1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Послични сме отколку што мислиме“

Валентина Баталиќ / Азем Куртиќ
10 декември 2018

Азем и Валентина по #dw_BalkanBooster турнејата по Херцеговина и Далмација заклучија дека се многу послични отколку што мислеле. Доживеаја многу позитивни, но и неколку негативни искуства.

https://p.dw.com/p/38ZYg
Balkan Booster Protagonisten Valentina Batalic und Azem Kurtic
Фотографија: DW

Азем: „Ти ли си овој ЛГБТ Азем?“

Да бидам искрен, за Сплит не знаев многу пред да ја посетам Валентина. Знаев за сплитската рап-сцена и некои изведувачи кои успеале да настапат преку хрватската граница. Во една од песните, сплиќанецот познат како Војко В. рапува токму за животот во овој град.

Така, поткован со Војковите песни, тргнав во насока на Сплит. Прв и единствен проблем којшто го имав беше преминувањето на границата, кога морав да докажувам дека не претставувам опасност за Република Хрватска, колку пари имам и каде отседнувам. Дури ни новинарската акредитација не беше доволна за граничарот да поверува дека имам искрени новинарски намери во Сплит, па мојата приказна одлучи да ја провери со помош на Гугл, по што следуваше прашањето: „Ти ли си овој ЛГБТ Азем?“

Во тој момент во главата ми запеа Војко В: „Дали е можно некој да ме саботира, целиот мој живот против мене да лобира?“

Следното утро тргнав во истражување на Сплит и тогаш сѐ она што се случи претходната ноќ веќе беше неважно. Пред да дојдам, Валентина ми рече дека сплиќаните се мрзеливи и дека сакаат сѐ да прават полека. Пиењето кафе е повеќечасовен ритуал како и кај нас, па така и го почнавме денот.

#dw_BalkanBooster: „Исто како да сум во Хрватска!“

Ако некој ме праша по што ќе го паметам Сплит, би рекол дека се тоа луѓето. Млади, амбициозни, поинакви, подготвени да ризикуваат за себе и за своите идеали. Токму такви луѓе запознав и токму нив ги поврзав со своите пријатели во Сараево. Додека многумина зборуваат за заминување, тие о(п)стануваат тука каде што се.

Успеваат да работат и да живеат, наспроти лошите политички и економски прилики. Имаат исти проблеми како моите пријатели и јас, слушаме иста или слична музика, јадеме слична храна, зборуваме на ист јазик, купуваме во исти супермаркети и пиеме исто пиво.

Израснати сме со националистички пароли на ѕидовите, со графити кои величаат осудени воени злосторници, прецртана кирилица и со колективна воена траума. Колку и да сме млади, невозможно е во разговорите да не се допре темата - војна. Една работа ми остави особен впечаток: младите луѓе кои ги запознав за војната и злосторствата зборуваат во среден род. „Тоа нашло да истерува некого од дома“, е само еден од примерите.

Во Сплит ги запознав и најголемите - како што се нарекуваат самите себеси - „опскураши“ досега. Членовите на уметничкото здружение „Кварт“ работата во населбата Трстеник, која ја имаат целосно изменето. Не е толку важно она што го оставиле во јавниот простор, поважно е што луѓето во оваа населба навикнале на уметност. На нивната изложба и перформанси доаѓаат сите: образовани и необразовани, млади и стари, деца и сите слоеви на општеството кои не би можеле да ги замислиме на уметнички настан. А, од каде тие тука? Па, затоа што навикнале!

#dw_BalkanBooster: Во борба против „штетниците“ во општеството

Иако туризмот цути, во овој град многу млади работат на црно или се пријавени на минималец, ако воопшто останале во Хрватска. Турзимот, колку пари и да донесол, му носи и многу проблеми на локалното население. Пред сѐ зголемени се цените, додека платите се останати исти, па за многумина содржините кои Сплит му ги нуди на локалното население станаа недостапни.

Престојувајќи во Сплит, сфатив неколку работи. Влезот на Босна и Херцеговина во ЕУ само уште повеќе би го забрзал процесот на заминување, зашто тогаш можност да заминат би имале - сите. Во истовреме, на границите не би морал да докажувам дека не претставувам закана за никого.

Она во што дефинитивно се уверив е дека сите сме послични отколку што мислиме. Ме згрозуваат коментари на социјалните мрежи во кои сите се трудат да докажат дека не се Балканци, овие или оние, и во кои се набројуваат разликите. Луѓето ни заминаа, оние кои остануваат - одвај преживуваат, јадеме иста храна, зборуваме ист јазик, слушаме иста музика, купуваме во ист синџир маркети, во владата избираме националисти, болниците ни се распаѓаат... и, само  продолжи ја низата. Кои „ба“ разлики?

Слит го напуштив пеејќи го Војко: „Се чини дека некој ме саботира. Можеби владата, можеби Србите, можеби масоните.“

Би додал: можеби ние сами себеси.

Валентина: „Со минатото се соочив кога стапнав во автобус“

„Зошто би се дрндала во стар, смрдлив автобус седум часа до Сараево или четири часа до Мостар, кога оваа недела Барселона е на понуда и за 30 евра дотаму можам да долетам за еден час? Сите знаат дека Барса добива многу повеќе 'лајкови' на Инстаграм“, вели девојка во розов капут од Зара додека на сплитската плажа Бачвице го пие своето кафе веќе три часа.

За жал, девојката е во право по прашањето на сообраќајна поврзаност. Да, знам дека има авиони кои летаат од Сплит за Сараево, но тие билети чинат стотина евра.

#dw_BalkanBooster: Ниту надеж ниту перспектива

Во право е и што се однесува до автобусите. Се соочив со минатото оној момент кога стапнав со нога во автобус. Сепак, остатокот од патувањето мина во сосема поинаков тон. Тој стар автобус го возеше веселник којшто беше одушевен со тоа што јас првпат во животот одам во Чапљина. Ми подели неколку совети - за Чапљина, Херцеговина, Босна, за избирање вистинска перница за спиење и за печени кокошки, а јас не запамтив ниту еден. Но, совршено ме подготви за она што ме дочека во Чапљина и Мостар - насмеани, пријателски настроени луѓе, кои одвај чекаа да поприкажат со мене.

#dw_BalkanBooster: Сите страдаа

Сопственичката на хотелот во којшто отседнав во Чапљина ги фалеше видеата што ги снимавме со Азем. Тетката во продавницата го препозна мојот акцент и одушевено почна да зборува за Сплит. Во Мостар испив кафе со сопственикот на апартманот кој ми раскажуваше за својата водна желка и за сомовите. Се разбира, не беше сѐ во овој излет во БиХ „мед и млеко“. Научив многу за тажното минато и тажните настани. Но, имав чувство дека сите луѓе кои ги запознав беа многу среќни што сум тука.

На крајот ете, признавам - девојката од почетокот на приказната сум јас. И, иако и натаму ќе ги следам цените на летовите на нискобуџетните компании, во ниту една земја во светот не сум се чувствувала толку добредојдена како во Босна и Херцеговина.