1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите македонски кризи решавани со странско посредништво!

Катерина Блажевска23 февруари 2015

Македонија е во најтешката политичка криза досега, која тешко ќе се реши без странско посредништво и помош, оценуваат амасадори и аналитичари.

https://p.dw.com/p/1EfyO
Фотографија: DW/K. Blazevska

Макс ван дер Штул, Герт Аренс, Ричард Холбрук, Робин О' Нил, Џејмс Пердју, Франсоа Леотар, Штефан Филе... Долг е списокот на странски политичари и медијатори, кои по осамостојувањето на Македонија помагаа во решавањето на разни домашни кризи. Ако пред две децении тоа беше оправдувано со помош за заздравување од „непрележаните детски болести“ на младата држава, денес, 24 години подоцна, граѓаните на Македонија се соочени со суровата реалност: политичките елити и натаму градат „капацитет“ за создавање внатрешни кризи, но не и волја, знаење и механизми за нивно решавање. Земјата и денес рефлектира потреба од помош, а елитите поради неуспехот сами да се справат со проблемите, покажуваат и одреден отпор кон активностите на т.н „шатл или булдожер -дипломатија“.
Амбасадорот и поранешен министер за надворешни работи, Денко Малески, потсетува дека првата македонска криза датира од распадот на југословенската федерација. Некои од републиките одбраа војна, на некои таа им беше наметната, а Македонија избра мир и поради истрајноста врз таквата политика имаше силна поддршка од Запад.
„Поддршката беше толку силна што Америка, по повлекувањето на ЈНА, помогна во превентивна мисија, да се распоредат сили на ОН долж нашите граници, а префрли и контингент свои војници од Германија на аеродромот Петровец. Потоа, почнавме да ја учиме лекцијата дека не е лесно да си слободен. Како независна држава моравме да си ги уредиме внатрешните односи, не според желбите на мнозинството Македонци кои сакаа „да се знае кој е газдата во куќата“, туку согласно со европски стандарди за правата на малцинствата. Младите премиери од двете доминантни партии, без доволно знаење и искуство, ни самите не разбираа, ниту општеството можеше да разбере дека мајоризацијата е во основата на целокупната југословенска криза, зашто и другите етнички групи имаат големи очекувања од демократијата, па во 2001. година влетавме во стапицата во која десет години порано влегоа другите народи“, потсетува Малески.
Најтешка криза досега
Охридскиот договор, со кој се врати мирот во државата, беше резултат на силно посредништво и помош од ЕУ и САД. Франсоа Леотар, претставник на ЕУ, кој заедно со претставникот на САД, Џејмс Пердју, работеше на постигнувањето на Охридскиот договор, во едно од неговите интервјуа посветени на тој период вели: „Имав чувство дека служевме за нешто во услови кои не беа лесни. Јас имам многу убав и светол спомен од вечерта, кога околу работната маса се најдоа сите кои го потпишуваа документот, кој на еден начин ги ослободуваше од многу старите стравови“.
Со странско посредништво беа решавани и други проблеми. Пред Универзитетот на ЈИЕ, денес популарно наречен Штулов, стои бистата на Макс ван дер Штул, поранешниот висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, кој посредуваше за надминување на проблемите со Тетовскиот универзитет. Со странска помош беше постигнат и т.н. Мајски договор во 2008. година, кога во владата влезе ДУИ, но за неговата содржина малку се знаеше, бидејќи договорот не беше објавен. По собраниските настани од 24 декември 2012 година, Договорот од 1-ви Март беше постигнат со европска експертска помош и со ангажман на еврокомесарот Штефан Филе. Но, недовршените домашни задачи, натамошното отсуство на политичкиот дијалог и бојкотот на опозицијата на парламентот со обвинувања за нерегуларен изборен процес, за кои власта не покажа слух, завршија со објавувањето на т.н. опозициска „бомба“. Презентирањето на тие сознанија, кои, според опозицијата, сведочат за кршење на човекови права и криминал на власта, а според власта - за „обид за пуч и насилство кон државни функционери“, создаде нов Гордиев јазол.
„Република Македонија ја доживува својата најголема политичка и општествена криза од независноста до денес“, дециден е во оценката поранешниот министер за надворешни работи, Александар Димитров. Вината ја гледа во политичките раководства, кои од 1991 година до денес, „не знаат што сакаат со Македонија“.

