1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска пред дилема - останување или заминување од ЕУ?

Јацек Лепјарц
13 октомври 2021

Полјаците се одушевени приврзеници на ЕУ. Но, владејачката десница води политика која би можела да доведе до „Полегзит“. Екс премиерот и европолитичар Доналд Туск се обидува да ја мобилизира опозицијата. Има ли шанса?

https://p.dw.com/p/41bgn
Polen | Urteil Verfassungsgericht | Demonstration in Warschau
Фотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Полјаците, кои со векови живеле меѓу Истокот и Западот, се нација која е одушевена од Европа. Запад беше референтна точка и одредиште од соништата за мнозинството жители на земјата, дури и во најлошите времиња на комунистичкото владеење. Припадноста кон советската сфера на влијание по 1945. година отсекогаш се сметала за вештачко одделување од политичките и културни корени. Падот на Железната завеса во 1989. година затоа беше поздравен како „враќање во Европа“.

Проевропската политика на сите влади по демократската транзиција наиде на широка поддршка во општеството. Во 2003. година три четвртини од Полјаците (77,45 %) на референдум се изјаснија нивната земја да се приклучи кон ЕУ. Дури и тогаш антиевропските сили на крајната десница се обидуваа да шират страв, на пример со сликање на ѕидови на колапс на полското земјоделство по отворањето на земјоделскиот пазар, но без успех. 

ЕУ и натаму е многу популарна

Големиот удел на поддржувачи на ЕУ не само што не се намали во последните децении, туку и се зголеми. Во истражување на институтот ИПСОС за „Газета Виборшча“ и интернет порталот OKO.press од 5.10., дури 88% испитаници се изјасниле за останување во ЕУ. Претходните истражувања го потврдуваат овој тренд.

Масовното учество во  демонстрациите под мотото „Остануваме во Европа“ во неделата, во кои низ цела Полска учествуваа повеќе луѓе отколку во претходните протести против забраната за абортус или ограничување на независноста на судовите, покажува дека проевропските сили се јаки и не попуштаат. Само во Варшава на улици излегоа околу 100 илјади луѓе.

Polen | Urteil Verfassungsgericht | Demonstration in Krakau
Полјаците не сакаат да заминат од ЕУ, протести против одлуката на полскиот Уставен суд Фотографија: Art Service 2/PAP/dpa/picture alliance

Може ли десничарскиот сојуз кој владее во Полска, Обединетата десница, чија срж е партијата Право и правда на Јарослав Качински, сепак  да ја изнесе Полска од ЕУ ? Полските национални конзервативци настојуваат тоа да го демантираат. Обвинувањето дека владата цели кон  „Полегзит“  е само пропаганда против ПиС, наведуваат тие. За да го поткрепи овие стојалишта, партиското раководство во средината на септември донесе резолуција во која исклучува излегување од ЕУ.

Излегувањето би било политичко самоубиство за полската десница

Полската десница знае дека отворено одбивање на ЕУ би значело политичко самоубиство, но истовремено  бројот на судири со Брисел расте,  а спорот околу владеењето на правото досегна прелиминарна кулминација со неодамнешната пресуда на полскиот Уставен суд. 

Тактиката на владиниот табор се состои во прикажување на Полска како „вистинска Европа“ и осудување на Западна Европа како гнездо на злото, како лева, неомарксистичка творба која е на погрешен пат со хомосексуалните бракови. Според овој наратив, Полска би требало да го спаси Стариот континент од пропаст со својата католичка вера и традиционалниот брак и семејството. Стратешка цел е „Европа на татковините“ според моделот од 50-те и 60-те години, кога на чело беа Конрад Аденауер и Шарл де Гол.

По долго колебање, раководството на владејачката партија се одлучи на спор со Брисел, пишува Јустина Доброшч-Орашч во „Газета Виборшча“ (во изданието од понеделникот). Партијата ПиС беше уверена дека може да ја влече за нос Европската комисија и сега удри во ѕид, се наведува во текстот. Решителноста на Брисел непријатно ја изненади  власта во Полска,  вели полската новинарка. Неколку политичари од ПиС јавно изјавија дека на Полска всушност не ѝ требаат парите од Развојниот корона-фонд, но во суштина, партијата е во паника, вели  Доброшч-Орашч.

Сериозна антиевропска реторика или само маневар?

Некои коментатори во антиевропската реторика гледаат само тактички маневар за смирување на десното крило на Обединетата десница, пред сѐ партијата Солидарна Полска на министерот за правосудство Збигњев Жобро. Други предупредуваат дека Полска, како Велика Британија, не сакајќи ќе заврши надвор од ЕУ.

Donald Tusk übernimmt Führung der größten polnischen Oppositionspartei
Доналд Туск сака да ја обедини опозицијатаФотографија: Czarek Sokolowski/AP/picture alliance

Демонстрациите во неделата покажаа дека Доналд Туск има голем потенцијал за мобилизација. Политичарот кој последните шест години ги помина во Брисел, меѓу другото и како шеф на Европскиот совет, од летоска со цврста рака се обидува својата партија Граѓанска платформа (ПО) повторно да ја оспособи за владеење. Анкетите покажуваат дека обединетата опозиција би можела да ја победи ПиС на изборите. 

Неединствена опозиција

Меѓутоа, проблем на демократската опозиција е несогласноста. Челниците на опозиционите партии во неделата не беа присутни во Дворскиот плоштад во Варшава. Доведена е во прашање улогата на Туск како опозициски лидер. Личните амбиции се покажаа посилни од одбивноста кон ПиС. Тоа не е добар предзнак за иднината. Избори во Полска ќе се одржат дури во 2023 година, но многу аналитичари веруваат дека не се исклучени предвремени избори напролет.

Зошто Полјаците, кои се поддржувачи на Европа, во 2015 година гласаа за партија која е скептична, ако не и непомирлива кон ЕУ? И зошто на националните конзервативци им дадоа уште еден мандат за владеење пред две години? Мнозинството Полјаци членството во ЕУ го сфаќа како разбирливо само по себе. Други прашања беа одлучувачки при излегувањето на избори, посебно политиката на општествен идентитет.

Но крајно, голем дел од Полјаците остануваат политички неактивни и нерефлектирачки, тие ја поддржуваат ЕУ, ги уживаат социјалните бенефиции на ПиС и се среќни што можат да отидат евтино на одор во Хрватска, но тука не гледаат никаква поврзаност. Непрекинатата политичка борба во Полска се врти околу оваа група, резимира Агњешка Лада, заменик директор на истражувачкиот центар на тинк-тенкот Германско-полски институт во Дармштат.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.