1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победи Пендаровски, но уште посилно пораките од граѓаните

6 мај 2019

Повеќеслојни пораки стигнаа од изборните резултати. Власта мора да се посвети на реформските процеси, а опозицијата на реформирање на нејзиниот однос кон Албанците, сметаат аналитичари.

https://p.dw.com/p/3HyVt
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Додека од час во час од европски политичари стигнуваат честитки за победата на Стево Пендаровски на претседателските избори, домашната јавност ги анализира „знаците покрај патот“ што ги оставија изборните резултати. Опозицијата смета дека „власта е делегитимирана“, а Сиљановска уште синоќа сугерираше дека „треба да се размислува за предвремени парламентарни избори“.

Универзитетската професорка, Беса Арифи, оценува дека вториот круг на претседателските избори утврдил три важни успеси: чисти и регуларни избори, достигнат цензус со значителна и одлучувачка разлика меѓу кандидатите и - нешто многу позначајно.

„Северна Македонија избра легален и легитимен претседател. Но, уште поважно е што на овие избори победи граѓанскиот концепт на заедничко делување кон евроатлантската иднина на земјата. Патот зацртан со изборите од 2016 година, а утврден со Преспанскиот договор, сега веќе со сигурност може да се каже дека продолжува. Секако, останува многу работа во пристапувањето кон разочараноста на одреден дел од гласачите кои овој пат не го дадоа гласот на владејачката коалиција, и сега на потег е премиерот кој треба да ги расчисти работите што вети дека ќе ги расчисти“, вели Арифи.

Таа како „неточни“ ги оцени тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека власта е делегитимирана.

„Концептот за заедничко делување кој ги обединува граѓаните уште од 2014 година, преку парламентарните избори од 2016 година и последните локални избори па се до вчерашната победа на Пендаровски, е единствениот концепт кој легитимно освојува гласови во последните пет години. ВМРО-ДПМНЕ се уште не верува во таков концепт, и етаблира тези за победа кај 'македонскиот' дел и за поголема важност на етничките македонски гласови во однос на албанските. Тој концепт губи на избори и ќе продолжи да губи, се додека ВМРО-ДПМНЕ не се реформира вистински, и се додека оваа партија не го реформира својот однос кон Албанците. Затоа, во случај кога има чиста победа на кандидат поддржан од сите етнички заедници и кој промовира заедништво наместо поделба и супремација на едни врз други, не може да се говори за никакво делегитимирање какво што ВМРО-ДПМНЕ би посакала да види“, децидна е Арифи.
 

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal - Gordana Siljanovska Davkova
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

На сцена старата реторика

Генерално, доминира ставот дека овие избори испратија многу важни поуки и пораки. Тој став го дели и новинарот и публицист, Манчо Митевски.

„Исполнетиот цензус ја покажа зрелоста на поголем дел од електоратот, а целиот изборен процес, резултатите и контекстите можат да се протолкуваат како еден голем час по демократија, од кој беа изречени сериозни опомени и казни и  'обработени' многу лекции, од кои партиите и институциите можат да извлечат многу корисни поуки“, уверен е Митевски.

Повеќе:

-Пендаровски: Ќе им служам на сите, ќе обединувам, нема да делам!

-Сиљановска: Не се чувствувам поразена, туку наградена

-СДСМ говори за фер процес, опозицијата за „изборен инженеринг“

Не пропушта да забележи дека Сиљановска „во долгиот професорски емоционален говор го призна поразот, но дали поради нејзината проблематична заборавност или намерно - не му го честиташе изборот на ривалот“.

Сепак, вниманието го насочува кон она што претстои во наредниот период.

„И покрај тоа што сите партии и нивните лидери по првиот круг и поуките од граѓаните тврдеа дека ги разбрале пораките, по соопштувањето на резултатите почнаа со старата реторика и со познатите манири. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, при прогласувањето на победата наместо за 'метлата', прозборе за 'приземјување' на поединци од партијата и власта, што е многу поблага квалификација. Ако не опстои на метлата во што пократок рок и за што поширок круг партиски и владини функционери, но и на проширеното ветување дека 'ќе игра метлата и на другата страна, кај оние што опструираат и враќаат режим', казната од електоратот на следните избори ќе биде подрастична од сега испорачаната“, смета Митевски.

Забелешки има и за однесувањето на другите партии.

„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека е почнат падот на власта и дека е извојувана голема 'победа' на неговата партија, се 'вози' на добриот личен резултат на Сиљановска, на незадоволството кај многумина од промената на името и нереализираните ветувања на власта, како да заборава дека за враќање на довербата во неговата партија и за освојување на власта се потребни внатрешни реформи, демократизација и оградување од заробувањето на државата и криминалите на поранешното раководство. Од ДУИ, пак, не зборуваат за изборот на Пендаровски и успешноста на евроатлантските процеси како за заеднички проект на владината коалиција, туку се самопрогласуваат како решавачки фактор во изборите кој донел сто илјади гласови на Албанците, и како клучен субјект во креирањето и реализирањето на евроатлантските процеси, што зборува за вообичаениот некоректен партнерски однос“, оценува Митевски.

Се надева дека смирувањето од стресовите во изборниот процес, ќе преовлада разумот, а настаните во Северна Македонија ќе продолжат во поспокојна атмосфера и кон остварување на ветувањата на сите политички субјекти до следните избори по една и пол година. 

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Домашна економска и реформска задача

Тоа го очекуваат и граѓаните, кои вчера помасовно од првиот круг излегоа на гласање, и сега се надеваат на стабилен политички период, со силен реформски курс. Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска, во зрелоста на граѓаните ја лоцира успешноста на изборниот процес.

„Вториот круг на претседателските избори го покажа демократскиот капацитет на граѓаните, кои го исполнија високиот цензус и избраа претседател. За мене е значајно што ќе немаме политичка криза и се надевам дека доаѓа време кога Владата ќе почне да ги реализира сите предизборни ветувања, особено на економски план. Факт е дека за претседателскиот кандидат гласаа и од македонскиот и од албанскиот политички блок, како и од другите етнички заедници, што на новиот претседател покрај легалитет му дава и легитимитет. Тоа е особено значајно за евроатлантскиот пат и скорешниот датум за преговори кој треба да го испорача ЕУ, затоа што сржта на претседателската кампања на, сега веќе претседателот Пендаровски, беше токму тоа, по влогот со промената на името во Северна Македонија. Ние го испорачавме тој услов без кој не се може. На потег е Европа со датум, а нашата Влада со извршување на својата домашна економска и реформска задача. Во спротивно, лошите ветрови на ова подрачје од Балканот можат да бидат крајно неизвесни за нашата и европска безбедност“, предупредува Марковска.