1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

По грчката трагедија - чија е одговорноста за пожарите?

26 јули 2018

По катастрофалните пожари кои беснееја во близина на Атина, земјата е во шок. Но, сепак не е стаписана: луѓе од цела Грција им помагаат на жртвите. Но, по огнената стихија следи закана од политички земјотрес.

https://p.dw.com/p/3279l
Griechenland | Waldbrände
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Stavrakis

Неколку дена по катастрофата: билансот е ужаснувачки: 81 мртов, над 200 повредени, меѓу нив и деца. Во туристичкото село Мати источно од Атина веќе не може да се живее. Спасувачките тимови стравуваат дека бројот на настрадани може да расте. „Многу е веројатно дека ќе најдеме уште изгорени тела во куќите во кои досега не сме стасале", вели еден пожарникар. Слики од изгорени села и земја се шират на интернет. Очајните луѓе талкаат во неверување низ пеплосани полиња. Некои бараат роднини. Многумина изгубиле сè.

В петок, утре, завршува тридневната државна жалост што ја прогласи премиерот Алексис Ципрас. На сите ќе им се помогне, вети во телевизиското обраќање - и никакви прашања нема да останат неодговорени. Порака до луѓето кои веќе во понеделникот почнаа да ги бараат виновниците. Многу луѓе во Грција ги толкуваат зборовите на шефот на владата како цензорски. „Зошто не се отвори веднаш прашањето за тоа чија е одговорноста?" прашува еден новинар на Фејсбук.

BG Griechenland Verheerende Brände
Грците веднаш организираа акции за помош на настраданитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis

Солидарност во цела земја

За поголемиот дел од луѓето во моментов е најаважно да им се помогне на луѓето. Уште од почетокот на катастрофата супермаркети и кафулиња обезбедија бесплатна вода и храна. Стотици луѓе низ цела Грција донираат храна, облека и лекови. На социјалните мрежи има акции за собирање пари и крводарителски повици за настраданите. Во спонтано организираните центри за помош има купишта пакети со собрана помош. Земјата е во шок, но не застаната.

Тоа е една од силните страни на Грција, во моменто кога е во очај, само по себе е разбирливо дека сите се активираат да помогнат: „Не смее луѓето да се остават сами во нивната мизерија," вели една 48- годишна жена од Солун. Таа носи две кеси со храна до пунктот каде што се собира помошта, откако во локалните весници прочитала дека е потребна донација за настраданите. Овој дух на човечност беше демонстриран за време на бегалската криза во 2015. и 2016. година. Од сопствено искуство, Грците помалку ѝ веруваат на државата, туку повеќе сбебси кога се во ситуација во која е потребна брза помош и прескокнување на бирократските процедури. Самоиницијативноста тука не е чисто од добротворни побуди, туку е еден вид механизам за преживување.

Огнен пекол во Грција

Православен свештеник: огнот како божја казна

Од утре ќе се започне со разјаснување на причините. Досега само едно е јасно, сушата и високите температури над 40 степени се идеални предуслови за пироманите. Силните ветрови ги распламтуваат пожарите и тие се шират брзо, со што на спасувачките екипи им беше невозможно да го спречат најлошото. Многу луѓе зборуваат за пироманија. Во основа тоа не е ништо ново. Не само во Грција, туку и во земји како Италија, Шпанија и Португалија се подметнуваат пожари, за да може заштитените зони да се претворат во земјиште за градба. Можно е причина да е ненамерно фрлено догорче од цигара или загреано скршено стакло, но во моментов тоа се само шпекулации.

Само свештеникот Амвросиос од јужното место Калаврита уште во понеделникот знаеше точно кој е одговорен за катастрофата. На неговиот блог напиша дека пожарите се божја казна за премиерот атеист Алексис Ципрас. Невообичаено остро беше осуден од многу Грци за ваквите изјави. Дури и црквата се дистанцираше од Амвросиос. Еден млад свештеник јавно кажа : „Крајно време е да си ја затне устата."

Griechenland, Athen: Großbrand in Griechenland
Премалку пожарникари биле вклучени во гаснењето на пожаритеФотографија: picture-alliance/dpa/G. Zachos

По пожарите закана од политички земјотрес

Настрана од лошото пророштво на Амвросиос, во моментов тема е како се менаџира катастрофата. Дури и лидерот на опозицијата Киријакос Мицотакис е воздржан. Тој инаку не пропушта прилика да го дискредитира Ципрас.

Комеморации, советувања на жртвите и спасувачите - по многу загубени политички битки Мицотакис со ова добива симпатии кај народот.

Повеќе: 

„Армагедон“ пожарот покоси најмалку 80 луѓе во Грција

Пепелта на Мати: Огнената стихија ja опустоши грчката населба

Следната година ќе има парламентарни избори. Но, опонентите на актуелниот премиер се надеваат дека ќе може да се одржат порано. Еден закон би можел да ги доближи до нивната цел. Никос Сахинидис, претседател на Здружението на грчките волонтери пожарникари ЕСЕПА во разговор со „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ остро ја критикува владата. неговата организација е специјализирана на гаснење шумски пожари. Но, закон од 2014 им забранува на волонтерите пожарникари да се активираат по сопствена иницијатива. Монопол на гаснењето пожари имаат професионалните противпожарни единици, кои поради актуелната криза немаат доволно капацитети. Сахинидис вели дека катастрофата можела да биде помала ако се ангажирале и обучените доброволци.
Иако законот го донесе претходникот на Ципрас, Антонис Самарас, за актуелниот премиер последиците од законот може да предизвикаат скандал. Во август завршува кредитната програма за Грција и Ципрас се труди од тоа да направи политички успех за себе. Истовремено бавниот раст на економијата повеќето Грци речиси и да не може да го почувствуваат. Многумина му забележуваат на премиерот дека договорот со Македонија за решавање на спорот за името го направил на сметка на грчката историја и против волјата на грчкиот народ. Ситуацијата во земјата е тензична, а емоциите имаат поголемо влијание од фактите. Во следните денови ќе се покаже како политиката ќе реагира на катастрофата. Јасно е само дека Грција е во постојана изборна кампања, а катастрофата со пожарите ќе има свое политичко продолжение.