1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот во Загреб е голема прилика за ЕУ и Западен Балкан

Марина Максимовиќ
2 јануари 2020

Потпишувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор беа „политички високо ризична операција“ во која владата на Зоран Заев ја претпостави долгорочната стабилност во овој дел на Европа пред своите краткорочни користи

https://p.dw.com/p/3Vb4J
Tonino Picula - Abgeordneter im Europäischen Parlament aus Kroatien
Фотографија: DW/Z. Arbutina

„Се надевам дека самитот на ЕУ во Загреб ќе биде голема прилика за Европската унија да ги зајакне своите гаранции кон Западен Балкан и дека подобрата атмосфера ќе и` даде дополнителен замав на  политиката на проширување“,  вели Тонино Пицула за Дојче веле.

Во рамките на дискусијата за измена на методологијата на процесот на пристапување кон ЕУ, а во пресрет на самитот ЕУ - Западен Балкан во Загреб, Европскиот парламент го именуваше европратеникот од редовите на хрватските социјалдемократи, Тонино Пицула за известувач за препорака за Западен Балкан. Во Брисел се наведува дека улогата на Пицула е конкретизирање на ставот и јакнење на улогата на Европскиот парламент во дебатата за политиката на проширувањето на ЕУ, во која во изминативе месеци интензивно се вклучија земјите-членки, но и Европската комисија и Советот на ЕУ.

„Како известувач на Европскиот парламент за препорака за Западен Балкан, во пресрет на самитот во Загреб во мај 2020 година, работам на пакет препораки кои ќе содржат објективен преглед на еволуцијата и резултатите на методологијата на сегашниот систем на преговарање. Во документот ќе ги интегрирам и новите предлози кои би требало да придонесат за нов замав на сега успорената политика на проширување на ЕУ во третата деценија на 21. век“, објаснува Пицула.

Тој додава дека ќе настојува да ги идентификува предлозите во разговори со поголем број претставници на различни институции, организации и политички опции, односно во соработка како со критичарите, така и со оние кои ја поддржуваат политиката на пристапување. Истовремено, од Брисел ги повикуваат сите актери да го задржат фокусот на Западен Балкан и посветено да работат на подготовка на загребскиот самит, кој се означува за клучен во давање одговори на сите проблематични прашања во рамките на политиката на проширување.

Големи членки на ЕУ се свесни за важноста на проширувањето

Известувачот на Европскиот парламент за препорака за Западен Балкан оценува дека  францускиот претседател Емануел Макрон  „направи грешка“ со блокирањето на пристапните преговори на Северна Македонија и на Албанија, но воедно постигна и нешто непланирано, а тоа е да го врати фокусот на ЕУ на темата проширување. Пицула укажува на фактот што од моментот на  „француската блокада“,  односно условувањето на пристапните преговори на Скопје и на Тирана со реформа на процесот на пристапување, сите најзначајни институции на ЕУ, како и најважните функционери на Унијата, ја поддржаа европската перспектива на Западен Балкан.

Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Макрон направи грешка блокирајќи ги пристапните преговори за С. Македонија и АлбанијаФотографија: Reuters/M. Sohn

„Токму европската перспектива на Западен Балкан, односно политиката на проширување на ЕУ, е силна алатка за стабилизација на регионот кој во изминатите триесетина години преживеа дури пет војни,“ вели Пицула.

Покрај новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, новиот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархељи, кои на почеток од своите мандати јасно се заложија за продолжување на евроинтегративниот процес на земјите од регионот на Западен Балкан, Тонино Пицула ја наведува и важната подршка од земји-членки на Унијата.

„Големи членки на ЕУ, како Германија и Италија, но и помали, како  Австрија,  во регионот се економски присутни со децении, многу пред последната транзиција од крајот на осумдесеттите, тоа се земји кои имаат вложено голем политички, економски и симболички капитал во проширувањето. Верувам дека внатрешнополитичките калкулации на францускиот претседател Макрон нема одеднаш да го изменат нивниот фокус“, оценува Пицула.

Тој нагласува дека и во текот на дебатата и постигнувањето консензус меѓу земјите-членки за реформа на политиката на проширување не смее да биде запрен процесот на евроинтеграција на земјите од регионот.

Да не се менуваат правилата на игра во нејзиниот тек

Кога станува збор за  новата методологија на пристапувањето  околу која земјите-членки би требало да се договорат во текот на 2020. година, во очекување тоа да биде финализирано пред самитот во Загреб, Пицула на прво место го наведува принципот на неменување на правилата на играта додека е таа во тек.

„Најважно е да се каже дека започнатите процеси на преговори за пристапување со земјите-кандидатки за членство во ЕУ треба да продолжат по исти правила по кои се и отворени, станува збор за Србија и Црна Гора“, истакнува Пицула.  

Истовремено известувачот на ЕП за Црна Гора Пицула додава дека очекува на таа земја, како лидер на процесот на пристапување, „да и` се признае се` она што го постигнала“ и Подгорица да успее да ги затвори преговорите во текот на неговиот мандат. „Како што истакнав веќе повеќепати, Северна Македонија и Албанија заслужија да добијат отворање на преговорите“, нагласува Тонино Пицула.

Според него, потпишувањето на Преспанскиот договор и неговата ратификација беа „политички високо ризична операција“ во која владите на Зоран Заев и на Александар Ципрас ја претпоставија долгорочната стабилност во овој дел на Европа пред своите краткорочни користи и интереси. Пицула смета дека станува збор за „историски исчекор и вистински државнички потег“ кој овозможи разрешување на спорот долг 27 години, со што на Северна Македонија и` се отвори патот кон Европската унија и кон НАТО.

„Оттаму, сега е во прашање веродостојноста на ЕУ да им го овозможи тоа под оние услови под кои и го започнаа процесот“, заклучува Пицула.

Како еден од принципите кој би требало да бидат зајакнати во идната методологија на политиката на проширување, Тонино Пицула го наведува оценувањето на напредокот на земјите-кандидати врз основа на индивидуални заслуги и постигнувања.