1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омикрон ја блокираше Данска

Бернд Ригерт
30 декември 2021

Бројот на заразени од корона во ЕУ вртоглаво расте. Со седумдневна инциденца од 1621 случаи, Данска во моментов е на прво место во светот. Брзо ќе ѝ се приклучат многу други европски земји.

https://p.dw.com/p/44z3a
Dänemark Kopenhagen | Neue Maskenregeln
Фотографија: Francis Joseph Dean/Dean Pictures/imago images

Омикрон варијантата на коронавирусот веќе две недели доминира во Данска. Ова не е големо изненадување со оглед на тоа дека бројот на заразени во земјата забрзано расте. Според последната статистика на Европската агенција за заразни болести (ЕЦДЦ), во периодот меѓу 7 и 21 декември стапката на заразени во Данска е 2100 на 100.000 жители, со што се искачи на врвот во Европа. ЕЦДЦ ја пресметува индиценцата на европско ниво за период од 14 дена. Данскиот институт Статенс Серум во Копенгахен прави седумдневна анализа, па така според нив седумдневната инциденца во земјата е 1621, што е највисока вредност во моментов во светот. И во Германија просечниот раст на заразени на 100.000 жители се пресметува на седум дена, што ја отежнува споредбата на европско ниво.

Бројот на заразени вртоглаво расте и во останатите европски земји, велат податоците на ЕЦДЦ. Во Словачка и Чешка има преку 1500 заразени на 100.000 жители во последниве 14 дена, потоа следи Ирска со 1400 и Холандија со 1300. И во Франција, Белгија, Хрватска и Кипар (со по околу 1000 случаи)  Омикрон „се погрижи“ за експлозија на заразата. За споредба, инциденцата во  Германија  во последниве 14 дена пред Божиќ според ЕЦДЦ била 790.

Загрижуваат прогнозите на Европската здравствена агенција, според кои стапката на заразени во Европа во следните денови и недели засилено ќе расте.  Бранот Омикрон  веќе не може да се запре, туку во најдобар случај да се забави, се вели во соопштението од 15 декември.

Повеќе заразени, помалку тешко заболени

Ако се погледне „шампионот“ Данска, се забележува дека актуелниот број заразени е значително поголем споредено со истиот период минатата година, кога бројот на заразени бил само една четвртина од актуелно регистрираните пациенти. Но, бројот на  хоспитализирани поради корона во тоа време е значително поголем отколку сега. Во понеделникот во Данска имало само 70 лица болни од Ковид-19 на интензивна нега. Според данските здравствени власти оваа бројка е за 50% помала споредено со последниот голем корона-бран во јануари 2021.

Стапката на вакцинација во Данска е 77%, а 42% веќе добиле и „бустер“ доза. Според анализата на Серум институтот, Данска значително ги засили мерките за превенција. „Најважно е што стапката на хоспитализации е прегледна“ вели Торбен Могенсен, анестезиолог и претседател на организацијата на пациенти „Лунге Форенинген“ и додава дека поради тоа не е загрижен дека данскиот здравствен систем би можел да колабира.

Многу тестови, многу потврдени инфекции – и обратно

Во понеделникот во Данска од 130.000 тестови се регистрирани 16.000 заразени, но данските медиуми пишуваат дека регистрираниот број на заразени и статистиките можеби не ја отсликуваат реалната слика во реално време, поради нередовното пријавување на бројките за време на божиќните празници. Споредбата е дополнително усложната поради тоа што во Данска, споредено со останатите европски земји, се прават многу повеќе тестови, па така се откриваат и поголем број заразени.

Во Германија, Роберт Кох институтот проценува дека „темната цифра“ на случаи со корона е многу поголема. Првиот човек на РКИ, Лотар Вилер, неодамна изјави дека според нивните проценки, на секој официјално регистриран позитивен тест, треба да се смета дека има четири до шест непотврдени инфекции. Тешко е да се каже колку е висок овој фактор во другите ЕУ земји. И ЕЦДЦ посочува дека статистиката зависи од „режимот на тестирање“ во земјите членки и уделот на позитивни тестови. Затоа нема опција за неспосредна споредба на бројките.

Ограничувања има, но не и за населението од пограничниот регион

Данска воведе серија ограничувања за да го спречи инфицирањето на луѓето. Театри, кина и музеи се затворени, баровите во 23 часот ставаат клуч на врата. Во гастрономијата важи правилото дека само вакцинирани, прележани или тестирани може да влезат. Алкохол се продава само во одредени периоди од денот. Капацитетите од продавниците се ограничени, а проширено е и правилото за носење маски. Огрничувања за контакти во приватната сфера не постојат. За влез во Данска од неделава е потребен и негативен тест покрај потврдата за вакцинација. Невакцинирани лица мораат да одат во карантин. Во германско-данскиот пограничен регион има исклучоци за лица кои работат преку граница или живеат во регионот, за кои нема контроли. Па така многу Германци одат во Данска да купат пиротехника за новогодишната ноќ зашто таа е забрането да се продава во Германија, но не и во Данска. „Околу 80 проценти од нашите муштерии се од Германија", вели еден продавач Данец од општината Крузау за порталот "Nordschleswiger.dk".

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија