1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По истрагата за злоупотреба, автопатот конечно и во употреба

23 април 2018

По шест години изградба делницата Демир Капија-Смоквица влегува во сообраќаен промет со две клучки, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста, шест потпатници, два натпатника, а од минатиот месец и со истрага на СЈО.

https://p.dw.com/p/2wU8u
Griechenland Mazedonien Grenze Flüchtlinge
Фотографија: DW/D. Cupolo

Точно напладне, денеска на свечена церемонија ќе биде пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија - Смоквица, последниот дел од Коридорот 10 низ Македонија. Се работи за последните 28 километри од автопатот „Пријателство“, чија изградба започна во септември 2012 година. Претходната Влада на Груевски како краен рок за завршување на делницата го постави септември 2016 година, но не успеа дотогаш да ги заврши работите. Автопатот на ралацијата Демир Капија - Смоквица се градеше со 130 милиони евра средства од Европската инвестициска банка, со кредит од 107 милиони евра Европската банка за обнова и развој и со 45 милиони евра грант од Европската Комисија.

Свеченото пуштање во употреба ќе се одржи пред вториот тунел, а на церемонијата ќе присуствува премиерот Зоран Заев, претставници на Директоратот за проширување на ЕУ, претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, членови на Владата, претставници на општините низ кои поминува автопатот, како и претставник на грчката влада, најверојатно министерот за инфраструктура и транспорт. 

По шест години работа, делницата располага со две клучки кај Миравци и Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина од 100-500 метри, шест потпатници и два натпатника. Таа е широка 25,6 метри, има две ленти за возење и една за застанување, и средишен зелен појас широк три метри.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Груевски: Заборавени се процедурите!

Лани во октомври Владата со анекс на договорот за изградба го продлжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава, откако беше утврдено дека не е изграден контролен центар и не е дислоциран далекувод на автопатот. Поранешниот премиер, Никола Груевски, вчера ја искритикува Владата на Заев дека за посочените активности не биле потребни повеќе од три месеци.

„Реалната причина всушност беше да помине една година и во перцепцијата на народот да се всади дека во поголем дел СДСМ го изградил овој автопат. А всушност, нема изградено ниту еден метар од автопатот во време на нивното владеење“, напиша Груевски на Фејсбук.

Тој обвини дека на власт дошле „луѓе незаинтересирани за работа, криминогени, мрзливи и нестручни, кои целосно ги заборавиле процедурите заради кои ниту еден автопат во Европа не би можел да биде пуштен во употреба“. Според Груевски, на оваа делница нема технички персонал што ќе го менаџира тунелот - машински инженер, контролор на воздух, сообраќаен инженер, болничка кола 24/7, противпожарна екипа (околу 40 луѓе); нема сертификат за безбедност од германското сертификациско тело кое треба да потврди дали се исполнети потребните стандарди; и нема агрегат за струја како бекап варијанта.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ги демантира ваквите наводи. Тврди дека за тунели од втора класа не бил потребен посочениот сертификат и дека се е направено според процедурите. Јавното претпријатие имало и агрегати, и обучен стручен тим за деноноќно менаџирање со тунелот. Бил направен и договор со општините Демир Капија, Неготино и Гевгелија за користење на нивни медицински и противпожарни возила при неопходни ситуации. А, во согласност со  склучените меморандуми за соработка со јавните претпријатија за државни патишта на Словенија и Австрија и Босна, контролори од овие земји бесплатно ќе му помагаат на домашниот тим. Имено, ЈП ја одбило понудата на изведувачот “Актор” за сума од 1.300.000 евра, четири лица и едно возило да бидат ставени на располагање за контролирање на тунелот во рок од една година.

Истрага на СЈО

Но, посочените предупредувања од Груевски наидоа и на коментари - во стилот „дали 'првозагрижениот' заборавил дека е првоосмничен“, со оглед деа токму изградбата на оваа делница беше проследена со многу контраверзи, кои финишираа со истрага на Специјалното јавно обвинителство.

Повеќе:

-СЈО: Истрага против Груевски и Ахмети за одложениот попис

-Проектите со автопатите биле свесно кочени!

-Буџет: Ќе живееме или само ќе преживееме во 2018?

СЈО минатиот месец објави дека отвора истрага под име „Актор“, која се однесува на фаворизирање на истоимената грчка компанија, којашто беше избрана да го гради автопатот од Демир Капија до Смоквица, иако подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“. Со таквото фаворизирање, на грчката компанија и било овозможено незаконски да го добие тендерот и да се стекне со противправна имотна корист од 8 милиони евра. Осомничени се Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт Миле Јанкиески, но и десетина лица од четири фирми, поврзани во мрежа, преку која, при активностите за изградба на автопатот биле испрани  31.856.81 евра.

Лани во јуни грчките медиуми објавија дека „Европската канцеларија за борба против измами со пари од европски фондови (ОЛАФ) во истрага за случајот 'Актор' открила дека во периодот од 2012 -2013 година се префрлани пари во готовина наменети за плати кои не им биле исплатени на вработените во фирмата, туку завршувале кај трети лица или се користеле за зголемување на вредноста на проектот“.

Бројни одговори се очекува да даде и истрагата на СЈО, особено откако Собранието неодамна го донесе долгочекуваниот Закон за заштита на сведоци. Неофицијално, токму „Актор“ е еден од предметите на СЈО во кои ќе се појават заштитени сведоци.