1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лекот Плитидепсин помага против Ковид-19

Хана Фукс
29 јануари 2021

Уште во 2020-та имаше информации дека лекот против рак, аплидин, би можел да биде и лек против коронавирусот. Новите лабораториски тестови даваат надеж - супстанцијата плитидепсин е 27 пати поефикасна од ремдесивирот.

https://p.dw.com/p/3oZD1
Seescheide Aplidium albicans
Фотографија: PharmaMar

Од ретките апсцидии Aplidium albicans, кои може да се најдат само во водите околу Ибица, преку неуспешен лек против рак до потенцијална терапија за Ковид-19: лекот аплидин на шпанската фирма ФармаМар зад себе има впечатливо патување, кое можеби ќе заврши успешно.

Во магазинот Science сега се објавени резултати од тестови кои ветуваат многу. Според нив, лекот е 27,5 пати поефикасен против SARS-CoV-2 од ремдесивирот.

Не успеа како лек против рак...

Аплидинот, со супстанцијата плитидепсин, во комбинација со дексаметазонот, првично беше развиен како лек против мултипен миелом, вид на рак на коскениот мозок.

Супстанцијата се екстрахира од апсцидијата Aplidium albicans. Морските животни (на насловната фотографија) изгледаат како растенија, имаат цевчести отвори со кои ја впиваат и исфрлаат водата. Се смета дека природната супстанција аплидин има антивирално и антитуморно дејство.

Аплидинот има добиено дозвола како лек против ракот во Австралија и југоисточна Азија. Европската агенција за лекови ЕМА, меѓутоа, има двапати одбиено да даде дозвола - во декември 2017 и март 2018 година.

Причина за одбивањето е тоа што резултатите за преживување на миелом-пациентите со плитидепсин не биле доволно уверливи за ЕМА. Ползата од аплидинот не била поголема од ризиците кои ги носи со себе лекот. Имено, настапиле тешки нуспојави, и тоа почесто кога се комбинирале аплидин и дексаметазон отколку кога станувало збор само за дексаметазон.

Medikament Aplidin | Plitidepsin | von PharmaMar
Европската агенција за лекови има двапати одбиено да даде дозвола за аплидинотФотографија: David Fernandez/Agencia EFE/imago images

... но ветува многу против Ковид-19

Но, уште од почетокот на пандемијата, плитидепсинот е повторно во фокус. Клучниот збор притоа е - репозиционирање на лековите. Не е ново дека лекови кои биле создадени за одредена цел, подоцна или во комбинација со други супстанции покажуваат поинакво, неочекувано дејство. Во борбата против Ковид-19 се проверува дејството и на други лекови.

Уште во март 2020 година имаше позитивни резултати во првата фаза на студијата, а во јули стигнаа потврдувачки информации од Јужна Кореја.

Ефикасноста против SARS-CoV-2 досега е охрабрувачка, барем во лабораториски услови, потврдува сега и текстот во магазинот Science, во кој има залагање за проширување на клиничките тестови по проверката на резултатите од тестирањата.

Тестирањата биле спроведени врз глувци, во лабораторија, од страна на истражувачки тим во Њујорк, Сан Франциско и Париз. Тие покажале дека аплидинот (плитидепсинот) го намалува присуството на вирусот во белите дробови на животните за 99 проценти.

„Кога инфициравме животни и потоа им дававме соодветна доза плитидепсин, доаѓаше до невообичаено намалување на вирусот“, вели за агенцијата Ројтерс, Пабло Авилес, раководител на неклиничка токсикологија и фармакологија во ФармаМар.

„Како вирусот од инфицираната клетка да мора да употреби фотокопир за да се копира себеси и да создаде нови честички, а плитидепсинот го блокира фотокопирот, па вирусот не може веќе да се размножува“, објаснува Авилес.

Лекот блокира протеин поврзан со Ковид-19 - eEF1A. Притоа, плитидепсинот не е насочен кон протеин во вирусот, како многу други лекови, туку кон протеин во клетките на човекот. Тоа значи дека ако лекот се докаже кај луѓето, вирусот нема да може едноставно да станува отпорен преку мутации.

Повеќе:

Има ли докази за успешност на ивермектин против КОВИД-19?

СЗО ја суспендираше употребата на ремдесивир: Не помага против ковид

Дексаметазон- пресврт во лекувањето на заболените од Ковид-19?

Студија: Хлорокин не делува против Ковид-19

Што е со нуспојавите?

Добро е позната и токсичноста на лекот, а дозите употребени во студиите за Ковид-19, според наводи на фирмата, се добро подносливи за луѓето. ФармаМар соопшти дека се водат разговори со различни агенции за лекови, а во најнапредна фаза се разговорите со шпанската и британската агенција за лекови за да се почне со третата фаза од истражувањата, во текот на која лекот треба да биде тестиран на голема група луѓе.

Во моментов се размислува колку учесници да бидат земени во истражувањето.

„Не целиме првично кон пациенти на интензивна нега, туку на пациенти кои треба да бидат лекувани во болница. Лекарите соработуваат со нас за да се идентификуваат различните фази низ кои минува пациентот со цел да се утврди - на која фаза треба да се концентрираме за да се постигнат најдобри резултати со плитидепсинот“, објаснува Авилес.