1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победува „Партијата на Негласачите“

22 октомври 2021

Негласањето се претвори во глас против или глас за малите, секако во глас за „Партијата на Негласачите“. Денес, за да се добие глас, потребни се добри причини кои ќе бидат изразени низ ефикасни субјекти кои добро работат

https://p.dw.com/p/420Zd
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Големиот победник во првиот круг на локалните избори е неизлезноста или „Партијата на Негласачите“, барем што се однесува до советите. Најмалата излезност на локалните избори од независноста на државата, која во првиот круг едвај надмина 50%, се претвори во казна за големите партии, додека ги награди помалите или независните листи. Што значи, оваа „Партија на Негласачи“ одиграла клучна улога и нивното „негласање“ се претворило во „глас“ против политичко-партискиот естаблишмент.

И двете големи партии изгубија огромен број на гласови. ВМРО-ДПМНЕ сега има пад од околу 50 илјади гласови споредено со 2017 година, додека пак СДСМ за 4 години изгубила над 180.000 гласови. СДСМ со 235 илјади гласови го бележи еден од најлошите резултати во својата историја. Пад од 21.000 гласови има и БЕСА. Алијансата во однос на ланските избори изгубила 30 илјади гласови. Единствено кај ДУИ, во однос на претходните локални избори, се бележи раст од 14 илјади гласови. Дотолку полошо за СДСМ, која веќе во три наврати политички го воскреснува ДУИ, а потоа за тоа плаќа висока политичка цена.

Ако на тоа додадеме дека имаме околу 50 илјади неважечки ливчиња, дека речиси 60 илјади гласа отишле кај независните, а уште 50 илјади кај Левица, тоа кажува дека „протестната“ компонентна на гласање на овие избори се задржала и покрај слабата излезност, повторно на штета на големите партии, а најмногу на владејачката. Најмалку 100 илјади гласа се прелеаја кај Левица и независните листи.

Се разбира, тоа што е олеснителна околност за СДСМ е фактот дека на овие избори настапи самостојно, но тоа политичко самоубиство не верувам дека ќе беше доволно да го надокнади катастрофалниот резултат во првиот круг. Особено ако зборуваме за Градот Скопје и скопските општини. Со коалиција или не, ВМРО сепак освои 50 илјади гласови повеќе на советничките листи, додека разликата во гласови меѓу советничките листи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е околу 25 илјади, што само кажува за ерозијата на гласови кај владејачката партија.

Прелиминарниот резултат, особено во споредба со првиот круг од минатите локални избори, каде денес ВМРО води со 22 освоени општини, наспроти само 9 за СДСМ, како и фактот дека и онаму каде што е тесно во борбата за градоначалник, ВМРО бележи подобри резултати во Советите, говори за надолната тенденција и огромната разочараност во политиките на владејачката партија. Фактот дека дури 45 општини допрва треба да се распределат е добра вест за СДСМ и тука некои работи сигурно можат да се поправат, како што во Бихаќка и се надеваат на својот коалиционен потенцијал, но реалноста е дека овојпат и ВМРО има сличен капацитет. Не само тоа, туку ВМРО има и поголем капацитет да влијае на изборите во оние општини каде што нема свои кандидати.

Избор помеѓу чума и колера

Дополнителен проблем е што СДСМ во многу општини, а пред сѐ во Тетово, се наоѓа во ситуација да бира помеѓу кандидатите на своите владини партнери, и од таа рашомонијада еден секогаш ќе излезе како незадоволен, што потоа неизбежно ќе има реперкусии и врз владината коалиција. Уште еден проблем за СДСМ е што не може премногу да се надева и на гласовите од релативно добриот резултат на ЛДП/ДОМ, кои јавно посочија дека нема да ги инструираат своите гласачи да гласаат за СДСМ, и кои верувам не им заборавиле за украдениот пратеник и бројните сопки во рамки на владината коалиција.

Да резимираме еден поразителен факт. СДСМ за 4 години успеа да ја уништи сопствената партија во историски поволна ситуација на апсолутна власт, по режим и со огромна меѓународна поддршка. Успеа да ги отуѓи неопределените и независните, да ја нормализира ВМРО, да го спаси ДУИ и да си накалеми трета опција. Нема да навлегувам детално во причините за тоа, повеќе од јасни им се на сите. „Трите К“ - Криминалот, Корупцијата и Клиентелизмот, различни во формата, но многу слични во суштината со режимот, си го направија своето. Промената на името верувам дека беше метаболизирано од електоратот, но за сметка на тоа, катастрофалните потези и изјави околу Бугарија, отворија нов револт кон владата. Лошото менаџирање на ковид кризата, неприфаќањето на никаква одговорност и катастрофалните кадровски политики, заедно со лажните реформи и лажниот наратив за економски и европски напредок, само ја зацементираа разочараноста во власта.

