1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноќта на ножевите и сејачите на омраза

16 декември 2016

Националистичкиот патос, патетиката и говорот на омраза искажани на протестот пред ДИК само потврдуваат дека некои луѓе во изминатите 19 години минале многу кус пат, од „Жена парк“ до паркчето пред НИП-от.

https://p.dw.com/p/2UO03
Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Има некоја симболика во тоа што 19 години по студентските протести на кои се бараа „гасни комори за Шиптари“, истите луѓе во малку проширен состав го проширија и „кругот на делување“.

Овојпат гасните комори станаа „Ноќ на долгите ножеви“ и омразата не беше насочена само кон „клетите Шиптари“, туку кон сите што  се осмелуваат да ја оспорат „големата“, чиста како солза, неспорна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Проширениот контекст на заканите секако има оправдание во состојбата на теренот: ако се има предвид степенот на загадувањето и излеаниот политички отров, гасната комора е веќе таму за сите, остана само уште ноќната пресметка со оние кои сѐ уште не се убедени дека одат на туширање.

Разбирливо е што нема веќе ни шатори. Чуму да се спие по шатори во 21 век кога имате болници, автобуси, нотарски канцеларии... Кругот е затворен, а и Македонија многу напредуваше низ годините. Денес овие од шаторите качени на бина им кажуваат на оние долу за „европски манири“ и за „Европска Македонија“, а тие возвраќаат со „Ќосето е жив“. Улогите можеби се сменија, но пораките останаа исти.

Долг беше патот од „Жена парк“ до бившото седиште на НИП-от, цели два-три километри воздушна линија за 19 години. Но луѓето останаа верни на своите ставови и идеологија. Тогаш, унитарноста на државата се „бранеше“ од Албанците кои сакаа да студираат на својот мајчин јазик, а денес од гласот на Албанците.

Имаше и новини, секако. Влатко Ѓорчев, на пример, говореше за цензура и едноумие, а како дипломиран правник потсети и дека слободата на изразување е уставна категорија во Република Македонија. Откако ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе дојде на власт можеме да се надеваме дека веќе ќе нема ниту цензура, ни притисоци врз новинари, а слободата на изразување ќе им биде гарантирана на сите.

Новопечениот нотар Антонио Милошоски ја повика ДИК „или да ја признае волјата на народот, или да се соочи со гневот на народот“. Го замислувам Милошоски удобно заседнат во свежо искречената нотарска канцеларија како му објаснува на клиентот дека не може да му завери договор за уредно купен стан.

„Не можам да ви ставам печат на овој договор!“

„Но сѐ е според закон, господине нотар“.

„Да, но каде е јасно изразената демократска волја?“, ќе му одговори Милошоски. „Закон е закон, но дали народот ја потврди вашата одлука да купите стан?“ 

Разбудениот јуришник

Georgievski Boris Kommentarbild App
Борис Георгиевски

Трпеа, толерираа и Ѓорчев и Милошоски и другите со години. Но веќе не можат. Не можат да поднесат што некој во Македонија воведува едноумие, мракобесие, цензура. Неподносливо е тоа сознание дека има политичари кои виткаат кичма пред сиот тој народ со 'рбет чии деца на училиште учат дека граѓанинот се поклонува пред власта. Штетни се тоа политики и такви нема да дозволат. Еве веќе десет години немо гледаат како некој троши стотици милиони евра на споменици и Панорамски тркала, а овие луѓе, овој народ дојден да ја поддржи демократијата, мора да спие по подови во болници и по автобуси. Не се може повеќе! Нема веќе трпење!

И тука некаде, меѓу грижата за напатениот народ, болката по уништената демократија и непрекината битка за идентитетот, влета директорката на Комисијата за односи со верски заедници со сиот арсенал на разбуден јуришник. Ако некој знае како да ја спушти тензијата во вакви критични денови, тоа е првиот кадровик на меѓуверското разбирање и толеранција во Македонија. Ќе имало „Ноќ на долги ножеви“! Добро. А знае ли госпоѓата дека во таа мачна ноќ на 30 јуни 1934 година, Хитлер им наредил на своите верни аѓутанти да ги елиминираат Ернст Рем и над 150 други функционери во раководството на СА (Штурмабтајлунг)? Се работело, имено, за идеолошки судир во рамките на самата нацистичка номенклатура.  Настрадале и многу невини, секако. Улогата на СА во годините кои следеле ја презеле ЕсЕс (SS) единиците и Гестапо. Неполни шест месеци пред „Ноќта на долгите ножеви“ на 31 декември 1933 година, Хитлер му испратил срдечно писмо на Рем во кое му заблагодарува за неговата „неуништлива посветеност“ и му ветува долго пријателство. Останатото е историја. Неодговорноста и цинизмот со кои оваа госпоѓа испраќа закани се говор на омраза недостојни за цивилизираниот свет, хушкачки тиради рамни на нејзините злосторнички идоли. Треба да бидат загрижени и оние околу неа кои и аплаудираа, оти кога ќе го снема и „последниот македонски предавник Зоран Заев“, ќе мораат да се бараат и нови.

Со оглед дека нејзините сопартијци почнале да го цитираат Орвел, добро е сите да почнат и да го читаат. Барем додека одмараат по автобуси. Има и многу други дела вредни за читање, се разбира. Но просторот за нивна поудобна анализа ќе треба да го обезбеди СЈО. Оти сите оние говори на омраза и измрзнат „народ“ не беа таму за да ја бранат ни Македонија, ниту демократијата, туку врхушката која стравува дека наскоро ќе се соочи со сите свои недела.