1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никола Саркози на сослушување во полиција

АТ/ ард1 јули 2014

Поради аферата за можно поткупување на врвен правник приведен е на сослушување поранешниот француски претседател Никола Саркози. Ова го соопштија кругови на правосудните органи во Париз.

https://p.dw.com/p/1CTAg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поради сомневање за корупција на врвен правник, приведен е за сослушување екс-претседателот на Франција Никола Саркози. Ова го соопштија кругови на правосудните органи во Париз. Саркози смее да биде задржан во полицијата 24 часа и доколку има потреба рокот може да биде продолжен за уште еден ден.

Правосудните органи се сомневаат дека Саркози заедно со неговиот адвокат Тиери Херцог, кој беше приведен вчера се обидел нелегално да обезбеди информации од судски процес кој е во тек. Врз основа на прислушкуваните телефонски разговори меѓу екс-претседателот и Херцог во февруари беше отворен нов истражен процес поради сомнеж за корупција и повреда на обврската за чување на тајна од страна на истражните органи.

Освен Херцог во случајот се сослушани и двајца државни обвинители од Касациониот суд, Жилбер Азиберт и Патрик Сасу. Ова е првпат во историјата на Франција, поранешен претседател да биде приведен од полицијата.

Сомнеж за поткуп и повреда на службена тајна

Истражната постапка поради корупција и повреда на тајната на истражните органи против Саркози е во тек од февруари годинава. Медиумите, повикувајќи се на снимените телефонски разговори известуваат дека Саркози изразил готовност на топ новинарот Жилбер Азиберт да му обезбеди работа во Монако. Како против услуга раководниот државен обвинител требало да го информира екс-претседателот на судски процес, кој бил во тек во Касациониот суд и се обидел да влијае врз процесот.

Во процесот во Касациониот суд стануваше збор за обвинувањето за нелегални донации за изборите за Саркози од имотот на „Лореал“ милијардерката Лилијан Бетанкур. Во рамките на истрагата беше конфискуван планерот за термини на Саркози. Постапката против Саркози подоцна беше прекината поради недостиг на докази.

Саркози, за кого се смета дека има амбиции да се врати во политиката, сакал да му биде вратен планерот. Касациониот суд во март годинава донесе одлука дека тој не може да одлучува за тоа. По што француските правосудни органи и натаму смееа да ги анализираат записите, кои би можеле да бидат опасни за Саркози и во други афери.