1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Поздрав од Москва“ до шефот на ОН?

ЖА / агенции
29 април 2022

Зеленски: Намерата на Москва е понижување на ОН. Германската влада го осуди рускиот ракетен напад за време на престојот на шефот на ОН, Антонио Гутереш во Киев, при кој загина и новинарка на Радио Слободна Европа.

https://p.dw.com/p/4Adlq
Raketenangriff auf Kiew
Фотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

Рускиот ракетен напад врз Киев за време на вчерашната (28.04) посета на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предизвика остра критика во светот, на која се приклучи и германската влада. Односот на руската страна покажува целосно човечко непочитување. Русија и шефот на Кремљ, Владимир Путин пред очите на цел свет покажаа немање никаков респект за меѓународното право, изјави заменик-портпаролот на германската влада Волфганг Бихнер денеска во Берлин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва за намера да ги понижи ОН. Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, во рускиот напад гледа „покажување среден прст кон ОН“. Тој самиот направил увид во квартот со погодените објекти, меѓу кои повеќе станбени згради.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

Во синоќешното ракетирање на украинската престолнина загина и украинска новинарка од Радио Слободна Европа, Вера Гринич. Нејзиното тело е најдено во урнатините на зградата во која живеела, која била погодена од руска ракета.

Русија го потврди нападот врз украинскит главен град, тврдејќи дека цел биле објекти за производство на ракети и претпријатието за вселенска техника Артион во индустриската зона на Киев, кои се уништени, како што тврди Министерството за одбрана од Москва. Редица воздушни напади биле изведени и врз повеќе електрични далноводи на железнички јазли на украинската железница, меѓу другото во Фастов кај Киев.

Ракетите паднаа врз Киев само еден час по завршувањето на прес-конференцијата на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на локација оддалечна околу 3,5 километри. Портпарол на ОН пренесе дека Гутереш бил шокиран. Посетата на  Украина Гутереш ја искористи и за кратка обиколка на Бородјанка и Буча, местата во кои руските војници извршиле страшни ѕверства врз украинско цивилно население. 

Гутерешпред средбата со Зеленски се сретна и разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, од кого добил начелна согласност за посредување во евакуација на цивили од разурнатиот украински град Мариупол и тамошната челичарница.