1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделбите во Црна Гора минаа на паричникот

Ана Богавац / ЕМФ21 мај 2016

Црна Гора слави една деценија независност. Напредокот кон ЕУ и НАТО е неспорен, но граѓаните се загрижени поради сѐ полошата економска ситуација.

https://p.dw.com/p/1IsEZ
Фотографија: DW/A.Bogavac

Млади луѓе играат традиционално црногорско оро на генералната проба за настапот на прославата на десетгодишнината од независноста на Црна Гора. Маша е зачудена од големината на бината, зашто со години беше забрането да се организира што било на централниот градски плоштад. Плоштадот од неодамна, по четврти пат од своето постоење, го промени името и сега се вика „Плоштад на независноста“. Црна Гора денеска (21 мај) не одбележува само десет години откако ја обнови држановста, туку и „милениум од државноста“, зашто пред илјада години е погубен кнезот Владимир Дукљански. Убава пригода за државноста да се растегне во светлото минато, оцени Одборот за прослава кој го предводи претседателот Филип Вујановиќ.

Маша Елезовиќ, млада дизајнерка од Подгорица, само што се вратила од двегодишните студии во Јапонија и сега минува низ т.н. „обратен културен шок“. Промената на името на плоштадот ѝ е смешна, „илјадагодишнината“ ѝ е уште посмешна, а на прославата на десетгодишнината нема да присуствува, зашто, како што вели, тоа е славје на елитата околу власта.

Таа 2006 година Маша само што станала полнолетна и била меѓу оние 55 и нешто отсто луѓе кои ја заокружија независноста. „Очекував националните прашања да се завршат еднаш засекогаш и да запре приказната дали си Србин или Србинка или Црногорец или Црногорка.“ Но, Маша смета дека таа приказна не завшрила, туку се интензивирала, зашто власта која во оваа земја никогаш не е сменета на избори, опстанува според принципот „скарај па владеј“.

Montenegro Jahrestag 10. Jahrestag der Unabhängigkeit
Маша нема да присуствува на прославата за „избраните“Фотографија: DW/A.Bogavac

Форсирање на разликите

Три дена пред прославата на десетгодишнината, на маратонска седница која траеше 14 часа, црногорскиот Парламент гласаше за „Влада на изборна доверба“. Оригинален придонес за светската демократија, се шегуваат оние што прават вицови на таа сметка. Премиерот Мило Ѓукановиќ по повеќемесечна политичка криза, која опозицијата често ја споредуваше со ситуацијата во Македонија, на опозиционите партии им ги понуди најважните министерски места, за да може да контролираат дали се злоупотребуваат државните ресурси за победување на избори. Ден пред формирањето на таа влада, Ѓукановиќ во едно телевизиско интервју објасни дека надминувањето на општествената поделеност е најголем предизвик, како и дека идејата за давање на дел од власта на опозицијата постоела во текот на сите изминати 10 години, зашто тоа го смета за начин на решавање на овој предизвик.

„Надминување на поделбите во никој случај не е примарен фокус на оваа влада, зашто и од опозицијата влегуваат оние кои беа на иста страна како и Ѓукановиќ во времето на референдумот“, оценува Борис Раониќ, аналитичар од невладината органзиација „Граѓанска алијанса“. За него составот на преодната влада е чист апсурд, зашто нејзе ја сочинуваат и четири политички партии кои воопшто не учествуваа на претходните избори, а три од нив дури и не постоеја. Во исто време, оние пратеници кои беа за останување во заедничка држава со Србија остануваат и сега надвор од новата влада.

Напредокот очигледен, но бавен

„Граѓанска алијанса“, во соработка со десетина партнерски организации, објави анализа „10 години независност - Поглед одвнатре“. Издавачот на публикацијата и директор на оваа НГО, Раониќ, заклучува дека напредокот е неспорен, но е многу бавен. Црна Гора направи големо поместување нанапред во процесот на приклучување кон ЕУ и НАТО, има огромно поместување во некои конкретни области, како спречување на измачувањето затвореници или борба за правата на припадниците на ЛГБТ-заедницата. „Но, во други области, како претставувањето на малцинствата, има полоша ситуација отколку пред 10 години“, вели тој и го дава примерот дека сега во јавната администрација има помалку Албанци отколку во 2006 година.

Montenegro Jahrestag 10. Jahrestag der Unabhängigkeit
Алекса Бечиќ: Црна Гора е најубава на Балканот, но тоа не е доволноФотографија: DW/A.Bogavac

Раониќ вели дека „единстевна област каде што не е оптимист се економските прашања“. Истото тоа го загрижува и опозиционерот Алекса Бечиќ, основач на партијата Демократска Црна Гора. Премиерот Ѓукановиќ во истото интервју оцени дека земјата е економски поразвиена отколку на 21 мај 2006 година. „Во овие 10 години БДП е зголемен за 70%, има 40 илјади вработени повеќе. Просечната плата е зголемена за 70%, а пензиите за 100%“, пренесоа медиумите. Но, Бечиќ на овие податоци на премеирот би им додал и дека „имаме јавен долг зголемен за четири пати во однос на 2006 година, дека имаме дефицит во платниот биланс, дека имаме седум пати поголем увоз од извоз, дека секој втор млад човек е без работа, дека во однос на изминатите четири години невработеноста се зголемила од 32 на 40 илјади“.

Сите соговорници на ДВ нагласуваат дека наместо досегашните национални поделби, сѐ поочигледни се економските разлики. „Тоа е голема опасност за Црна Гора, затоа што имаме најголем јаз меѓу богатите и сиромашните во Европа“, тврди Бечиќ. „Имаме една шака привилегирани поединци, а најголемиот дел на Црна Гора живее на работ на егзистенција.“ На причините за таквата состојба слично гледаат и независниоте аналитичари, и опозиционите политичари, и младите како Маша. Се повторуваат објаснувања за„приватизација грабеж“, или за претворање на земјата „во приватна држава на еден човек“ и неговите пријатели.