1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петта ноќ протести во Иран, расте бројот на жртвите

2 јануари 2018

Девет лица ги загубиле животите во текот на ноќта во новата рунда протести во повеќе ирански градови. Стотици луѓе се уапсени, а предизвикана е и голема материјална штета.

https://p.dw.com/p/2qCXA
Iran Proteste | Alborz
Фотографија: Reuters TV/IRINN

Во петтата ноќ од протестите во Иран загинале најмалку девет лица, јави државната телевизија, а повеќе од 100 се уапсени од полицијата. Шест демонстранти загинале во судир со безбедносните сили откако ја нападнале локалната полициска станица во градот Чахдеријан. Уште две лица, меѓу нив и еден член на Револуционерната гарда загинале во регионот на Исфахан, а еден полицаец загинал во Наџафабад откако бил застрелан со ловџиска пушка. Севкупно, од избувнувањето на протестите во четвртокот минатата недела, досега загинале најмалку 21 лица во земјата.
Мали групи демонстранти се појавиле на улиците на Техеран синоќа, но полицијата брзо го вратила мирот во градот. Немирите и натаму се фокусирани на мали провинциски градови. Протестите, најголеми во Иран од 2009 година, продолжија и покрај заканата на претседателот Хасан Рохани дека ќе се пресмета со „демонстрантите и прекршителите на законот“.
Според Али Шамкани, секретар на иранскиот Врховен совет за безбедност, немирите се „прокси војна против иранскиот народ“.
„Хаштагови и пораки за состојбата во Иран доаѓаат од САД, Велика Британија и Саудиска Арабија“, изјави тој за локалните медиуми.

Hassan Rohani
Иранскиот претседател Хасан РуханиФотографија: picture-alliance/Iranian Presidency Office

Претседателот Рохани го минимизираше значењето на немирите, кои започнаа во градот Машдад како изблик на незадоволство од лошата економска состојба во државата, но набрзо се насочија против исламскиот режим со извици од типот „Смрт за диктаторот“.
„Ова не е ништо“, рече Рохани во пишана изјава, „нашиот народ ќе се справи со ова малцинство кое извикува слогани против законот и волјата на народот, и ги навредува светостите и вредностите на револуцијата“.
Во неколку градови беа одржани и про-режимски демонстрации.

Iran Protest in Teheran
Протестите се шират низ повеќе провинциски градови. Во главниот град Техеран засега е мирноФотографија: Fars

Најголемата разлика со големите протести во 2009, кои започнаа како резултат на обвинувањата за местење на изборите, е дека овие протести не се фокусирани на главниот град Техеран, туку насекаде низ државата. Рохани беше избран за претседател во 2013 година со ветување дека ќе ги намали економските и социјалните тензии, но високите трошоци за живот и невработеноста од 12 проценти доведоа до ескалација на незадоволството. Во најтешка ситуација се младите од кои повеќе од 40 проценти немаат работа, а особено тешко погодени се руралните области.
ЕУ го повика Техеран во понеделникот да им го гарантира правото на протест на своите граѓани.