1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрозени премиери и тврдења за заговор

Е.М. Фиданоска /афп/ртр/дпа/ард4 април 2016

Владите ширум светот ги анализираат и коментираат „Панама документите“. Франција најави консеквенци. Британскиот премиер е под притисок. Кремљ вели дека сѐ е заговор против Путин. Се ниша фотелјата на премиерот на Исланд

https://p.dw.com/p/1IP8G
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.F.Frey

Какви последици ќе имаат откритијата од „Панама документите“ за дубиозни офшор фирми во Централна Америка? Првичните реакции ширум светот даваат простор да се насети што следува.

Под најголем притисок во моментов е актуелниот премиер на Исланд, Сигмундур Гунлаугсон. Парламентот најверојатно утре ќе гласа за доверба. Опозицијата бара оставка од Гунлаугсон. Неколку илјади Исланѓани преку Фејсбук се организираат на протести против премиерот кои треба да се одржат вечерва. Причина: „Панама документите“ покажуваат дека премиерот и двајца негови министри работеле со офшор фирми.

Оланд зборува за „добри новости“

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави правни чекори во врска со откритијата. „Ве уверувам дека како информациите излегуваат на виделина, така ќе се спроведе истрага и ќе се отворат процеси и постапки“, изјави тој на маргините на една посета на фирми кај Париз. Откритијата во „Панама документите“ се „добри новости“, зашто државата „од оние кои мамат“ ќе добива повеќе данок, вели Оланд.

Расположението на премиерот на Велика Британија е помалку добро, зашто Дејвид Камерон и самиот е под притисок поради откритијата. Според британски медиумски извештаи, во документите се споменува неговиот починат татко Иан Камерон. Освен тоа, во откриените податоци (над 11,5 милиони) се појавуваат и имиња на членови на партијата на Камерон, како и луѓе кои финансиски ги поддржуваат конзервативците. Бирото на Камерон отфрли да даде коментар. Но, владата ја замоли новинарската истражувачка мрежа ИЦИЈ за копија од протечените информации. „Точно ќе ги проучиме овие податоци и ќе реагираме брзо и соодветно.“

Кремљ тврди дека се работи за заговор на ЦИА

Руски Кремљ тврди дека откритијата се заговор на ЦИА за слабеење на позициите на претседателот Владимир Путин. од „Панама документите“ произлегува дека луѓе од доверба на Путин работеле со офшор фирми на адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека“. Руската влада е уверена дека зад откритијата стои американската тајна служба ЦИА.

Многу новинари кои учествувале во истражувањето се „поранешни соработници на Министертсвото за надворешни работи, на ЦИА или на други тајни служби“, изјави протпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тој критикуваше дека има голем број „измислици“ и „фалсификати“ во извештаите. Песков рече дека Русија е главна цел на објавените информации. Истовремено, тој додаде дека истражувањето не содржи „ништо ново или конкретно“ за Путин.

Во Украина Антикорупциското биро засега нема да води истрага против претседателот Петро Порошенко. „Согласно важечките закони, претседателот не е на листата на носители на функции против кои бирото може да отвори истрага“, објаснуваат од оваа институција. Истрага може да се води само против поранешни претседатели. Сепак, двајца пратеници од партијата на Претседателот, Мостафа Најем и Сергеј Лешченко, иницираа формирање Истражна комисија. Според „Панама документите“, Порошенко во август 2014 година, време кога војната во Донбас беше во полн ек, со основање на офшор фирма го префрлил правно својот концерн за кондиторски производи на Британските Девствени Острови.

Panama Enthüllungen Screenshot der ICIJ Seite
Во документите со кои располагаат медиуми во цел свет, се појавуваат имиња на милијардери, политичари, спортисти, трговци со оружје, шпиони и измамнициФотографија: ICIJ

Австрија ќе проверува банки

Австриските власти надлежни за финансиски надзор, по првите откритија на „Панама документите“, наложија проверка на две банки. Станува збор за Рајфајзен Банк Интернационал и Хипо Ландесбанк Форалберг. Како што е најавено, ќе се проверува дали во банките е запазена организационата обврска за превенција од перење пари.

„Панама документите“ ја брануваат и Кина. Според документите, роднини на високи по ранг членови на Комунистичката партија на Кина го криеле своето богатство преку офшор фирми во таканаречени даночни оази. Трагите водат до најмалку осум актуелни и поранешни членови на Постојаниот одбор на Политбирото, најважното тело на Комунистичката партија, меѓу кои и кинескиот претседател Ши Џинпинг.