1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Осуетен план за атентат врз Макрон

ЖА / агенции
6 ноември 2018

Во Франција се уапсени шест лица, ултрадесничари, поради сомневање дека планирале напад врз претседателот Емануел Макрон. Плановите биле во почетна фаза.

https://p.dw.com/p/37kHd
Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според француската телевизија БМФ, шесте уапсени лица припаѓаат на десноекстремната сцена. Тие биле притворени денеска од страна на тајната служба ДГСИ, објави Франс инфо, повикувајќи се на извори од правосудството. Парискиот обвинител наредил отворање прелиминарна истрага поради сомневање дека лицата формирале криминално терористичко здружение. Како изгледале поточно плановите на осомничените, не е соопштено, се вели дека „истрагата се однесува на, во моментов, нејасен и недефиниран план за вршење насилен напад“. Од кругови на истрагата се дознава дека лицата биле уапсени во три региони во Франција, едниот е Изер, југоисточно од Лион; вториот е Мозел, на границата со Германија и Луксембург и третиот - Ил и Вилен, северозападно од Рен. Засега не е јасно каква била поврзаноста меѓу лицата и во каков контакт биле.

Макрон во интервју објавено во неделата предупреди на опасноста од десноекстремистичките движења низ цела Европа. Тој потсети дека самозадоволството во 1930-те години го отвори патот за Адолф Хитлер во Германија и за Бенито Мусолини во Италија. 

Во октомври 2017. година француските безбедносни служби уапсија десетмина десничарски екстремисти кои планирале атентати врз политичари, бегалци и џамии. Како можна цел беа посочени и тогашниот владин портпарол и сегашен министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер и левичарскиот политичар Жан-Лук Меланшон.