1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмото на Мијалков не остава простор за помирување

29 октомври 2018

Писмото е наратив за отцепување, непријателство и дивергентни патишта, оценува Петар Арсовски. Да се внимава на реториката, зашто полесно заздравува тоа што е пукнато, од она што е скршено, сугерира Владимир Пешевски.

https://p.dw.com/p/37I5Y
Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Сашо Мијалков му напиша долго писмо на МицкоскиФотографија: DW/P. Stojanov

Допрва ќе следат потреси во ВМРО-ДПМНЕ. Вакви се првичните оценки по долгото писмото кое вчера до лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, го упати Сашо Мијалков - поранешен директор на УБК, поранешен партиски функционер и прв братучед на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во писмото тој „ги отфрли лажните обвинувања фрлени врз него од луѓето кои до вчера се потпирале на неговиот труд, резултати и авторитет“, а бидејќи поминале неколку дена без да биде презентиран барем еден доказ за тврдењата против него, го повика Мицкоски јавно да ги презентира доказите пред органите на партијата и пред јавноста.

„Пред јас да почнам да говорам, те повикувам да одговориш, кому ти како претседател на партијата му се додворуваше, и кому му имаше ветено дека масовни и секојдневни протести за името нема да има, и дека ВМРО нема да го блокира процесот за решавање на името, туку само ќе изразува несогласување? Кој и како издејствува, ти Христијан, кој беше ставен во предистражната постапка за предметот 'Талир', поврзан со финансирање на партијата во време кога ти беше Генерален секретар, да бидеш тргнат од листата? Дали ти не се испазари за себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име?“, прашува Мијалков во писмото.

Повеќе: Временската машина на Мицкоски

Пешевски: Вмровските работи да се решаваат во паријата

Вакви јавно разменети обвинувања преку отворени писма се реткост во оваа партија, која дури и во најкритичниот период за неа (по „бомбите“ во 2015 година) успеваше да создаде впечаток за внатрешно единство. Претходно, последното отворено писмо што беше упатено до сѐ уште неизбраниот лидер на партијата, стигна од Владимир Пешевски, поранешен вицепремиер за економски прашања (2009-2017) и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Во пресрет на Конгресот во Вландово, Пешевски упати серија искрени и добронамерни совети до идниот лидер, сите темелно образложени. Се чинаше дека таа објективна анализа со препораки може да биде одличен патоказ за новото раководство. Нецела година потоа, друг вид на писма циркулираат до раководството. Го прашавме Пешевски, кој тогаш доби забелешка дека „доцни“ со советите во неговото писмо, како го оценува вчерашното писмо на Мијалков?  

„Мислам дека при пишувањето на ова писмо на Мијалков му имаат помогнато и други луѓе со свои информации, сугестии и мислења, па јас го гледам како писмо на една поголема група на луѓе кои се нашле засегнати од последните одлуки на ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи веќе подолго време не сум член на ниту едно партиско тело, не можам од прва рака да ги коментирам овие случувања внатре во партијата. Но, писмото има и сериозна лична димензија, бидејќи Мијалков се повикува самиот на личната комуникација што ја имале со Мицковски подолг период, и тука освен нив двајца, навистина е тешко за кој било од страна да знае што навистина се случувало меѓу нив. Делува дека определени меѓусебни ветувања и очекувања не биле исполнети. Интересно е што Мијалков во писмото отвора дилема за истрагата во предметот 'Талир' за кој СЈО досега нема покренато обвинение, и ќе биде интересно и важно за ВМРО-ДПМНЕ да се види како ќе се одвива овој предмет, кон кого ќе биде насочен, а кон кого нема, кој какви изјави дал во истрагата и слично“, вели Пешевски.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Владимир Пешевски (архива, ИТБ Берлин, март 2012 година)Фотографија: DW

Според него, „такви дилеми постојат и за уште неколку други предмети на СЈО и за улогата на поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои и покрај своето интензивно партиско ангажирање во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сега ги нема во ниту еден случај на СЈО или пак се изоставени во некои од обвиненијата и новите истраги".

„Веројатно времето ќе ги расчисти овие дилеми. Следува веројатно прилично тежок период за раководството на ВМРО-ДПМНЕ и за целата партија, и ова писмо само тоа го навестува. Според мене е најважно колку што е можно побрзо да се поправат односите на партијата со меѓународната заедница, да се фати сериозен приклучок и учество во реформските процеси, особено на правосудниот систем, а за партијата најдобро е колку што може вмровските работи да се решаваат внатре, наместо преку медиумите. Ако се погледне наназад, ВМРО-ДПМНЕ имало историја на вакви разидувања, но речиси без исклучок подоцна доаѓало и до некакво помирување. Затоа е важно секој да биде внимателен во реториката, зошто полесно заздравува нешто што е пукнато, од она што е скршено“, сугерира поранешниот вицепремиер.

Повеќе: Што готват Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Не е оставен простор за помирување

Но, се чини дека односите во партијата се и повеќе од скршени, за што сведочат ставовите на Мијалков. 

