1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зимска бајка во Пекинг

Хао Гуи/бг31 јули 2015

По Летните олимписки игри во 2008, кинескиот главен град ќе ги организира и Зимските во 2022. Се очекува нов спектакл, но не се сите одушевени од идејата, особено поради големата загаденост и човековите права

https://p.dw.com/p/1G7vk
Фотографија: Getty Images/V. Thian

Меѓународниот олимписки комитет денеска го избра Пекинг за домаќин на Зимските олимписки игри во 2022 година, и со тоа кинескиот главен град стана првиот во историјата кој ќе ги нагости врвните светски спортисти и на Летни и на Зимски игри.
Пекинг беше избран пред главниот, и единствен, конкурент - казахстанскиот Алмати, и притоа не беше земено предвид едно од правилата на МОК кое гласи: Олимписките игри не смеат двапати едноподруго да се одржуваат на ист континент. За потсетување, ЗОИ 2018 ќе се одржат во јужнокорејскиот Пјеонгчанг, а летните во 2020 во Токио.

Извонредна инфраструктура и голем потенцијал

МОК го оправда својот избор со извонредната инфраструктура во градот. Од приложените документи беше јасно дека Пекинг за ЗОИ ќе мора да изгради само уште еден стадион. Претходните спортски објекти, изградени за Олимпијадата во 2008, со леснотија можат да бидат пренаменети за зимски спортови.
Сепак, на Пекинг му недостасуваат планини и снег. Затоа, игрите нема да се одржуваат само во Пекинг, туку и во Жангџиаку. Овој град е оддалечен околу 220 километри од Пекинг, и во него ќе се организираат спортовите на отворено. Кина вети дека ќе ги поврзе двата града со брза железница до 2019 година. Растојанието ќе се минува за 50 минути.

Peking 2008, Wulihe-Stadion Shenyang
Олимпискиот стадион во ПекингФотографија: picture-alliance/ASA

Големи предизвици

Во изминативе години Кина честопати беше домаќин на големи меѓународни настани. Во 2010 во Шангај се одржа светскиот саем Експо. На тој начин, Кина се надева дека ќе се здобие со меѓународно признание за своето значење во светската политика.
Но, остануваат и големи грижи- како и пред Летните игри во 2008- а тоа се загадениот воздух и животна средина. 16-милионската метропола Пекинг во зимските месеци се грее на јаглен. Тоа најчесто предизвикува густ, со денови присутен смог. Градоначалникот на Пекинг Ванг Аншун на претставувањето на кандидатурата вети сериозни мерки за намалување на загадувањето. „Ќе ги дадеме сите потребни гаранции“, дополни и кинескиот вицепремиер Лиу Јандонг.
Конечно, останува и проблемот со ограничените слобода на печатот и човековите права. „Овие две теми треба да бидат најголемиот предизвик во примената на концептот“, смета претседателот на Германскиот олимписки сојуз, Алфонс Херман. Пред донесувањето на одлуката, пет кинески групи за човекови права побараа од МОК, да не и‘ ги доделува Игрите на Кина. Таквата одлука ќе биде „погрешен сигнал кон целиот свет, и ќе го охрабри авторитарниот режим, уште пожестоко да ги гази човековите права“, соопштија од овие организации.