1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Проштална средба со седмата сила

СН /дпа,афп,ртр
19 јануари 2017

Тој беше често критикуван дека премногу ретко зборува со медиумите. Сега го стори тоа уште еднаш. Последен пат како претседател на САД. Барак Обама пред новинарите во Вашингтон извлече финален биланс.

https://p.dw.com/p/2W1yd
USA - Barack Obama hält letzte Rede als Präsident
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Телевизијата Си-Ен-Ен која не му е многу омилена на идниот американски претседател Доналд Трамп ги одбројуваше минутите до прес-конфернцијата на Барак Обама. А ги одбројува и минутите до инаугурацијата на Трамп. За едниот времето истекува, тоа беше јасно вчера попладне во салата за прес-конференции во Белата куќа.

Пет минути до првото прашање

Значи во 14:24 во локално време, настап на ПОТУС, на „President Of The United States" (Претседател на САД) , како што Обама е наречен на Твитер. Новинарите во главниот град се жалеа дека премногу ретко го гледаат во салата за прес-конференции. Потоа критикуваа дека Обама предолго зборува самиот, пред некој од нив да може да постави прашање.

USA - Barack Obama hält letzte Rede als Präsident
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

„Вие често се жалевте за моите долги одговори. Но тоа беше така бидејќи ми поставувавте шест прашања во едно“, се осврна Обама на критиките на почеток на прошталната прес-конференција и им се заблагодари на репортерите од Белата Куќа за нивната соработка. Нивното присуство во Вашингтон секогаш ја принудувало неговата администрација да работи понапорно, истакна Обама, и потоа навистина зборуваше „само“ пет минути пред да го допушти првото прашање.

Менинг презема одговорност

Како што се очекуваше, веднаш се започна со поранешната информантка на Викиликс Челси Менинг која Обама практично ја помилува во последен момент. Според него Менинг ја презела одговорноста за кривичното дело и издржувала тешка затворска казна. И потоа на агендата на прес-конференцијата повторно дојдоа големите теми: санкциите за Русија, војната во Сирија, шефот на Кремљ Владимир Путин, Украина, Куба и ткн.

Притоа претседателот во заминување уште еднаш јасно укажа дека во иднина има намера да се држи настрана од дневната политика, но дека ќе се вмешува доколку некој ги доведува во прашање „централните вредности“ на американската демократија. Конкретно тој ги посочи избирачкото право и слободата на печатот, притоа истакнувајќи го суштинското значење на слободните медиуми за САД и за нивната демократија.

Последен претседателски поздрав до новинарите

Тој, како што уште истакна, нема да молчи и при „систематска дискриминација“. „Доколку постојат обиди, деца кои се родени во САД, да бидат уапсени и протерани, ќе го кажам своето мислење за тоа“, истакна Обама.

Покрај тоа, тој истакна дека е вознемиран од актуелната состојба на Блискиот Исток. Конфликтот меѓу Израел и Палестинците е едно од значајните политички полиња за неговиот наследник Трамп. Обама истакна дека е загрижен дека шансите за таканареченото решение за две држави се сѐ помали.