1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите ќе создадат радиоактивна зона?

6 август 2010

Руските власти не можат да ги стават под контрола пожарите во западниот и централниот дел на земјата. Постои опасност при пожарите да се ослободат радиоактивни честички од почвата и да ја озрачат околината.

https://p.dw.com/p/OdvG
Десетици илјади пожарникари и војници се обидуваат да ги изгаснат пожаритеФотографија: AP

Над главниот град на Русија повторно има густ облак од смог. Количеството на јаглерод диоксидот е најмалку трипати поголемо од вообичаеното, соопштија властите. Дишењето е мачно поради агресивната и неподнослива миризба. На некои места видливоста е помала од 100 метри. На меѓународниот аеродром Домодедово утринава (06.08.) имаше малку летови.

Опасност од создавање нова радиоактивна зона


Russland Waldbrände Smog in Moskau
Поради густиот смог во Москва е намалена видливостаФотографија: AP

Поради пожарите кои и натаму беснеат во околината на Москва, Министерството за одбрана ноќеска испразни еден магацин со муниција. Артилериската муниција и ракетите се однесени на безбедно место, соопшти портпарол на министерството.

Во моментов, со особено внимание се следи состојбата во Брјанската област, на околу 400 километри југозападно од Москва, во близина на украинската и белоруската граница. Таа во 1986 година беше озрачена при катастрофата со атомскиот реактор во Чернобил. Во тресетното земјиште и во шумите се‘ уште има големо количество на радиоактивни честички. Рускиот министер за заштита од катастрофи Сергеј Шојгу е загрижен поради тоа:

„Ако таму избие пожар, притоа нема да се ослободат само вообичаените штетни материи, туку исто така и радиоактивните честички. Така може да се создаде нова радиоактивна зона.“

Пред се‘ поради променливиот ветер тие може да се пренесат насекаде.

Украина се обидува да ги избегне грешките на Русија


Ukraine Wahlen Viktor Janukowitsch als Präsident gewählt
Јанукович побара поенергични мерки за да се спречат пожариФотографија: AP

Силниот ветер и температурите над 40 степени и во Украина предизвикуваат нови пожари. Илјадници хектари шума веќе горат. Најпогоден е регионот околу Дњепропетровск. Украинските агенции известуваат дека е во опасност и еден магацин со муниција. Претседателот Јанукович на седницата на Советот за безбедност побара поенергични мерки:

„Мора да ги ангажираме војниците и внатрешните сили за безбедност и да ги затвориме шумите. Мора да им забраниме на луѓето да одат во шумите. Во никој случај не смее да се одржуваат воени вежби!“

Украина се обидува да ги избегне грешките на Русија, каде дел од властите доцна реагираше на пожарите. Рускиот кризен центар денес (06.08) соопшти дека ситуацијата малку се подобрила. Владимир Степанов претпладне изјави: „

Ситуацијата во Русија во изминатите 24 часа остана стабилна. Најкритично и натаму беше во Саров, како и во околината на Москва. Но, со големи напори успеавме да ја ставиме ситуацијата под контрола. Ќе продолжиме со гаснење на жариштата на пожарите.“

На метеоролошката карта и натаму нема надеж за подобрување. Времето ќе остане жешко, суво и ветровито.

Автор: Кристина Нагел / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска