1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Не плашете се од корона-протестите

Ханс Фајфер
25 мај 2020

Поддржувачите на теории на заговори и анти-ваксерите низ светот протестираат против државните мерки против пандемијата. Политичарите и медиумите треба на нив да реагираат опуштено, но самоуверено, смета Ханс Фајфер.

https://p.dw.com/p/3ciCw
Deutschland München | Etwa 3000 Menschen protestieren gegen Corona-Auflagen mit teils Verschwörungstheoretischem Hintergrund
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/S. Babbar

Имам еден познаник и „Фејсбук пријател“ во Атланта, Џорџија. Се вика Карл. Изминативе недели Карл постира на Фејсбук како луд на тема коронавирус. Според неговите ставови тој совршено би се вклопил во било која протестна акција против државните рестриктивни мерки за справување со пандемијата.

Карл цврсто верува дека Бил Гејтс е убиец на бебиња, дека сите вакцинации се наменети само за фармацевтското лоби и дека коронавирусот е измислен од американските демократи. Но, Карл не е член на ниту една група ниту пак активист. Својата инспирација ја црпи од социјалните мрежи, каде ги наоѓа и своите истомисленици.

Експеримент: Дебата со анти-ваксери

Направив еден експеримент со Карл. Со смиреност, доволно време и новинарски истражувачки порив се вклучив во дебата со него. Сите негови аргументи ги земав сериозно, ги проверив и му пишав дека дел од неговите извори на информации се измислени и лажни, па го прашав што мисли сега. Неговиот коментар гласеше: „Без разлика дали се измислени или не, најважно е дека би можеле да бидат вистинити!“

Deutsche Welle Pfeifer Hans Portrait
Ханс Фајфер, автор на коментаротФотографија: DW/B. Geilert

На крај ми пишува Карл нели требало да ме замисли фактот што уште во Библијата пишува дека меѓу 2020 и 2030 луѓето ќе ги напаѓа вирус и дека вакцините ќе бидат ѓаволско дело. И покрај моето инсистирање не добив одовор од него каде точно стои ова во библијата? Карл исчезна од Фејсбук.

Повеќе:

-Коронавирус: Како стравовите од вакцина стануваат теории на заговор

-Каде се во светот има корона-протести и зошто?

-Короната и анти-ваксерите

Накратко: дебатата не донесе ништо. Карл не бара некој со кој ќе води рационална дебата. Тој е во потрага по истомисленици. Тоа истото го прават и мнозинство жени и мажи кои во моментов излегуваат на улица и гласно се противат на вакцинирањето, Бил Гејтс и карантинот. Тие не се заинтересирани за општествена дебата туку сакаат само апсолутна победа со нивните аргументи. Оној, како што видовме во Берлин, кој на протестите носи жолта Давидова ѕвезда на градите на која пишува „невакциниран“ - тој ги омаловажува убиствата на милиони европски Евреи. Таквите пред се имаат две главни цели: максимална провокација и жед за внимание. 

Токсична алијанса

Во основа овој коментар е контрапродуктивен, бидејќи се занимава со токсичниот сојуз на незадоволните провокатори. Бидејќи политиката и медиумите се тие кои на крајот од овие релативно мали протести прават дека се нешто поголемо. Дополнително меѓу демонстрантите има толку многу што се занимаваат со теории на заговор како и антисемититистички и десно-екстремистички активисти кои со години ја користат секоја прилика да го нападнат нашето отворено општество така што останатиот дел од општеството ради би ги оставил онаму каде што припаѓаат – во изолација.

Германија и останатите демократски земји запаѓаат во стапица секогаш кога се обидуваат да ги оправдаат своите активности пред овие наводно „загрижени граѓани“. Што ќе донесе дебата со 5000 луѓе кои смеат слободно да протестираа, при тоа придружувани од полицијата која и покрај сите здравствени предупредувања ја изложуваат на ризик, а кои потоа им врескаат во камера на новинарите дека не смеат да си го кажат сопственото мислење? Многу поконструктивно е про и контра дебатата за мерки во борбата против пандемијата да се води отворено и жестоко во парламентот и медиумите. 

Вакцинација или не?

Теории на заговор како бизнис модел

Поддржувачите на демократијата всушност треба да се загрижени од една причина: бурното врескање на оние кои ја презираат демократијата низ годините се претвори во бизнис модел: Твитер, Фејсбук, Јутјуб или телевизиски канали како Фокс Њуз во САД заработуваат милиони со ширење на антисемитизам, говор на омраза и полувистини. Колкаво влијание може да има бизнисмоделот врз демократија, покажува неверојатниот подем и моќ на Доналд Трамп.