Претходни колумни од авторот:

„Полегзит“ и како поделбите Исток-Запад го блокираа нашиот пат кон ЕУ

Блефот на Кина и Америка околу Тајван

Германските избори и несигурната иднина на Европа

Пак ќе нагласам, СДСМ има шанси да го подобри конечниот резултат, но доколку изгуби во три клучни општини, нејзиниот пораз ќе биде не само политички, туку ќе има и големо симболично значење. Ако изгуби во Град Скопје, каде и онака работата е изгубена во Советот, па Шилегов и со победа ризикува да биде глинен гулаб, тогаш ќе се потврди поразот во епицентарот на Македонија, во Скопје, во најбогатиот и најпрогресивниот дел од македонскиот електорат. Со тоа ќе пропадне приказната за некакво обединување на прогресивните сили, наратив кој и онака е „исфуцан“ и веќе не лепи кај народот.

Доколку се изгуби во Карпош, бастионот на СДСМ, и таму победи Стевче, истиот оној кој беше шиканиран и обвинуван за милионски криминали за кои никако не се постапи, тогаш по којзнае кој пат ќе падне во вода приказната за правната држава и борбата со криминалот. Борбата против дивата урбанизација и онака пропадна во мандатот на Богоев.

И конечно, доколку СДСМ изгуби во Куманово, од својот довчерашен соборец и успешен градоначалник, а денес исклучен и острациран противкандидат, тогаш дефинитивно ќе биде нагризен и внатрешнопартискиот легитимитет на Зоран Заев и неговите најблиски соработници.

Малите може да бидат пресудни

Особена напомена и честитка заслужуваат независните листи. Во крајно неповолни услови, со мала излезност, со обиди на големите партии пред изборите да им скројат законски повисок праг за собирање потписи за учество на локалните избори, со менување на нивните имиња на изборното ливче, сепак како една хетерогена опција успеаја да освојат над 60 советници или 56 илјади гласови. Нивното учество во Советите ќе биде пресудно, особено таму каде што ниедна голема партија ќе нема доволно мандати за чисто мнозинство. Но, најважно од сѐ е дека покажаа како мала група на слободни индивидуи може да се организира и да постигне резултат, нешто што во иднина ќе ја зголеми инклузивноста на граѓаните во политиката и во власта. Ако од оваа ембрионална форма успеат да пронајдат и некој заеднички именител за некои идни парламентарни избори, треба да знаат дека на располагање им стои резервоар од 50% од електоратот кој не гласа, а добар дел и од оние кои гласаат за големите партии.

Тоа важи и за која била интелектуална или политичка сила во општеството која во моментов е неструктурирана и која, доколку се обедини како Трета опција, може да се надева на 300-400 илјади потенцијални гласачи.

Негласањето како глас

Македонија го живее парадоксот кој се однесува на самата есенција на демократија. Демократијата се инкарнира во правилото: Мнозинството одлучува! Но, ако продолжи да гласа само едно малцинство од избирачите, тогаш тие одлучуваат за сите, додека повеќето остануваат без глас. Овојпат мислам дека и таа логика е малку смената, зошто слабата излезност веќе ги казнува големите партии. Малцинството гласа „од верба“ во една партија, од припадност или пак од интерес. Повеќето бираат да не гласаат или своите гласови да ги дадат на ембрионални форми на трети опции. Поради тоа сѐ повеќе расте и тежината на оние кои гласаат „против“. И денес, гласањето и за некоја од листите надвор од партиите или за Левица е алтернатива на негласањето. Затоа што денес за да се добие глас потребни се многу добри причини, кои ќе бидат изразени низ ефикасни субјекти кои добро работат на терен или во самите институции, или пак кои знаат да го мобилизираат гласот во знак на протест.

Затоа, пак ќе повторам: во првиот круг видовме како „негласањето“ се претвори во глас, во глас против или глас за малите, секако во глас за „Партијата на Негласачите“. Сега останува некој да ја преземе, исполни и структурира таа партија.