1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подметнување? Германија го стопира Северен тек 2 - засега

Сабине Кинкарц
23 февруари 2022

Германската влада ја прекина процедурата за одобрување на почетокот на работата на гасоводот Северен тек 2. Но, тоа не значи и негов крај. Берлин остава можност за подоцнежно пуштање во употреба, смета Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/47SbB
По руските постапки околу источна Украина, веќе ништо не е сигурно во врска со гасоводот Северен тек 2
По руските постапки околу источна Украина, веќе ништо не е сигурно во врска со гасоводот Северен тек 2Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Изгледаше како сензационална вест. Додека во ЕУ сѐ уште се расправаа кои санкции и по кој редослед ќе бидат воведени против Русија, германскиот канцелар Олаф Шолц го соопшти германскиот придонес кон тие мерки: гасоводот Северен тек 2 нема да биде пуштен во употреба. Постапката за издавање дозвола за работа е запрена.

За тоа не е потребно повеќе од обичен управен акт. Сојузното министерство за економија ја повлекува анализата во која овој гасовод се означува како важен за снабдување со енергенси во Германија. Без оваа ознака надлежната установа, Сојузната агенција за мрежи во Бон, не смее да му издаде на гасоводот сертификат, значи, да издаде дозвола за работа.

Да се обезбеди снабдување со енергенси и без Северен тек 2

Министерството ќе „изврши ново вреднување за безбедноста на нашето снабдување земајќи го предвид сѐ она што се случи во последниве денови“, додаде канцеларот. Оваа реченица е важна. Од една страна, Шолц признава дека во декември погрешил кога тврдеше оти гасоводот е „проект на приватна економија“ и дека постапката за доделување дозвола е „целосно неполитичка“.

Сабине Кинкарц, авторка на коментарот
Сабине Кинкарц, авторка на коментарот

Второ, Шолц си остава себеси излез во случај на нужда. Бидејќи, таа може и поинаку да се сфати: со секоја промена на прашањето за безбедност со снабдување на енергенси повторно може да се анализира. Ако Русија попушти, нешто би се променило. А, што тогаш би говорело против тоа Северен тек 2 сепак да биде пуштен во употреба? Згора на тоа гасоводот е веќе изграден, значи, само уште треба да биде пуштен во погон. 

Северен тек 2 останува

Тоа сигурно нема да им се допадне, посебно на Американците. „Ако Русија, на пример, со тенкови и трупи ја премине гранцата со Украина, нема да постои Северен тек 2“, рече американскиот претседател Џо Бајден за време на посетата на канцеларот Шолц на Вашингтон. Како тој мисли тоа да го постигне, бидејќи гасоводот е под германска контрола, праша еден новинар. „Тоа ви го ветувам. Ние тоа ќе го оствариме“, гласеше одговорот на Бајден.

Северен тек 2 останува. Навистина, замрзнат во статус кво, но во секој момент е подготвен за пуштање во погон.

Повеќе: Дали се успешни игрите на Путин со гасот?

Социјалдемократот Олаф Шолц на тој начин ги избегнува проблемите и во сопствената партија. Особено премиерката на Мекелнбург Предна Померанија, Мануела Швезиг, во минатото стори сѐ за да обезбеди завршување на гасоводот. Во оваа покраина гасоводот Северен тек 2 завршува на германска страна. Во актуелната ситуација, на владата на чие чело е Швезиг не ѝ останува ништо освен да го поддржи курсот на санкциите на сојузната влада, но тие потајно се надеваат дека Северен тек 2 сепак еден ден ќе почне со работа.

Може да се радува и поранешниот канцелар Герхард Шредер

Ако работите се разгледуваат подетално, тоа што го објави Олаф Шолц, значи, не беше никаква сензационална вест, туку од негова гледна точка, премудар шаховски потег. Тоа би можело да се нарече и трик. Шолц го направи Северен тек 2 дел од германските санкции и со тоа докажа дека неговата земја е доверлив сојузник, а во исто време за во иднина си ги остава сите опции отворени. Тој дури и си обезбедува предност и отсега може активно да одлучува како ќе се развиваат работите понатаму. 

На тоа, на германска страна, сигурно најмногу ќе се радува поранешниот канцелар Герхард Шредер. Тој не само што е близок пријател со рускиот претседател Владимир Путин, туку е и социјалдемократ кој е многу вмешан во руското работење: тој е претседател на Управниот одбор на акционери на конзорциумот „Северен тек АД“, претседател на Управниот одбор на „Северен тек 2 АД“, шеф на Надзорниот одбор на рускиот државен енергетски концерн „Роснефт“.

Неодамна Шредер е именуван и во Надзорниот одбор на рускиот гигант за природен гас „Газпром“ - можеби затоа што Путин се надеваше дека така ќе може да влијае врз одлуката на актуелнот социјалдемократски канцелар. Но, тоа - како што денес е сосема јасно - сигурно не го импресионирало Олаф Шолц.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