Според Малески, причина за актуелната криза е мнозинското владеење на двете најголеми етнички заедници, кое со време се претворило во тиранија на мнозинствата.
„Државата доби опасно неконтролирана власт. Бидејќи, со објавувањето деновиве на нови докази за злоупотреби на моќта, кризата во Македонија би можела да се продлабочува и да се префрли на меѓуетнички план, не исклучувам некаква форма на интервенција, но пред се‘ во форма на осуда на владата и на нејзините политички практики. Поддршката од Запад за Македонија да се врати на вистинскиот пат, не може да биде во испраќање контингент судии кои би суделе место нашите судии, туку во оспособување на државата демократски да се управува. На крајот на денот, се‘ повторно ќе зависи од нас“, потенцира Малески.
Парламентарен Комитет?
На тоа се надева и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, кој дури и не криеше дека бил советуван да не доаѓа во Македонија, бидејќи „таму ситуацијата е нејасна“. Откако, сепак дојде, и ги слушна сите „страни“, вклучително и за содржината на „бомбата“, тој препорача институционална постапка за нивно разјаснување.
„Ова е нешто многу сериозно и уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно, како што е вообичаено во многу земји според политичката пракса, треба да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Парламентот и политичкиот дијалог да се одвива таму“, порача Хан.
За таква опција засега нема никакви сигнали, а поделени се ставовите околу потреба од странско посредништво. Аналитичарите кои се противат на тоа, немаат одговор на прашањето зошто тогаш домашните елити не успеваат сами да ја решат кризата. Други, пак, се уверени дека во моментов тоа е единственото решение. Аналитичарот Назим Рашиди е уверен дека има потреба од странски медијатори, со оглед дека во Македонија и досега тешко се наоѓало самостојно решение кога имало сериозни кризи, пред се, поради „ниската свест кај политичарите и големиот антагонизам меѓу нив, без чувство за државност“.
„Но, битно е страните да сакаат некој да им помогне. Во оваа фаза, вопошто не е битно дали тоа ќе биде некој од странство или не. Страните прво треба да признаат дека имаат потреба од помош. Ние се соочуваме со ситуација кога и апсурдноста во политичките односи ни се сервира како нормална. Од друга страна, со ставови дека се‘ што се случува е поради странски мрачни сили кои и‘ сакаат само зло на Македонија, се елиминираат можностите патнерите на Македонија, кон кои таа се стреми, да помогнат. Тоа што сега треба да се сфати е дека Македонија е во најтешката криза која и најголемите непријатели не би можеле да ја измислат. Дури пострашна и од кризата во 2001 година. Тогаш само еден дел од нејзините граѓани не веруваа во институциите. Сега никој не верува. Државата е во клиничка смрт, кома, на која и‘ треба сериозен импулс кој очигледно не е можно да биде домашен“, оценува Рашиди.
Според него, ситуацијата е резултат на фактот дека оваа генерација политичари никогаш демократијата и политиката не ја сфатиле како најсериозното и најсветото нешто за развитокот на Македонија.
„Политиката или се користи за продобивки, или за неутрализација на другиот. Првично тоа беше на меѓуетнички план, кога никогаш не се зедоа предвид политичките барања на Албанците, а сега се‘ е на ново и тотално незамисливо ниво на интраетнички план и битка, каде тој другиот, без разлика кој е, се смета за непријател“, укажува Рашиди.
Ќе има ли, и кој ќе биде следниот медијатор во решавањето на европската криза? Според дипломатски извори, „тоа е сосема извесно, но допрва и многу брзо треба да се утврди форматот“. Веруваат дека насоките ќе бидат многу појасни по средбата на македонскиот премиер Никола Груевски со првиот човек на Европската комисија, Жан -Клод Јункер, во четврток, во Брисел.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Државата е во клиничка смрт, кома, на која и‘ треба сериозен импулс, убеден е РашидиФотографија: MIA
Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко Малески: На крајот на денот, се‘ повторно ќе зависи од насФотографија: privat
Mazedonien Skopje Proteste gegen Regierung wegen Abhörskandal
Македонија ја доживува својата најголема политичка и општествена криза од независноста до денес, оценува поранешниот министер за надворешни работи, Александар ДимитровФотографија: DW/K. Blazevska