1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан сака да биде лидер на Источна Европа

Кено Верзек
15 мај 2018

Унгарскиот премиер Виктор Орбан сака да застане на чело на Источноевропски блок во ЕУ? Дали е тоа реалистично?

https://p.dw.com/p/2xjhP
Ungarn Viktor Orbans Amtsantritt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Kovacs

Кога унгарскиот премиер Виктор Орбан држи важен говор, тој често намерно урфла провокативни мисли или слогани. На пример, по неговиот реизбор во 2014 година, тој ја прогласи за завршена „ерата на политичките дебати" во Унгарија и повика на „ера на дејствување". Истата година, тој исто така прогласи трансформација на Унгарија во „работно базирана, илиберална држава". Минатото лето, Европската Комисија во воведниот говор ја нарече „инквизиција“ и ја фалеше Унгарија како бедем на христијанската Европа.

Кога Орбан во четвртокот говореше во парламентот во Будимпешта, по повод неговото повторно полагање на заклетва на премиерската функција, неговиот говор беше неофанзивен, како ретко кога во последниве години. Тој зборуваше во стилот на искусен државник под чие достоинство е да подбуцнува и да провоцира. Но, колку помирувачки и да беше неговиот тон, толку Орбан остана тврд во ставовите.

Убавиот нов свет на Орбан

На внатрешнополитички план тој без многу калкулации, најави дека сака да владее најмалку до 2030 година - до тогаш имено Унгарија треба да им припаѓа на петте најдобри земји за живот во Европската Унија, гласи целта на Орбан. На либералната демократија, чија ера унгарскиот премиер смета дека е завршена, сега тој веќе не ѝ спротивставува „илиберална држава“, туку „христијанска демократија“. Формула, која секако е сигнал за тактичко попуштање на адреса на „Европската народна партија“ (ЕПП), во која интерно жестоко се спори за и против исклучувањето на Орбановата партија Фидес.

Ungarn Budapest - Regierende der Visegrád-Gruppe
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Koszticsak

Повеќе:

-Орбан - трн во телото на ЕУ

-Орбан ја повика ЕУ да се откаже од „заблудените“ идеи

-Национализам кој доаѓа од Исток

Повнимателно дипломатите ги слушаа надворешнополитичките пораки на Орбан, кои содржеа малку новини, но уште еднаш беа формулирани со сета јаснотија и тврдокорност: Унгарија, според Орбан, ќе остане во западниот сојуз, притоа, меѓутоа, во полето на тензии меѓу „Берлин, Москва и Истанбул“ стриктно ќе внимава на сопствените геополитички интереси и нема да спроведува „извоз на демократија“ или да застапува други идеолошки интереси.

Двата клучни надворешнополитички делови од говорот на Орбан се однесуваа на отфрлањето на проектот за Соединети држави на Европа, кој унгарскиот премиер го нарече „трескавичен кошмар'“. ЕУ, според него повеќе треба да дејствува како „Сојуз на слободни нации“ и за тоа Унгарија ќе се заложи со целата своја моќ. Истовремено Орбан на државите од регионот на Карпатите им понуди интензивна соработка со цел, тој да стане најбезбеден, единствен економски, трговски и сообраќаен простор со најбрз развој“.

Орбан како Макрон на Источна Европа

Орбан со тоа во европската политика се позиционираше како контрапункт на францускиот претседател Емануел Макрон. Но нему му е јасно дека сам, на своја рака, ни од далеку нема да биде сфатен сериозно во неговата намера со оглед на големината и на економската сила на Унгарија. Затоа Орбан веќе подолго време работи на поцврста алијанса на источните членки на ЕУ со кандидатите за членство во Унијата од Западен Балкан во приколката, која во и пред сѐ против Брисел настапува заедно и која го следи долгорочниот реформски план за „Европа на нации“- една ЕУ, која во суштина функционира како економска алијанса и прашањата на правната држава и на демократијата им ги препушта на нејзините држави членки. 

Во овој контекст, мора да биде оценувана и првата поголема посета во странство на Орбан по неговиот реизбор, која во понеделникот го однесе во Полска кај Јарослав Качински. Веќе во текот на викендот Орбан беше во Словенија, и таму се вклучи во предизборната кампања за националистичко-конзервативната партија на поранешниот премиер Јанез Јанша, која исто како и Орбановата Фидес е членка на ЕПП.  Добри односи Орбан веќе подолго време одржува и со други политички лидери од регионот: со  поранешниот премиер на Словачка, Роберт Фицо, кој останува главен играч во неговата земја, со Ливиу Драгнеа, шефот на романската Социјалдемократска партија, која всушност е националистичко- транзициско-комунистичка партија, со бугарскиот премиер Бојко Борисов, со екс-премиерот на Македонија, Никола Груевски, и со Александар Вучиќ, национално-конзервативниот претседател на Србија, за чија брза интеграција во ЕУ Орбан особено интензивно се залага.

Nikola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: MIA

За овие и многу други политичари од регионот, авторитарниот, нетранспарентен и коруптивен модел на владеење на Орбан е атрактивен. Но, како единствен блок, источноевропските земји членки на ЕУ досега ретко настапуваа, како на пример за прашањето за квотите за бегалци, а дури и во тоа постојано имаше нијанси.

Источна Европа не е единствена

Генерално, различните интереси и односите на политичката моќ во одделни земји во моментов ја прават анти-Брисел Алијансата на истокот на ЕУ, малку веројатна. На Полска и на Романија не им се допаѓа прорускиот курс на Виктор Орбан и Роберт Фицо, Чешка и Бугарија се поделени околу ова прашање, дури и во оценката на развојот настаните во Украина мислењата се поделени, а односите меѓу Унгарија и Хрватска, и покрај сличната идеолошка ориентација на владите во двете земји, дури се и прилично тешки.

Покрај тоа, ниту еден друг политичар на истокот од ЕУ нема толкава политичка моќ во својата земја како Орбан. Така може да се случи на Орбан на крајот како можност за закани да му остане само неговото право на вето. Тој само  пред неколку дена најави дека ќе го искористи ако биде потребно. На прашањето за почетокот на дебатата за буџетот на ЕУ и за можната поврзаност помеѓу доделувањето на субвенции со владеењето на правото, Орбан во неговото неделно радио интервју порача: „Само смирено. Сѐ додека Унгарците не се согласат, нема да има буџет ...“.