1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се засилува судирот во ЕУ за проширувањето

БГ /АФП
19 ноември 2019

Франција останува изолирана, особено поради Северна Македонија, велат ЕУ дипломати по денешниот состанок на министрите во Брисел. Париз тврди дека не сака да го блокира проширувањето

https://p.dw.com/p/3TLgv
EU Symbolbild Fahne
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Земјите-членки на ЕУ се расправаа за правилата за членство во клубот во вторникот, откако Франција предизвика бес со обидот да го одложи почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, јавува агенцијата Франс прес.
Француската министерка за европски прашања Амели де Моншалан во Брисел инсистираше дека Париз не е изолиран во барањето да се засилат правилата на ЕУ пред да се дозволи проширување со земјите од Западниот Балкан.
„Европската перспектива за Западниот Балкан не е во прашање, таа е посакувана, таа има поддршка“, рече таа.
„Она што денеска го ставивме на маса е политичка декларација на принципи, на кои сега треба да работи Европската комисија од сега до јануари 2020“, рече Моншалан.
Но европски дипломат по состанокот предупредува: „Изолацијата на Франција, особено поради Северна Македонија, останува очигледна“.
„Огромно мнозинство земји-членки се залагаат за брзо отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија“, вели дипломатот за АФП.

„Особено дискусијата за реформа на процедурата не треба да се користи за одложување на одлуките или како форма на опструкција“.
Финската министерка за надворешни работи Тити Тупураинен, чија земја претседава со ЕУ, изјави дека француската идеја не била дискутирана во детали.
„Одржавме тркалезна маса за состојбата, и секако го слушнавме францускиот предлог... Имаше земји кои го поздравија и земји кои изразија загриженост“, рече Тупураинен. Сега останува на новиот состав на Европската комисија следниот месец да го разгледа францускиот нон-пејпер и да изготви предлози за реформа на преговарачкиот процес.
Од друга страна, француски дипломатски извор инсистира: „Денеска беше направен чекор напред кон реформа на процесот на проширување“. 
Почеток на преговори во март?
Италијанскиот министер за европски прашања Винченцо Амендола рече дека „немаме проблем да разговараме за било кој документ“, но „главната цел“ мора да биде отворање преговори со Скопје и Тирана.
Шест ЕУ членки: Австрија, Чешка, Италија, Полска, Словачка и Словенија денеска му испратија и писмо на претседателот на ЕК во заминување, Жан-Клод Јункер во кое инсистираат дека реформата на преговарачката методологија не смее да биде на штета на Северна Македонија и Албанија.
Шесте држави велат дека ќе ја поддржат реформата само доколку двете балкански држави во март следната година добијат датум за почеток на пристапните преговори.
Реформата на пристапувањето не смее да се претвори во „тактика на одложување во однос на Северна Македонија и Албанија“, изјави шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.
Француската влада, пак, инсистира преговорите за членство да започнат дури откако целосно ќе заврши реформата на преговарачкиот процес.
Портпаролката на Европската комисија Мина Андреева изјави дека Брисел се уште не добил формално барање за измена на процедурите.