1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Од Македонија до Франција - нула километри

16 април 2019

Припадноста во Европа, покрај т.н. Копенхашки критериуми, се мери и според нешто многу посилно од нив - чувството за европското културно наследство како дел од своето.

https://p.dw.com/p/3GqhU
Frankreich Paris | Brand der Kathedrale Notre-Dame de Paris
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Herman

Ако референтната точка од која се мерат растојанијата од Париз кон другите градови, се наоѓа точно пред катедралата Нотр Дам (Notre Dame), тогаш растојанието од Франција до Македонија вчера беше - нула километри. Страотната вест дека гори Богородичната црква во Париз избриша секаква физичка дистанца. Македонија вчера беше на иста кота со Франција. Веста ги фрли во сенка и политичките дебати, и кампањите на претседателските кандидати, и во прв план ја покажа загриженоста и молитвите на граѓаните на Северна Македонија, катедралата да ги преживее пламените јазици кои се закануваа да претворат во пепел и прав девет века историско, културно и духовно наследство, кое, колку што ѝ припаѓа на Франција, толку ѝ припаѓа и на Европа. А Македонија е нераскинлив дел од таа Европа, бидејќи со неа дели исти културни и цивилизациски вредности. 

Има голема симболика во фактот што тенките ѕидови на катедралата во текот на нејзиното надоградување биле зацврстувани со надворешни потпорни арки. Дел од нив, кои вчера не ја преживеаја огнената стихија, ќе бидат надоместени токму со „надворешните“ арки на македонската и европска солидарност. Уште поголема симболика има во веста дека „е зачувана конструкцијата на катедралата“. Кога конструкцијата останува цврста, тогаш нема причина за сомнеж дека и по оваа Голгота во пресрет на Велигден, нејзините ранети делови повторно ќе се издигнат од пепелта врз арките на солидарноста.

Во вакви моменти, припадноста во Европа, покрај т.н. Копенхашки критериуми, се мери и според нешто многу посилно од нив - чувството за европското културно наследство како дел од своето. Имено, кога францускиот претседател Емануел Макрон изјави „вечерва како да изгоре дел од секој од нас“, тоа не беше чувство иманентно само за Французите. И тоа дава надеж дека „конструкцијата“ како персонификација на темелот на европските вредности, може да ги преживее сите искушенија, ако и натаму се темели на верба, солидарност, заемно помагање, соработка, почитување и обединување во различноста.

Во оваа смисла, она што синоќа го изгуби Нотр Дам, утре ќе се врати во многу помоќна форма. Бидејќи, вредноста на еден објект не ја прави само историскиот малтер кој им пркоси на вековите, туку и материјалите што при неговото транзитирање низ времето и искушенијата дополнително ќе бидат вградувани во него. Без сомнение во Богородичната црква ќе биде вградена љубов, солидарност и почит. А има ли поважен „градежен материјал“ од тоа, кога станува збор за храм што е симбол токму на тие вредности? 

Македонскиот поет Ацо Шопов во далечната 1955 година ѝ посвети песна на оваа катедрала, восихитен од нејзината убавина.

И тргнувам без надеж, без моќ.

Сена плиска под лотките леки...

Барем да сум само една ноќ

едно кубе на нејните плеќи!

Едно од кубињата секако е и на македонските плеќи. Македонското општество мора да се вклучи во обновата на Нотр Дам. Земјата која многупати досега ја почувствува благодетта на европската и светска солидарност, нема „обврска“, туку два милиони причини да биде заедно со европското семејство на местата каде од пепел одново се раѓаат и потврдуваат посакуваните вредности.