1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Пет децении ДВ на македонски: Гордост и привилегија

Зоран Јордановски
11 мај 2019

Со пренесување на спротивставени мислења посредно ја афирмиравме културата на демократски дијалог во средина во која со децении владеело едноумие. Пишува Зоран Јордановски 

https://p.dw.com/p/3I5r8
Deutsche Welle Mazedonisch Zoran Jordanovski
Фотографија: DW/P. Henriksen

„Почитувани, ве слушам најредовно. И сите мои колеги ве слушаме и читаме на интернет. Едино Дојче Веле е најобјективен медиум на нашиот македонски простор. Жалосно, но добро е што го има”. (Никола Д. од Велес, 2010)
Гласот на оние за кои работиме – нашата публика. Во неколку зборови резиме на безбројните реакции, сублимат на убедливо најголем дел од оцените во нив. А за нас најголема награда за сиот дотогашен и пресуден мотиватор за идниот ангажман.

Да се освои и особено да се зачува довербата на публиката е најтешката задача и врвна цел во новинарството - или барем би требало да биде ако искрено и се приоѓа на професијата. А таа доверба уште и се засили во услови кога и’ се закани граѓанска војна на земјата кон која емитуваме, од која потекнуваме и во која ни живее голем дел од семејството, пријателите. И, колку и да си самокритичен и строг кон себе, пријатно ти е сознанието дека илјадници тебе лично непознати луѓе ти оддаваат признание оти си направил за нив нешто што им значи, им треба, им е важно во животот. Накратко – си успеал во професијата! 

А во мислите ти навираат сеќавања сите лични дилеми додека татнеше оружјето во татковината, или на притисоците од Бугарија, а особено од Грција, од официјални места и од граѓани затруени со национализам, кои протестираа кај ДВ што емитува на јазик што не го признаваат, за народ што не го признаваат. Си приспомнуваш дека на луѓе родени, растени и воспитувани во социјализам им треба одговор, објаснение што и зошто се случува во години и децении на трансформација, со сите застранувања со кои се одвива таа во Македонија, да им понудиш поширок видик за процесите во светот, да им пренесеш слика како живеат луѓето во Европа, што ги интересира, како размислуваат, да им ги направиш Германија и Европа поблиски во време кога владееше ригорозен визен режим и само мал дел од таа публика можел непосредно да ги запознае и доживее. 

Култура на дијалог

Со пренесување на спротивставени мислења посредно ја афирмиравме културата на демократски дијалог во средина во која со децении владеело едноумие. Тоа го демонстриравме и во дијалогот со нашата публика. Нормално, во неа имаше и луѓе кои не се согласуваа со дел од она што го објавуваме и она што не им се допаѓа ни го припишуваа како наш личен или редакциски став. Како уредник на редакцијата настојував да одговорам првенствено на тие кои ни се обраќаа со критички забелешки, независно од тоа колку се остри или неоправдани. Исклучок беа само оние со вулгарен говор. Се разбира, имаше и оправдани приговори, кои го заслужија нашето извинување. Не ми беше тешко да го напишам, но ми беше тешко да се помирам со секоја грешка која можеше да биде избегната. 

Der mazedonische Außenminister Nikola Poposki in Berlin
Зоран Јордановски со поранешниот шеф на македонската дипломатија Никола Попоски во Берлин во 2011 годинаФотографија: DW/Silvera Padori

На резултатите на Македонската редакција можеа да им завидуваат најголемиот број од другите во ДВ: за повеќе од четири петтини испитаници во анкетите во Македонија ДВ беше познат поим, речиси секој десетти од анкетираните беше редовен слушател на радио-програмата на ДВ (во воената 2001-ва и неколку години потоа ДВ емитуваше пет получасовни информативни емисии секој ден – толку немаше ни Македонско радио – Радио Скопје!) гледаноста на нашите ТВ-магазини беше повисока од гледаноста на телевизијата преку која ги емитуваме, процентот на посетители на нашата интернет-страница во однос на бројот на жители на државата за други редакции значеше дека треба да имаат десетици, дури и стотици милиони посетители. Но, во апсолутни бројки до израз постојано доаѓа хендикепот да припаѓаш на мал народ. Поради тој хендикеп понекогаш се доведуваше под прашање и опстанокот на редакцијата. На крајот, сепак, секогаш победуваа мотивите поради кои пред 50 години ДВ ја воведе програмата на македонски. 

Ѕвездени моменти

Зад се’ што постигна Македонската редакција на ДВ стојат – со оглед на обемот на програмската понуда - релативно мал број членови на редакцијата, во променлив состав, гостите-уредници од Радио Скопје и дописниците. Во нашите “ѕвездени моменти” ги имавме во водечките светски престолнини, како и во балканското соседство на Македонија. Радио-програмата ја пренесуваа и десетици партнерски станици во Македонија, но и во Северна Америка и Австралија. На Македонската програма на ДВ ексклузивно гостуваа сите досегашни претседатели на Македонија, премиери и министри, но го пренесувавме и гласот на граѓаните. Соговорници ни беа и германски претседатели, канцелари, претседатели на Бундестагот и Бундесратот, министри, пратеници, европарламентарци, политичари од Балканот. Со користење на централната понуда на ДВ на нашите консументи можевме да им ги понудиме со оригинален тон или слика сите релеватни јавни личности на нашето време од политиката, економијата, уметноста, спортот, црковниот живот…

