1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Нема да запрам, ќе бидам со вас како граѓанин

БГ
11 јануари 2017

Барак Обама за последен пат им се обрати на своите сограѓани и на светот како американски претседател, во емотивен говор кој во истовреме беше тажно простување и повик за мобилизација.

https://p.dw.com/p/2VbOO
USA Präsident Barack Obama Abschiedsrede in Chicago
Фотографија: Picture-Alliance/AP Photo/C. R. Arbogast

Заокружувајќи ги осумте години минати во Белата Куќа, Обама се врати во родното Чикаго со последна порака која содржеше изменето мото - од историското „yes we can“- „Да ние можеме“ во првата кампања до „yes we did“ - „Да ние успеавме“ во прошталниот говор.

Околу 18 илјади луѓе дојдоа да го проследат говорот, а билетите за настанот се препродаваа за повеќе од 1.000 долари.

Обама се осврна на економските успеси, легализацијата на истополовите бракови, отворањето на дипломатските односи со Куба и нуклеарниот договор со Иран. Тој одбегна директно да го критикува својот наследник Доналд Трамп, но ја отфрли поделеноста која ја карактеризира американската политика и побара поголема инклузивност наспроти реториката на Трамп.

Моментите на изненадувања на Барак Обама

„САД имаат огромен потенцијал, но тој ќе биде реализиран само доколку функционира нашата демократија, само доколку нашата политика подобро ја рефлектира пристојноста на нашиот народ - само доколку сите ние, без оглед на партиската припадност, помогнеме да се врати чувството на заедништво кое толку многу ни треба сега“. 

Обама, прв афроамерикански претседател во историјата на САД, призна дека неговото претседателство не успеало да го порази расизмот во САД.

USA Präsident Barack Obama Abschiedsrede in Chicago
Фотографија: Reuters/Jonathan Ernst

Говорејќи за меѓународните односи, тој оцени дека глобалниот поредок не е предизвикан само од тероризмот, туку и од „автократи во странски главни градови“. „Овие луѓе во слободните пазари, отворените демократии и цивилното општество гледаат закана за нивната моќ“, рече Обама.

Повеќепати прекинуван со овации од публиката, Обама не успеа да ги задржи солзите кога говореше за своето семејство - сопругата Мишел и двете ќерки, како и за потпретседателот Џо Бајден.

Доналд Трамп ја презема функцијата на 20 јануари, а Обама, иако најавуваше целосно повлекување од политиката, би можел сепак да остане активен преку својата фондација или дури и директно ангажиран каков што беше случајот со неговиот претходник Џими Картер.