„Додека јас, кој веќе до 2006-тата бев заработил доволно пари за мирен и безгрижен живот, додека јас 'ја ставав главата во торба' во еден куп полициски операции за неутрализирање на терористички и криминални групи кои дејствуваа против безбедноста и територијалниот интегритет на Македонија и го загрозуваа нејзиниот опстанок, и заради кои операции целиот мој живот ќе го живеам во опасност од лични одмазди, а со кои акции се креваше рејтингот на ВМРО, како тоа ти како професор со 500 евра плата успеа да дојдеш до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО?“, прашува Мијалков.

Според комуникологот Петар Арсовски, ова е писмо кое не остава простор за помирување.

„Прво, постои она нормална борба околу брендот на партијата која се повторува секогаш при вакви расцепи. Тука има еден наратив за стандардните обвинувања околу тоа кој ги застапува вистинските вредности на партијата и нејзината идеологија, дали се тоа избрканите или останатите. Кај ВМРО-ДПМНЕ во овој случај тоа е поткрепено со еден втор лајтмотив, а тоа е кои се всушност вистинските вредности на партијата - прозападни или антизападни. Кај овие два мотиви приказната е предвидлива: секој тврди дека тој е вистинскиот 'вмровец', а останатите ги напуштиле и предали вистинските вредности, и секој се бори дека неговата интерпретација на вредностите е онаа вистинската. Тоа во оваа фаза го тврдат и Мијалков и Мицкоски, значи тука нема ништо ново“, вели Арсовски.

Mazedonien Petar Arsovski Kolumnist DW-Mazedonisch
Петар АрсовскиФотографија: Privat

Но, смета дека нов елемент е острината и нападноста со која писмото прави дистинкција помеѓу Мијалков и сегашното ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова не е писмо кое остава простор за помирување - напротив, тоа е индикативен наратив за отцепување, непријателство и дивергентни политички патишта. Мислам дека сепак ваквиот наратив е премногу политички корисен во моментов и за Мицкоски, но уште повеќе за Мијалков, за да не побуди сомнеж околу неговата автентичност“, смета Арсовски.

Повеќе: ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски

Мијалков - спонзор на изборот на Мицкоски

До утрово од партискиот лидер немаше никаков одговор на писмото од Мијалков, ниту првична партиска реакција, но дознаваме дека тоа предизвикало дебата во тесни кругови и извесна вознемиреност, особено по тврдењата на Мијалков од каде дошло вистинското влијание врз пратениците.

„Дали е во ред, некои свои соработници пред неколку недели да ги охрабруваш да убедат 8 пратеници да гласаат 'за' со цел да се решело прашањето, ама ти да не си бил крив, а плус да глумиш храбар лидер кој бара предвремени избори, фалејќи се со сомнителни анкети кои ги добиваш од агенција од друга држава? Дали ти интимно посакуваше да се смени името, а притоа вината да се фрли врз прогонетите пратеници, а потоа да излезеш 'чист' од целата ситуација? (...) И сега ви треба виновник? Го лажевте ЦК? Зошто не ме викнавте и мене таму, па да се соочиме пред тие 150 луѓе, и да ја чуевте вистината? Да им кажам јас ним, што ти Христијан ми говореше во ноември и декември лани околу решавањето на уставното име, но и во текот на оваа година, па нека оценат кој е предавникот и криминалецот, а кој патриот и чесен кон својот народ“, обвини Мијалков.

Извор од партијата, упатен во внатрешните состојби, не се сомнева кои се мотивите за ова писмо.

„Мијалков беше главниот спонзор на изборот на Мицкоски. И затоа ова што се случува е толку жестоко. Точно е дека Мицкоски сака да излезе чист од процесот. Но, лично не верувам дека Мицкоски охрабрувал пратеници да гласаат за уставните промени. За Мијалков не сум толку сигурен“, вели нашиот соговорник. 

Mazedonien Parlament Protest
ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе предлог-закон за амнестија за сите обвинети за упадот во собранието од 27-ми април.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Наредиот период сѐ ќе покаже

Но, авторот на писмото навестува дека и тие дилеми наскоро ќе се расчистат.

„Периодов што претстои народот и членството ќе видат колку си бил засегнат за неменување на името и која е цената што ти би ја платил за одбрана на името. Народот ќе види дали ќе го бојкотираш Собранието и дали ќе повикаш на протести и граѓанска непослушност. Дали ќе организираш филибастеринг (блокирање на Собранието со амандмани) за да спречиш промена на Уставот или ќе дадеш налог да се дискутира неколку денови за да се стигне навреме со агендата, а после повторно ќе глумиш патриот и виновни повторно ќе бидат пратениците што недоволно ја бранеле каузата (...) Ти не си патриот каков што сакаш да се претставиш. Добро те запознав. Ти си лажен патриот! Времето ќе го докаже ова“, пишува Мијалков.

Тој го праша Мицкоски и зошто веднаш по неговиот избор за нов претседател запреле секојдневните протести пред Министерството за правда и пред затворот „Скопје“ каде биле притворени десетици лица обвиненети за тероризам, зошто потоа со месеци не ја отворал таа тема во јавноста, и зошто играл крајно валкано и нечесно со чувствата на членството, на македонскиот народ, и со судбините на жртвите од СЈО и 27-ми април?

Ваквото прашање ѝ претходи на најавата дека ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе предлог-закон за амнестија за сите обвинети за упадот во собранието од 27-ми април.