1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови забрани за влез во САД

ЖА
25 септември 2017

САД воведоа нови рестрикции за влез во земјата, кои овојпат се однесуваат на државјани на Венецуела, Чад и Северна Кореја, на чиј режим претседателот Трамп јавно му се закани.

https://p.dw.com/p/2kduB
USA Trumps Einreiseverbot
Фотографија: Getty Images/AFP/F. J. Brown

Досегашните забрани за влез во САД важеа за граѓани од Иран, Сирија, Јемен, Либија, Сомалија и Судан. Во меѓувреме, Судан е избришан од листата. Американските власти сега воведоа нова верзија на рестрикции за влез во земјата. Измени има не само во однос на државите од кои доаѓаат граѓаните, туку и на видот на ограничувањата. Додека американскиот претседател Доналд Трамп првично изрече забрана за влез на граѓани од одредени, претежно муслимански земји, сега се во прашање заострени контроли за патниците од посочените држави.

Контроверзната 90-дневна забрана за влез од шесте муслимански држави, иницирана од претседателот Тамп, а образложена како борба против тероризмот, истече вчера. Одлуката на Трамп инаку предизвика жестоки политички и правни спорови и во самата земја. Забраната која тукушто истече, во сила беше од почетокот на јуни, откако Врховниот суд привремено ја одобри, укинувајќи ги на тој начин блокирачките одлуки на пониските инстанци.

Оттогаш во сила паралелно е и 120-дневната забрана за влез на одредени бегалци, која истекува на крајот на октомври. Врховниот суд на САД изврши делумно разлабавување на паушалната забрана за влез во земјата, овозможувајќи им на судиите да даваат дозволи на патници во роднински врски со луѓе во САД.

Тоа што Вашингтон сега во ограничувањата за влез на патници ја внесува и Северна Кореја, не треба да чуди. Земјата не соработува со САД на полето на размена на информации, се вели во соопштението од Вашингтон. Но, претставник на американската администрација призна дека бројот на луѓе кои од Северна Кореја стигнуваат во САД е исклучително мал.

Тензиите меѓу двете држави минатите денови дополнително нараснаа. По најновите вербални напади од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, Северна Кореја одговори со закана со ракетен напад врз американска територија.