1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема покајание - Тони Блер уште не сфаќа

Барбара Везел/превод:БГ7 јули 2016

Извештајот за улогата на Велика Британија во војната во Ирак е разорна пресуда за поранешниот премиер Тони Блер. Тој ќе биде запаметен во историјата како лажго и воен подбуцнувач, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1JKxB
Фотографија: Reuters/S. Rousseau

Јавното мислење одамна му пресуди: Тони Блер отиде во војна во Ирак заедно со Џорџ Буш со цел да се наметне како важен меѓународен политичар и како најблизок сојузник на претседателот на САД. Многумина беа убедени дека го лажеше својот парламент и народ, и дека сноси одговорност за смртта и хаосот на Блискиот Исток.

Но, долгото чекање на извештајот на истрагата вредеше затоа што прецизно опишува како се случи еден од најголемите политички грешки во повоена Британија.

Без пропусти, без забелешки

Извештајот, подготвен до најситен детал од страна на поранешен висок владин функционер, е тивка, но перфектно фокусирана ликвидација на Тони Блер. Старата британска државна служба уште еднаш ги покажа своите квалитети и покрај политичкиот хаос кој владее. Во извештајот од 2,6 милиони зборови, Сер Џон Чилкот објаснува како Тони Блер одлучил да оди во војна во 2002, и како притоа манипулирал со информациите за да ја оправда таа одлука.
Пресудата на Чилкот е недвосмислена: немаше добра причина да се оди во војна, и немаше легална основа да се изврши инвазија врз Ирак.

Разузнавачките извештати за наводното оружје за масовно уништување на Садам Хусеин биле сомнителни. Немало легитимација за војна, но сепак Блер одлучил: го заобиколил Советот за безбедност на ОН, испратени трупи биле очајно опремени, и немало никаков план за тоа што ќе се случува по војната.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Првиот грев на Блер

Голем број Британци излегоа на улиците на протести пред инвазијата. Тие почувствуваа дека владата ги лаже. Беа убедени дека не постојат ни „непосредна опасност“, ниту оружје за масовно уништување. Но Тони Блер го игнорираше својот народ исто како што ги игнорираше приговорите на Германија и Франција.

Неговата мегаломанија го одведе по стапките на Џорџ Буш, од сите можни луѓе, а неговата земја во војна со катастрофални последици. Извештајот мудро го следи целиот период, од инвазијата во 2003 до хаосот кој владее во земјата денес.

Лажното оправдување на Блер за војната ја уништи и довербата на неговите гласачи. Тој го замолкна својот кабинет и ги заобиколи контролните механизми на владеењето.

Поранешниот премиер ги постави темелите за омразата и отфрлањето со кои многу политичари се соочени денес. Тој го стори првиот грев кој ја храни недовербата со која многу луѓе денес гледаат на политиката.

Сѐ уште без покајание

Јавноста виде блед и остарен Тони Блер кој говореше за тага и жал со придушен глас. Но, тој и понатаму не сфаќа. Затоа што веднаш ги повтори старите познати оправдувања: светот е подобро место без Садам Хусеин, нападите од 11 септември го сменија светот засекогаш, а тероризмот кој денес владее во регионот нема ништо заедничко со инвазијата.

Тоа е монументален акт на негирање. Блер се обидува да го брани неодбранливото: синџир од ужасни политички и воени грешки, неговите лоши проценки и безграничната ароганција.

„Ќе бидам со тебе, засекогаш“, му пишуваше Блер на Буш во летото 2002. Некој треба тие зборови да му ги издлаби на неговиот гроб како вечен потсетник за слепата послушност и политичката ароганција. Со извештајот, репутацијата на Тони Блер е сведена на нула.

Позитивните нешта кои ги оствари на функцијата- како Договорот од Велипеток во Северна Ирска- ќе бидат закопани под урнатините од војната во Ирак. Дали Тони Блер сега може да биде изведен и пред суд ќе видиме. Но историјата на крајот ќе му суди: ова е човек кој водеше погрешна војна, од погрешни причини, со погрешен план.