откажани се сите јавни манифестации, а знамињата на државните институции се на половина копје. 

Во рамките на масовната полициска потрага по 29-годишниот маж кој го изврши нападот, приведени се пет лица, но самиот напаѓач е сѐ уште во бегство, изјави денеска државниот секретар на француското Министерство за внатрешни работи, Лоран Нунез.

Frankreich Polizeieinsatz nach Schießerei auf dem Weihnachtsmarkt in Straßburg
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Нунез во изјава за радиото Франс Ентер рече дека е можно напаѓачот да побегнал во соседна Германија, како и дека сѐ уште не е утврдено дали мотивот за нападот е тероризам. Тој рече оти треба „внимателно“ да се зборува околу квалификациите за ова дело.

Францускиот претставник рече дека напаѓачот ѝ е познат на полицијата поради бројни кривични дела кои не се поврзани со тероризам, и оти никогаш не сторил некое дело поврзано со тероризам.

Како што изјави, него го следеле разузнувачки служби кога е забележано дека верски се радикализирал, но никогаш не давал знаци оти ќе премине на дело.

Frankreich Schießerei auf dem Weihnachtsmarkt in Straßburg
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

„Терористичка мотивација за овој чин сѐ уште не е утврдена“, рече Нунез.

Додека властите ги повикуваат луѓето во околината да останат во своите домови градоначалникот на Стразбур, Ролан Рис, денеска за телевизијата БФМ изјави дека животот мора да продолжи за градот да не попушти пред „терористот кој се обидува да го наруши нашиот начин на живот“.