1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама најави одмазда за руските хакерски напади

ЕМФ / дв
16 декември 2016

Американскиот претседател Барак Обама најави одмазда за руските хакерски напади во текот на предизборната борба во САД.

https://p.dw.com/p/2UMoI
Peru APEC Gipfel Barack Obama Pressekonferenz in Lima
Фотографија: Picture-Alliance/dpa/Epa/E. Arias

Кога некоја странска влада прави обиди да манипулира со предизборната борба, САД мора да дејствуваат, изјави американскиот претседател Барак Обама за медиумската организација НПР, која опфаќа над 900 радио станици во САД. „Тоа и ќе го сториме во време и место по наш избор. Дел од тоа може да се случи јавно и отворено, дел не“, рече Обама.

Претходно, советникот на Обама, Бен Роудс го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека носи директна одговорност за хакерските напади. Во руската влада не се случува „ништо со таква тежина“, а Путин да не знае за тоа, изјави Роудс за телевизијата МСНБС.

Телевизијата Ен-Би-Си, претходно јави дека Путин дал упатства за постапување со хакираните имејл-пораки на кандидадтката за претседател, Хилари Клинтон. Ен-Би-Си тврди дека информацијата ја има од дипломатски извори и од шпиони кои работат за сојузници на САД. Според вработени во тајните служби, Путин сакал да ѝ се одмазди на кандидатката на демократите Хилари Клинтон поради нејзините критички забелешки. Освен тоа, шефот на Кремљ сакал да го впери прстот кон корупцијата во американската политика и да создаде впечаток дека сојузниците не можат да се потпираат врз САД.

Портпаролот на Путин, Дмитри Песков, ги отфрли ваквите наводи како „смешни“.