1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разногласие во Вашингтон

16 јуни 2022

Поддржувачите на Отворен Балкан поаѓаат од претпоставените економски придобивки, опонентите се фокусираат на ризиците од влетување во проекти за кои не се знае каква е финалната замисла. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4CmTQ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Жестоките про и контра дебати веќе станаа пропратен феномен на секоја средба или настан поврзан со Отворен Балкан. Последната средба во Охрид не беше исклучок. Но овој пат дебатата беше засилена со невообичаено жестока и отворена опозиција кон проектот од страна на видни ликови од САД, досега единствената земја од Западот со каква-таква јавно искажана наклонетост, ако не и поддршка. Службените претставници за земјите членки, како и симпатизерите на  проектот Отворен Балкан  воглавно се обидуваа да ги минимизираат таквите разногласија, ставајќи го акцентот врз изјавите на службено присутните претставници од САД како Кристофер Хил и Габриел Ескобар. Од друга страна, опонентите на проектот најдоа охрабрување во редицата изјави од видни набљудувачи од САД, како Даниел Фрид, Едвард Џозеф, Јанош Бугајски и нивните аргументи против дружбата на Вучиќ, Рама и Ковачевски. Разногласието не донесе ниту до зацврстување на соработката, уште помалку до закопување на проектот. Но и тоа беше доволно за сенката на сомнежот за целисходноста на Отворен Балкан да биде ставена под уште позасилена лупа на анализирање и дилема. Сега, со помош од САД. 

Самата подрдшка искажана од Хил и Ескобар не е и не може да биде спорна или контроверзна, благодарение на нивната службена природа на претставници на американската надворешна политика. Како такви, од нив не може да се очекува, камо ли да се бара да изнесуваат ставови и размисли надвор од зацртаните задачи како дипломатски претставници. Дури и доколку во нивниот тон се насети одредена доза на резерва или воздржаност. Од друга страна, гласното и отворено негодување на поранешни американски дипломати и службеници кон активни процеси поддржани од нивната администрација, е сепак новитет кој фрла поинакво светло врз тековните дебати во и околу регионот. Се разбира, искажаното разногласие и несогласност тешко дека е мотивирано од некакви приватни или персонални побуди и мотиви, како што впрочем може да се заклучи и низ аргументите на противниците на Отворен Балкан. Кои се воглавно засновани врз недопеченоста на замислата, несеопфатноста на групата, задните намери на одредени земји членки и ризиците по регионот и американските интереси во него. 

-Други колумни од авторот: Коалицијата СДСМ-ДУИ може да биде сѐ, но никогаш меѓуетничка

Доколку би инсистирале на наоѓање разлики во пристапот кон ОБ, првата забелешка би се однесувала на фактот што подршката претежно доаѓа од кариерни дипломати како Хил, Ескобар, а сетики тука некаде се и Филип Рикер и американските амбасадорки во регионот (Брнс, Ким, Рајнке) именувани во време на администрацијата на Трамп. Кон нив би ги додале и самопрогласените „шминкер-познавачи” на регионот како Александар Сорос и Ричард Гренел со сите нивни некогаш сиви, понекогаш нескриено сомнителни авантури на Балканите. Она што еособено интересно е што нивната поддршка е најчесто пренесена низ стриктно службен вокабулар, внимателно избрани ставови и отсуства на преголема ентузијастичност. Што особено се покажа низ рекалибрацијата на поддршката од страна на Габриел Ескобар и неговото акцентирање на „обврската за севкупно учество на сите земји во регионот” и особено ставот (кој наликуваше на предупредување) дека иницијативата мора да остане во рамките на економијата и да не прерасне во некаква политичка конструкција. Што неминовно го подвлекува прашањето: каков би бил односот на САД доколку  Вучиќ и Рама сепак се оглушат од таквиот став и се определат за некаква политичка надградба изведена под наводен благослов на САД, но со непредвидлива адреса за идните кост-бенефити експлоататори на некаков неутрален Отворен Балкан?

