1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од 1 октомври – недела неработен ден за сите

ДТЗ
8 јуни 2021

Работниците кои ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните седум дена.

https://p.dw.com/p/3ub9s
Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government North Macedonia

Од 1 октомври стартува концептот за недела неработен ден за сите. Владата по неколкумесечни најави ги усвои измените во законите за работни односи и за трговски друштва и тие ќе бидат испратени до Собрание. Премиерот Зоран Заев вели дека целта е да се постигне рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот дел од животот на работниците.

-повеќе на темата: Ден за одмор - се крчкаат ригорозни казни за работа во недела

Работниците коишто ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните седум дена. Станува збор за работните места каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На работниците ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во текот на неделата. Додатокот за работа во недела и за празници треба да изнесува најмалку 100 отсто од дневницата за секој час поминат на работа.

„Ова беше приоритет на нашата програма, направена со синдикатите и работодавачите. Недела ќе стане ден за одмор и со ова ја поддржуваме грижата и поддршката за работниците. Со ова, ќе се создаде рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот. Работничката и работникот ќе бидат поефикасни и помотивирани, но и ќе имаат приватен живот, за партнерски заедници, за пријателите“, изјави Заев.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска најави дека се предвидени и санкции за непочитување на законските решенија, односно забрана за вршење дејност или прекршочен налог.

-повеќе на темата: Дозвола за купување во недела е попусто ако нема пари

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Владата, паралелно, донесе и измени на Законот за трговија, кои се усогласуваат со измените во Законот за работни односи за недела – неработен ден. Исклучок од неработењето во недела се продавници и штандови за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот. „За трговските субјекти кои ќе работат во недела се утврдува надоместок од 2 отсто од вкупниот приход остварен минатата година во недела и на празници, а тие средства ќе се инвестираат во детски градинки“, вели Бектеши.