1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Независност на Каталонија: „непозната катастрофа“

Мариел Милер
9 октомври 2017

Стотици илјади луѓе во Барселона деновиве протестираа за независност, исто толку пак за единство. Каталонскиот премиер Пуџдемон утре ќе му се обрати на парламентот, и можеби веќе ќе прогласи независност. Што тогаш?

https://p.dw.com/p/2lU1W
Spanien das Regionalparlament von Katalonien beschließt Abspaltung Symbolbild
Фотографија: Reuters/A. Gea

Во Барселона во неделата се собраа околу 350 илјади луѓе со шпански и каталонски знамиња, во протест за единство на земјата. Со пораката „Сите се Шпанци“, многумина извикуваа и пароли со кои бараа апсење на каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон. Ден порано, во саботата“ во Мадрид и во Барселона изгледаше сосема поинаку- неколку илјади луѓе без знамиња, во маици со бела боја- едноставно бараа дијалог. 

Спротиставените табори во Каталонија, тврдат секој за себе дека се мнозинство, а исходот од референдумот од минатата недела тука не помага многу. Повеќе од 90 насто од оние кои успеаја да гласаат и покрај полициската репресија се изјаснија за независност, но излезноста беше едвај нешто преку 40 проценти. Дијалогот покрај тоа делува сѐ подалечно- Уставниот суд ја забрани седницата на каталонскиот парламент на која во вторник би требало да биде прогласено отцепување од Шпанија.

„Тие конечно мора да седнат на маса и да разговараат. Вака повеќе не оди“, изјави за ДВ еден маж , кој со ќерката на рамена дојде на протестот во Барселона во саботата. Има свое мислење за незвисноата на Каталонија, но тоа сега веќе не е важно. „Да видев овде само едно знаме, не е важно дали шпанско или каталонско, веднаш ќе се вратев дома“. На знамињата кои беа околу него пишуваше  „Parlem" i „Hablemos" што на каталонски и на шпански значи „Да разговараме“.

Spanien 'Für die Einheit'-Kundgebung in Barcelona
Фотографија: Getty Images/D. Ramos

„Ние сме тивко мнозинство“

Што ќе се случи ако каталонскиот премиер Пуџдемон во вторник прогласи независност? Ќе го примени ли шпанската влада членот 155 од Уставот и ќе ѝ ја укине автономијата на Каталонија? Ќе биде ли уапсен Пуџдемон? Како ќе реагираат неговите приврзеници? Ќе дојде ли повторно до насилство?

Една жена вели дека политичарите треба ги остават на страна своите цели и да го слушаат народот. Но таа е убедена дека во Каталонија има повеќе противници на независноста, како што досега и покажуваа анкетите. „Ние сме тивко мнозинство. Ние сме останатите 60 насто кои не излегоа на гласање или гласаа против отцепувањето“.

Меѓу оние кои гласаа за независност има многу Каталонци со кои може да се разговара, уверен е Ориол Бартомеу, политиколог од Автономниот универзитет во Барселона. „Мнозинството Каталонци сака да остане во Шпанија ако се зајакне автономијата на Каталонија, во рамките на земјата и ако Шпанија навистина се реформи во плуралистичка држава. Ако владата во Мадрид го стореше тоа пред неколку години, сега ситуацијата ќе изгледаше сосема поинаку“, вели Бартомеу за ДВ.

Има ли излез?

Во моментов Мадрид ни сантиметар не се помрднува од своите централистички ставови. „Шпанската страна има чувство дека може да победи“, вели политикологот. Пресметката е следнава: или регионалната влада ќе попушти или пак ќе прогласи независност и ќе ризикува бес на добар дел од своето население. „Тоа за каталонската влада би било премногу ризично бидејќи меѓу каталонското население нема мнозинство кое го поддржува отцепувањето“, вели Бартомеу. 

Spanien Barcelona Carles Puigdemont
Фотографија: Reuters/A. Gea

Пресудна улога би можела да има лево ориентираната партија ЦУП (Кандидатура за народно единство). Оваа партија имено на Пуџдемон му обезбедува мнозинство во каталонскиот парламент. Портпаролот на ЦУП, Ќуим Аруфат вели дека не сака да презема „еднострани чекори“, особено не по репресалиите на шпанската влада пред и по референдумот. Сепак, вели Аруфат, ЦУП е подготвена за дијалог. На прашањето дали Пуџдемон сосема ќе се повлече и ќе се откаже од прогласувањето независност тој сепак одговара: „Не“.

Политикологот Бартомеу смета дека работата едвај може да се заврши мирно: „Ако владата на Пуџдемон каже 'да ја заборавиме независноста' тогаш ќе има проблем. Таа може да го каже тоа, но 2 милиона приврзеници на сепаратизмот нема да престанат да протестираат. Напротив“. Постои опасност каталонската влада да ја загуби контролата. „Движењето би станало сѐ помало, но силно би се радикализирало“, предупредува Бартомеу и додава: „Тогаш повеќе никој не може да исклучи избувнување на насилство меѓу сепаратистите и полицијата“.

Пуџдемон во едно телевизиско интервју во неделата вечерта рече дека не се откажува од прогласувањето независност. Каталонскиот парламент, рече, е обврзан да прогласи независност. Дали тоа ќе се случи веќе во вторник навечер? Засега единствена точка на дневниот ред на седницата е говорот на Пуџдемон за актуелната ситуација.