1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на Меркел над одмаздниците 

Инес Пол
7 декември 2018

Изборот на Анегрет Крамп-Каренбауер за лидер на ЦДУ веројатно ќе значи дека Ангела Меркел ќе остане канцеларка до крајот на мандатот. А дотогаш, новата прва жена на партијата ќе мора да се еманципира, смета Инес Пол

https://p.dw.com/p/39hfK
Deutschland CDU-Parteitag in Hamburg Kramp-Karrenbauer und Merkel
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Светската јавност никогаш или ретко се интересира за тоа кој е на чело на некоја германска партија. Но овојпат е поинаку. Големите весници како Њујорк Тајмс претходните денови поинтензивно известуваа за партискиот конгрес на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), отколку за погребот на поранешниот претседател Џорџ Буш. Глобалните ТВ канали влегоа во брејкинг њуз модус кога стана познато кој ќе ја води ЦДУ во иднина. Причината за толкавото внимание има име и презиме: Ангела Меркел. 
Германската канцеларка за многумина е најважната политичарка на светот. Во светот во кој дивеат мажјаци како Путин, Трамп, Ердоган, таа важи за глас на разумот, за последен бастион на стабилноста во времиња на поделби и опасно надојдени национализми. 
Но, во Германија сјајот на Меркел избледе. На покраинските избори се редеа катастрофи, а критичарите во нејзината партија станаа толку гласни што на Меркел не и преостана ништо друго туку да се повлече од врвот на ЦДУ. 
Кога тоа и го најави на средината на октомври, тргна битката на потенцијалните наследници. Иако Меркел најави дека сака да остане на чело на Владата до редовните избори во 2021 година, веднаш беше јасно дека од тоа ќе нема ништо доколку на чело на партијата дојде некој од нејзините јасни противници. 
Малку недостасуваше тоа да се случи. Фридрих Мерц загуби со само 35 гласа разлика од вкупно 1001 делегат. Тоа е човекот кого Меркел практично го избрка од политиката пред девет години и кој уште тогаш ја помириса студената одмазда. Го поддржуваа сите оние мажи кои Меркел во текот на својата кариера ги повреди, ги закочи или политички ги прегази. 
Исходот беше крајно неизвесен по долгиот возбудлив ден кој започна со многу емотивен говор на канцеларката. На крајот победи Анегрет Крамп-Каренбауер. Со гласањето за фаворитката на Меркел, делегатите всушност гласаа и за тоа канцеларката да го истурка до крај својот мандат, доколку коалициските партнери- Социјалдемократите дотогаш не се пишманат и не ја урнат владата порано. 
На надворешен план Германија ќе остане доверлив партнер, како најсилна економија во Европа ќе остане стабилна, а главните правци на владината политика ќе останат непроменети. 
На внатрешен план ќе биде интересно да се следи дали Крамп-Каренбауер ќе може да ја излечи болната душа на партијата, да ги обедини разните фракции и да им пружи на демохристијаните чувство на нов почеток. Тоа е итно потребно не само за ЦДУ, туку и на цела Германија за на следните избори по 16 години на Меркел да не падне како жртва на зачмаеноста и заморот. 
Во суштина ќе се работи за тоа дали Крамп-Каренбауер може да се еманципира од својата покровотелка и претходничка, дали може да се размавне и да собере меѓународно искуство кои ќе ја направат убедлива кандидатка за канцеларка. 
Сето тоа се прашања за месеците кои доаѓаат. Засега може да се каже дека ЦДУ веќенема една жена на врвот- има две. 
 

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll