1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите во Русија носат и радиоактивна закана

10 август 2010

Во Русија продолжува битката со пожарите кои се закануваат да ги загрозат и нуклеарните постројки. Еколозите предупредуваат на опасноста oд нов Чернобил. Последиците од кризата веќе се мерат во милијарди долари.

https://p.dw.com/p/OgfV
Пожарите се во предворјето на нуклеарната централа во СаровФотографија: AP

Руски војник кој учествувал во гаснењето на пожарите околу центар за нуклеарни истражувања е последната жртва на огнената стихија, која предизвика хаос во Русија. Покрај пожарникарите, властите во земјата забрзано распоредуваат и војска во близина на големите нуклеарни реактори и истражувачки центри, кои се под зголемена закана од пожарите. Војникот загинал откако врз него паднало запалено дрво во близина на Саров, на 500 километри источно од Москва.

Експертите предупредуваат дека вистинската опасност за граѓаните доаѓа од нуклеарната депонија Мајак, која се наоѓа на околу 1.500 километри од Москва. Пламените јазици се оддалечени само 80 километри од централата, иако според последните информации огнот е локализиран.

Експертот на „Гринпис“, Кристоф фон Ливен објаснува дека во 1957 година во оваа централа се случила хаварија која предизвикала едно од најголемите светски радиоактивни загадувања. „Огромно количество радиоактивен материјал се наоѓа во околината, а голем дел од отпадот едноставно бил фрлан во блиското езеро“, тврди фон Ливен.

Експертите исплашени, властите оптимисти

Експертите стравуваат дека пожарите кои се приближуваат би можеле да го рашират радиоактивниот материјал на илјадници километри оттаму. Руските власти, пак, смируваат и тврдат дека нема место за паника. Локалните власти денеска оддржуваат итен состанок на кој треба да ја анализираат состојбата. Смирувачки тонови пристигнуваат од првите луѓе на нуклеарната индустрија во земјата. „Времето е поволно за нас. Нема ветер и затоа треба да им го зададеме завршниот удар на пожарите“, оптимистички оцени шефот на нуклеарната централа во Челијабинск.

Waldbrände in Russland - Moskau im Smog
Фотографија: picture alliance/dpa

Властите во земјата ги отфрлија критиките дека воопшто не биле подготвени за справување со пожарите. На нивна страна застана и претседателот на државата Дмитриј Медведев. „Дури и да започневме со подготовките пред 10 години, немаше да бидеме во можност да сториме ништо повеќе“, изјави Медведев.

Добра вест за властите е што облакот од смог и јаглерод диоксид полека го напушта небото над Москва, иако е рано да се зборува за нормализирање на состојбата.

Големите пожари и горештините кои им претходеа сериозно ги погодија општеството и економијата, а проценките се дека ќе чинат околу 15 милијарди долари, или околу еден процент од БДП. Најтешко е погодено земјоделството, бидејќи досега беа уништени околу десет милиони хектари плодна површина.

Автор: БГ/ ТТ/ дв/ афп

Редактор: Александра Трајковска