1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петков има желба да се реши спорот

ДТЗ
26 април 2022

Бугарската страна денеска на средби со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, му ги пренесе своите ставови. Останува тој во Скопје да ги слушне пораките и на македонската страна.

https://p.dw.com/p/4AT9N
Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Бугарскиот премиер Кирил Петковна денешната средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји ја потврдил неговата желба за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените политички прашања со Северна Македонија, имајќи предвид дека станува збор за теми што се чувствителни за Бугарија. Петков истакнал дека интензивирањето на секторската соработка меѓу двете земји придонесува за градење меѓусебна доверба и разбирање.

Претходно Вархеји во четири очи разговараше и со бугарскиот претседател, Румен Радев, во рамките на неговата посета на Софија. Како што пренесуваат бугарските медиуми, Радев на високиот гостин му го пренел ставот дека Бугарија очекува активна посветеност на Скопје за решавање на отворените прашања во односите меѓу двете земји и одржливо спроведување на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, со цел да се придвижи напред процесот на европска интеграција на Северна Македонија. 

Декларацијата како сопка

Наспротив нив, министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, од Софија порача дека промената на Уставот на Северна Македонија треба да се случи пред почетокот на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Таа тврди дека тоа е услов запишан во Декларацијата на 44. Народно собрание.

„Тоа е услов што е дел од Декларацијата на Народното собрание и од одлуките на Консултативниот совет за национална безбедност, така што за нас е услов што треба да го исполнат во оваа фаза, пред да почнат преговорите со нив“, вели Генчовска во изјавата којашто ја пренесуваат бугарските медиуми.

Oliver Varhelyi
Ќе доаѓам во Софија толку често колку што е потребно за да може да се дојде до решение до јуни годинава, порача ВархејиФотографија: EU/Gent Shkullaku

Декларацијата е усвоена од парламентот во Софија во октомври 2019 година и е јавно достапна на сајтот на Собранието. Таа содржи осум услови за Северна Македонија и три за Албанија, коишто треба да ги усвојат земјите пред да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ. Меѓу нив се споменуваат „говорот на омраза“ и „рехабилитацијата на жртвите“, но не е и барањето за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот на РСМ.

Претходно Вархеји на форумот во Софија посветен на ЕУ и Балканот, можеше да ги слушне пораките и на македонските, но и политичарите од регионот, коишто укажаа на важноста ЕУ да го забрза процесот на интегрирање на Западен Балкан, во контекст на безбедносните ризици поради Украина. 

„Ќе доаѓам во Софија толку често колку што е потребно за да може да се дојде до решение до јуни годинава. Војната ни покажа дека немаме време за губење. Не само што немаме време, туку немаме интерес да губиме повеќе време“, рече денеска Вархеји, кој не го криеше разочарувањето поради тоа што се уште нема решение за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Брзо, а не избрзано решение

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, вели дека не може политичка борба во соседна држава, земја-членка на ЕУ и популистичко-националистички реторики да бидат пречка за зачленување на држава која има четири последователни позитивни извештаи за почнување на првата меѓувладина конференција.

-повеќе на темата: Пандорината кутија во преговорите со Бугарија - има ли крај на барањата?

Тој е дециден дека на земјата и треба брзо, а не избрзано решение.

„Преговорите со Бугарија ги водиме врз основа на европските вредности, врз задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, како и врз основа на меѓусебно почитување и на политичарите и на сите институции во државите. Само ако така се водат преговорите, може да има позитивен дијалог, тон и начин на комуникација што ветува дека може да се дојде до решение за кревање на ветото“, изјави Ковачевски на прославата на ЗЕЛС.