1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ „инсистира“ на парламентарни избори

18 јануари 2019

Од СДСМ велат дека ќе се консултираат со коалициските партнери, со бизнис заедницата, а ќе ги имаат предвид и сугестиите од Брисел.

https://p.dw.com/p/3Bl5A
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

По претходната серија конфузни изјави од лица во раководниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, која заврши со став дека нема да ги бојкотираат и ќе учествуваат на претседателските избори без оглед дали ќе има парламентарни, вчера опозициската коалиција се огласи со нова „нијанса“. Таа гласи: Инсистираме на предвремени парламентарни избори и распуштање на Собранието веднаш! 

Реафирмирањето на ова барање уследи по вчерашниот состанок на претставници на политичките партии кои се дел од опозициската Коалиција „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По опсежните разговори за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, коалициските партнери донесле неколку заклучоци.

Прво, во однос на уставните измени усвоени минатот петок, тие ги осудиле спроведените уцени, закани и притисоци, со оценка дека по таквиот чин „Македонија е практично е држава каде што веќе нема владеење на правото“.

Втората загриженост била изразена за Законот за употреба на јазиците.

„На еден полушверцерски начин во доцните вечерни часови беше потпишан указот без потпис на претседателот на државата, и следниот ден веќе беше однесен во 'Службен весник', каде што директорот го објави противправно без потпис на претседателот“, обвини Мицкоски.

Повеќе:

Конфузија во ВМРО-ДПМНЕ: Таа информира, таа демантира

Помирување или победување

Неговите коалициски партнери се согласиле со претходно искажаната оценка на ВМРО-ДПМНЕ дека со тоа „практично е извршен атентат на Република Македонија“, и дале поддршка за партиската намера да поднесе кривични пријави за противуставно дејствување на парламентарното мнозинство, но и поддршка за поднесување претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста на овој закон.

Третиот сегмент за кој било разговарано била „лошата актуелна политичка состојба и отсуството на реформи“.

Како резултат на сите претходни оценки, Мицкоски соопшти дека опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ „го реафирмира барањето и инсистира на организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските“.

„Не станува збор за власт, не станува збор за функции и за политички кариери. На тој начин граѓаните да одлучат дали се 'за' понижена и омаловажена Северна Македонија или се 'за' горда и достоинствена Република Македонија“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека „бара распуштање на Собранието, веднаш и без одложување“.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Мицкоски: Опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ „го реафирмира барањето и инсистира на организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските“Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Гордо интегрирана или понижувачки изолирана?

Легитимно е опозицијата да ги изнесе своите барања, но мора и јасно и прецизно да објасни што значи „понижена“, а што „горда“ Македонија, вели функционер од СДСМ.

„Која земја е горда - таа што децениски чмаела во изолација со поддржувачи на таква состојба кои немаат визија како да ја извадат од слеп колосек, или горда земја е таа што ги решава проблемите и отвора сите интеграциски перспективи?  Од тој аспект, прашањето би било - гордо интегрирана или понижувачки изолирана? Мора да се објаснат овие работи. Граѓаните очекуваат одговори, а не празни фрази и демагогија“, вели нашиот соговорник.

Во партиско соопштението социјалдемократите му порачаа на Мицкоски дека „го чека пораз на претседателските и на какви било избори“.

„Не поминуваат омразата и поделбите кои ги шири антизападниот Мицкоски. Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. И не само што целосно е гарантирана употребата на македонскиот јазик како прв официјален јазик во Македонија, туку е меѓународно признат и ќе се употребува во НАТО и ЕУ. Тоа е вистински патриотизам, потврден и признаен македонски идентитет и македонски јазик од цел свет“, реплицираа од СДСМ, повторувајќи дека Мицкоски не успеал да го блокира членството во ЕУ и НАТО, а нема да го блокира ни градењето на Македонија како едно општество за сите.

Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
СДСМ за барањето на опозицијата за парламентарни избори ќе се произнесе по враќањето на премиерот Заев од одморФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Го чекаат Заев

Сепак, и во кампусот на СДСМ не изостануваат ставови дека „ако секако се троши време за избори (претседателски) зошто да нема и други (парламентарни)?“

Но, опсегот на времото потрошено само за претседателски е многу помало, отколку ако се спроведат и парламентарни  избори. Околу таа математика копјата ќе се кршат во наредните денови. Од ДУИ сметаат дека можат да го валоризираат актуелниот рејтинг многу повеќе отколку на изборите во 2016 година, но сметаат дека фокусот сега треба да се стави на реформите. 

И покрај внатрешната дебата во партиите од власта, одлуката за барањето на опозицијата за парламентарни избори ќе се донесе по враќањето на премиерот Заев од неколкудневниот зимски одмор во Германија. На одлуката ќе ѝ претходат широки консултации со сите коалициски партнери, со бизнис заедницата, а ќе ги имаат предвид и сугестиите од Брисел околу реформските приоритети и јунските рокови.