Верувам дека многумина колеги новинари од Македонија ни завидуваа и завидуваат на можностите и условите што ги имаме за работа. Нивните признанија имаат голема специфична тежина за нас: “Во изминатата година програмата на македонски јазик на Дојче Веле остави силен впечаток и влијание врз македонската внатрешно- и надворешно-политичка агенда. Со своите динамични, релевантни и одговорно направени информативни емисии пет пати дневно, Дојче Веле стана информативен медиум без кого нашата медиумска сцена би била неспоредливо посиромашна, а радио слушателите закинати за еден важен дел од информациите и различните политички и безбедносни аспекти коишто ја сочинуваа годината на опасно живеење во Македонија. (…) Ударните вести на Дојче Веле во три часот попладне често се и порелевантни и секако пообјективни од оние на Македонското радио триесет минути подоцна. Многу луѓе – вклучувајќи го и потписникот на овие редови – не само што се редовни слушатели на овие вести, туку потребата да ги слушнат и информациите на Македонското радио им е се помала”. (“Форум” – С. Орданоски, декември 2001),

„Неодминлива референца“

Ако пофални зборови кои ги надминуваат рамките на вообичаената куртоазија доаѓаат и од редовите на политиката, кон која честопати е насочена токму острицата на критичкиот новинарски поглед, тогаш и тоа кажува многу за постигнатиот углед и реноме: “Успеавте квалитетно да ја одиграте улогата на промотор на демократијата и на цивилното општество демонстрирајќи професионални стандарди во новинарството. Со објективното и избалансирано информирање Радиото Дојче Веле успешно го гради сопствениот рејтинг на добро информиран, аналитичен и влијателен медиум, кој станува незаобиколен фактор во градењето на јавното мислење во Република Македонија” (Б. Црвенковски, Претседател на владата на Република Македонија, април 2003). 

Mazedonischer Präsident Gjorge Ivanov in Berlin
Во разговор со претседателот Ѓорге Иванов, Берлин 2009 година.Фотографија: Silvera Padori

Профилот на нашата публика е широк и не беше ограничен на една целна група, ниту само во Македонија. “Подолг временски период сум верен слушател на емисиите на македонски јазик на Дојче Веле. (…) Тие се прекрасна дневна синтеза на најзначајното во Европа, светот, Македонија и се разбира Германија. И за нас дипломатите далеку од нашата земја емисиите на Дојче Веле ни се ‘неодминлива референца’ а често и прв звучен контакт во денот со Македонија” (Л. Старова, амбасадор на Македонија во Франција и постојан делегат во УНЕСКО, 1998).

Работата на Македонската редакција на ДВ беше тема и на научен труд – магистерска тема на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје (УКИМ). Од тука произлезе и иницијативата од страна на факултетот за соработка со нашата редакција во образованието на студентите – идни новинари, што го сметам за израз на посебно признание за професионализам демонстриран со децении. Неколку студенти имаа шанса да поминат по еден месец на пракса кај нас во ДВ, јас имав неколку настапи пред студентите во Скопје, но шансата остана неискористена на вистински начин и покрај готовноста од наша страна за реализација на заеднички договорените цели утврдени во соодветен документ. 

Пребирајќи вака низ сеќавањата и документацијата на петте децении на ДВ на македонски јазик, ме обзема гордост дека речиси половина од тоа време и јас како новинар го поминав во оваа специфична германска медиумска куќа. Имав можност да придонесувам во градењето на угледот на македонската програма на ДВ, да пренесам дел од искуството врз помладите колеги во редакцијата, да ставам и свој белег преку принципите врз кои се базираа програмските содржини и нивното конкретно обликување, особено во седумте години како шеф на редакцијата. 

Мојата лична приказна

Всушност, мојата лична приказна во врска со ДВ има елементи и на некој вид судбинска поврзаност. Во 1969-та година матурирав. Славица Тодорова, режисер и раководител на Детската радио-драма на Радио Скопје, горда на успесите што членовите на таа група – и јас меѓу нив - ги постигнуваа и во редовното школување, ме однесе кај Матеја Матевски, тогаш генерален директор на Радио телевизија Скопје, (РТС, така тогаш се викаше подоцнежната Македонска Радио Телевизија) за да му го покаже матурското свидетелство исклучиво со петки. На прашање од Матевски што имам намера да студирам, му реков дека сакам да останам и понатаму поврзан со Радио-телевизија Скопје и би студирал она што би било од интерес за куќата. Веројатно поради фактот дека предметот германски јазик го имав за тема на матурата, Матевски ми укажа дека би било добро да студирам германски јазик и литература оти РТС токму започнува соработка со една германска радио-станица и ќе биле потребни кадри со познавање на тој јазик. Стануваше збор за Дојче Веле. Тоа е годината во која ДВ започна да емитува програма на македонски и кога започна соработката со Радио Скопје, што опфаќаше и размена на соработници.
Во тој момент, а особено откако доцнеше ветената стипендија, поради што по неколку месеци се префрлив да студирам право, ни на крај памет не помислував дека патот ќе ме одведе токму таму и дека Германија ќе ми стане втора татковина. Кругот почна да се затвора во 1987-ма со мојот прв престој од дваипол месеца во ДВ, потоа уследија две години (1988-1990) како гостин-уредник во рамки на соработката со РТС. По враќањето во Македонија продолжив да соработувам со ДВ како дописник (покрај редовната работа во радиото, а подоцна и во ТВ Скопје) во драматичните времиња на распад на Југославија и осамостојување на Македонија. На крајот на 1995-та добив лична понуда од ДВ и траен договор за работа во Македонската редакција. Тука кругот се затвори. 

50 години DW на македонски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема