1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парижаните му пркосат на теророт

Барбара Везел/ Ж.А.15 ноември 2015

Жителите на француската престолнина тагуваат и дискутираат. Многумина се согласни во констатацијата: терористичките напади нема да го диктираат секојдневието.

https://p.dw.com/p/1H69z
Фотографија: DW/L. Scholtyssyk

Илјадници Парижани синоќа и денес доаѓаа до авенијата „Рихард Леноар“ пред блокираниот агол пред концертната сала „Батаклан“. Клубот стана симбол на разулавеното насилство во францускиот главен град. Ова е еден вид неформална богослужба без свештеник. Купишта цвеќиња се оставени на асфалтот, неколкумина мажи им делат свеќи на граѓаните, многумина молчешкум со наведната глава се задлабочуваат во молитва. Сцените наликуваат на часовите по нападите врз „Шарли Ебдо“, само што овојпат има повеќе жртви, а бројни ранети уште лебдат во животна опасност во околните болници.

Оддавање почит на загинатите

Учителот Роберт е дојден со својот син, двајцата в раце држат неколку рози. Тие живеат во квартот и сакаат на некој начин да учествуваат во заедничкото чувство на тага. Студентот Франсоа објаснува - често доаѓал во Батаклар, место со добри музички бендови. Но сега, убеден е тој, да се оди таму идната недела, наспроти нападот, како што најави мнозинството преживеани, би бил погрешен сигнал: „Треба да се покаже почит кон мртвите, за тоа е потребно извесно време“, смета Франсоа. Од друга страна, не сака да биде заплашен од терористите: „Право на секој поединец, човечко право е да се отиде на некој концерт, во кафуле на средба со пријателите“. Никој не смее да им дозволи на терористите тоа да му го одземат.

Paris nach den Anschlägen
Фотографија: DW/L. Scholtyssek

Неговиот татко ужасно се возбудува поради, како што мисли, грешката на владата. Не дека таа направила премалку против теророт - таа пробува се‘, но можеби малку успева. Можеби многумина од напаѓачите се Французи, родени тука, кај кои многу нешта тргнале наопаку, смета тој. А политика која им проповеда морал на муслиманските земји, но притоа и самата прави зделки со Саудиска Арабија, е тотално неверодостојна. Ваквиот двоен морал води до тоа никој веќе да не ги сфаќа сериозно демократските и републиканските вредности, вели Роберт.

Политичките кавги блокирани од тагата

Покрај местата каде се палат свеќи и се полага цвеќе, во бројни мали групички живо се дискутира, но вистински бес кон муслиманите или нескриена лутина кон социјалистичката влада речиси нема. Деснорадикалниот Национален фронт овде не е добредојден, а мноштвото мислења се диференцирани. На сите парижани им се познати бетонските пустини на предградијата, мрачните и бесперспективни градски периферии, во кои многумина ја гледаат одговорноста за радикализацијата на северноафриканските младинци. „Предолго немо го гледавме тоа, без да преземеме нешто за таа младина!“, гласи тенорот. Ретко некој го обвинува директно Франсоа Оланд за настаните, иако многумина со неодобрување ја вртат главата околу неговото претседателство, кое влегува од една во друга катастрофа.

Paris nach den Anschlägen
Фотографија: DW/L. Scholtyssek

Малкумина гледаат одговорност и во тајните служби, кои по нападите врз „Шарли Ебдо“ се „вооружени“ со широки компетенции за електронско аудио следење и видео надгледување. Каква е помошта тука од нови закони, дофрла еден граѓанин: „Тие не можат да им гледаат на луѓето во главите“. Некои безбедносни лица можеби потфрлиле, можеби и од соседна Белгија не внимавале добро, ја немаат целосно под контрола нивната терористичка сцена. Тоа што париските атентати имаат се‘ поверојатна белгиска поврзница, за многумина значи речиси олеснување, можеби сите злосторници не доаѓаат само од париските предградија.

Што се однесува на најавата за „војна до истребување“, со која претседателот Оланд и‘ објави војна на Исламска држава, не сите го држат за збор: „Тој само сака да звучи како Џорџ Буш, исто толку решително и радикално, но ние знаеме како кај Буш заврши тоа со Ирак“, вели Сандрин, која штотуку го стави својот букет цвеќе кај останатите. „Тероризмот сепак не можеме да го победиме со уште повеќе војна, тоа е луда идеја“, смета таа, дополнувајќи: „Сепак, тероризмот не смее да не‘ победи.“

Се‘ уште еден од најубавите градови во светот

Во малиот хотел наспроти „Батаклан“ цел ден ги примаат откажувањата на туристи. Во моментов не би доаѓале во Париз, велат многумина. Собите брзо се пополнуваат со стотиците новинари, опремени со камери, техника, кои ги „окупираат“ тротоарите околу „Батаклан“.

Парижанката Зое е уверена - за разлика од исплашените туристи, тукашните жители не смеат да подлегнат на стравот: „И натаму ќе се возам во метро, ќе одам на уличните панаѓури, во продавници, во кафулиња“, истакнува таа.

Токму сега е важно придржувањето кон француските вредности: слободата, еднаквоста и братството. Без оглед на се‘, се‘ уште се живее прилично заштитено и привилегирано, ако се помисли на многуте катастрофи во светот. „Сакам и натаму да одам во музеи, овде имаме неверојатна култура, прекрасна архитектура“, вели Зое. „Париз, и покрај се‘, останува еден од најубавите градови во светот.“ Неговите жители во секој случај кон теророт покажуваат дух на отпор, вреден за почит.