1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка есен на канцеларката Меркел

27 септември 2018

Историјата понекогаш се повторува. Германската канцеларка еднаш напиша дека нејзината партија мора да научи да оди. Сега повторно дојде таков момент.

https://p.dw.com/p/35ZjF
Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/M.Sohn

„Револуција“ и „што понатаму?“. Иронија и напнатост во Берлин по поразот на Ангела Меркел. Од еднастрана, секојдевната политичка рутина формално продолжува. Седница на владата, во центарот е канцеларката, седници на комисиите во Бундестагот. Од другастрана, Ангела Меркел се промени по заминувањето на најверниот меѓу верните во пратеничката група, Фолкер Каудер.

Нејзините зборови, а уште повеќе изразот на лицето тоа го покажаа уште во вторникот вечерта. „Ова е час на демократијата, постојат и порази, тука нема простор за разубавување. Без оглед на тоа, би сакала натамошна успешна работа на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Затоа ќе го поддржам Ралф Бринкхаус секаде каде можам“. Тоа е настап на политичарка која доживеала пораз. 

Тој кај неа

Германската канцеларка вчера утрото имаше краткорочно закажа термин. Новиот шеф на пратеничката група, Бринкхаус беше кај Меркел. Претходно изјави: „Пред нас стојат важни проекти.... уште утре ќе почнеме да го работиме она што се очекува од нас, да се посветиме на задачите.“

Изборот на Бринкхаус беше знак дека пратеничката група, која долго изгледаше летаргично, нема да го следи секое трепнување на Меркел и Зехофер. Но, ако внимателно се прочитаат говорите и изјавите на Бринкхаус од 2009. година, по неговиот избор во Бундестагот, тогаш ова не беше пуч против канцеларката. Тој ја поддржува и не сака промена на курсот.

Во пратеничката група пучисти се сосема други луѓе: „Многумина пратеници придоби со изјавата дека ја следи Ангела Меркел и не сака промена на курсот. Станува збор за нов стил на работа“, вели за медиумите Армин Лашет, покраински премиер на Северна Рајна Вестфалија и заменик претседател на ЦДУ.

Unionsfraktion im Bundestag -  Ralph Brinkhaus (CDU), stellvertretender Fraktionsvorsitzender der CDUCSU Fraktion
Новиот шеф на пратеничката група на Унијата, Ралф БринкхаусФотографија: picture-alliance/dpa/K.Nietfeld

Социјално пазарна економија

На Меркел ѝ одговара што говорите на Бринкхаус се воглавно од финансиско-политичка природа и изразито проевропски. Тој потсетува дека германската страна е должна да бара компромиси. Тој е типичен претстваник на социјалната пазарна економија. Бринкхаус ја застапува традицијата на „таткото на економското чудо“, Лудвиг Ерхард. Но, тој не е само човек на канцеларката. ЦДУ не е пучистичка партија, затоа резултатот е толку занимлив.

Повеќе: 

Крајот на Ангела Меркел

Гнилите компромиси на коалицијата во Берлин

Пратеничката група сигнализираше дека е сеедно што ќе се случи некој ден со Меркел и нејзината влада, демохристијаните ќе останат способни да се артикулираат и да дејствуваат.

Опасни сеќавања

За Ангела Меркел која го предводеше последниот пуч во партијата во 1999. година кога од функцијата го истисна вечниот демохристијански патријарх Хелмут Кол, за пет месеци подоцна да го преземе кормилото на партијата, сега ова е сосема ново искуство. Пред 19 години напиша: „Партијата мора да научи да оди, да има доверба во себе дека во иднина може... и без Хелмут Кол да започне борба со политичките противници.“

Пратеничката група токму учи да оди. Одеднаш. Конечно. Политичките противници велат дека поразот на Каудер всушност е изгласана недоверба кон Меркел. Тоа ќе се покаже следните денови. Во секој  случај, ова е прв сигнал до канцеларката. Партнерите од стопанството и конкурентите на европско ниво јасно ќе го видат сигналот и ќе сфатат дека канцеларката влегува во својата политичка есен.

Helmut Kohl und Angela Merkel
Ангела Меркел учествуваше во пучот против Хелмут Кол во партијатаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Altwein

Шефовите на коалициските партнери, демохристијанската Ангела Меркел, лидерката на Социјалдемократската партија Андреа Налес и првиот човек на Христијанско-социјалната унија Хорст Зехофер секој на свој начин имаат тешка положба во својата партија. Во октомрври се одржуваат покраински избори во Баварија и во Хесен. Потенцијалните резултати можат да влијаат врз сојузната политика.

Одлука по изборите

Во двете покраини владите се предводени од партиите на Унијата. Нивната власт е климава. Дури кога ќе бидат познати резултатите, ќе се знае расположението во пресрет на декемврискиот партиски конгрес на ЦДУ. На почетокот на годината на Меркел ѝ успеа да направи добар потег кога на местото генерален партиски секретар ја доведе Анагрет Крамп-Каренбауер. Партијата ја избра неа во одлично расположение. Но, по поразот на од Меркел фаворизираниот кандидат и изборот на противкандидатот Ралф Бринкхаус, јасно е дека преку ноќ расположението може да се сврти против канцеларката. И тоа во секое доба.

Еднаш канцеларката ќе мора да се изјасни дали повторно ќе се кандидира за партиската челна функција. Политикологот Геро Нојгербауер смета дека ќе го направи тоа: „Само од таа позиција таа има потребен авторитет за настап пред пратеничката група како лидер на партијата. Мислам дека ќе ја консолидира таа позиција.“ Овој аналитичар сепак смета дека Меркел веќе размислува околу свој наследник.