Тоа прашање лежи во сржта на реакциите на опонентите на Отворен Балкан од Вашингтон, искажани од Фрид, Џозеф и Бугајски со отворени сомнежи за улогата на Русија во позадината на иницијативата. Особено во светло на поведението на Вучиќ кон Руската Федерација, но и историјата на „прелети” на Еди Рама од едни во други гео-стратешки партнерства. Лишени од обврската да ја следат службената нота на нивната администрација и со огромно информациско и историско искуство од регионот, опонентите нудат цела лепеза аргументи зошто САД пред се, но и другите земји надвор од иницијативата, треба да бидат сомнителни кон мотивите и решително одбојни кон понудата за приклучување. Доколку аргументите на поддржувачите се воглавно засновани врз претпоставените економски придобивки од Отворен Балкан, опонентите нудат уште посилни аргументи за ризиците од влетување во проекти за кои ниту се знае кој плаќа, ниту кој решава, ниту кој координира, ниту каква е финалната замисла. Што е секако повод за длабоко промислување и причина за здрава скепса, дури и кон слатките приказни за „економијата која не познава граници”.

-Други колумни од авторот: Баучот на идентитетите над Источна Европа

Линијата на разграничување помеѓу двете американски линии на размислување за потребата и/или опасностите од  Отворен Балкан  минува и низ некои лични искуства на учесниците во полемиката. Повнимателно набљудување на листингот на поддржувачите укажува на куриозниот детал дека воглавно станува збор за лица, дипломати со богато (семејно или почетничко) искуство на престој или службување во СФРЈ. А притоа да не ни зборуваме за нивната директна вмешаност во кастрење на политичките билки во регионот од кои израснале не мал број од овдешните автократски краставици. Таквата сличност на кариерните патешествија на засегнатите упатува на сомнеж дека нивната визура за Отворен Балкан е нус продукт на она што го паметат за Белград како „светол либерален исклучок” во регионот во време на комунизмот. Што е секако убава, симпатична, дури замисла како омаж кон младоста и градот во која истата ја поминувале. И ништо повеќе од тоа, доколку се земе предвид дека таквиот Белград и Србија од нивната младост биле резултат на целосно различни околности, дијаметрално спротивни контексти и суштински неспоиви политички реалности. Втората причина, троа парадоксална, е што денешниот Белград и денешна Србија немаат речиси ништо заедничко со Белградите и Србиите на нивната младост, меѓу другото и поради миопичните одлуки и избори на сегашните американски поддржувачи на Отворен Балкан. Велам, парадоксално, бидејќи благодарение на политиките на стабилократските носталгичари од Стејт департментот, тој имагинарен прогресивен Белград, Србија и Балкан денес попрво ќе го најдат во сопствените соседства во Вирџинија и Пенсилванија, отколку во Скадарлија и Шумадија.

Последната и можеби најбитна линија на разграничување помеѓу двете групации е онаа околу односот кон народите и државите во регионот. Поддршката на официјален Вашингтон кон иницијативата сѐ повеќе наликува на отстапување од политиката на „договори помеѓу државите” и враќање кон марксистичката логика за „договори помеѓу народите”. Со таквиот пристап Вашингтон речиси ја прифаќа популистичката логика на Вучиќ и Рама, а со нив и ретроградноста на дијалогот оптеретен од фолкерство, шунд, кич и патетика. Таквата блискост на администрациите на Трамп и Бајден кон двоецот Вучиќ-Рама го оневозможува било кој реформски модерен процес и исчекор кон Европа. Држејќи го регионот во перпетуално лимбо на „чобанскиот рок” од раните осумдесети и го хендикепира „eлектричниот оргазам” на младите, современи струења во Србија и Косово.

-Други колумни од авторот: Од Брегзит до Брисоут: Европа среде Сцилите и Харибдите на Макрон

Поддржувачите, а не опонентите на Отворен Балкан, ја хендикепираа иницијалната замисла на проектот како инструмент за привлекување на Србија кон Западот. Замисла која не беше никогаш ентузијастично прегрната, но сепак прагматично прифатена и уважена од сите соседи на Србија, вклучително и Косово. Таа прагматичност се прекрши во часот кога замислата за Отворен Балкан како мост за Србија кон Европа, се извитопери во мост за Балканот кон оваа денешна Србија на минатото, лицемерното, грдото, хејтерското, крвавото, исфрустрираното и насилничкото –бладодарение на нео-Милошевиќизмот на Вучиќ и диктаторската матрица на Еди Рама.  Опонентите, овдешни и американски, на таа мимикрична Србија ги имаат изнесено сопствените аргументи. Останува надежта дека поддржувачите на Отворен Балкан од САД ќе ја спасат смислата на иницијативата преку нејзино замрзнување, дистанца, оградување и одбивање. Сѐ додека на чело на Србија и Албанија не дојдат водачи достојни на замислата, одговорни пред граѓаните, чесни кон соседите и спремни заложбата за Отворен Балкан првично да ја докажат преку отварање на сопствените земји. И пред сѐ – умови.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач