1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на Брегзит: Надвор од ЕУ, но како?

Ж. Ацеска
19 јуни 2017

Три месеци по поднесеното барање, Велика Британија ги почнува преговорите со ЕУ околу Брегзит, во услови кога британската влада е во криза, а позицијата на премиерката Меј е заслабена.

https://p.dw.com/p/2eudR
Dokumentarfilm Ein Brexit und drei Millionen Sorgen
Фотографија: WDR/dpa/Yui Mok

Пред почетокот на преговорите околу излезот на Велика Британија од ЕУ, британскиот надлежен министер, Дејвид Дејвис, за својата земја и за ЕУ побара постигнување „дил каков што немало во историјата“, зашто се решаваат „иднината на ЕУ и на Обединетото Кралство и животот на нашите граѓани.“

„Сакаме двете страни од преговорите да излезат силни, да бидат во состојба и во иднина да се придржуваат кон заедничките европски вредности, да бидат водечки во светот и решителни во заштитата на сигурноста на нашите граѓани“, се вели во неговото соопштение. Велика Британија, стои во него, и натаму се гледа себе си како „партнер и сојузник на нашите пријатели од целиот континент.“

Претпладнево во Брисел Дејвид Дејвис разговара со преговарачот на ЕУ, Мишел Барние. Целта на средбата е прво да се усогласи текот и организацијата на преговорите.

ЕУ остава отворена врата

Барние планира, до крајот на годината, преговори во три области: правата на околу три милиони ЕУ-граѓани во Велика Британија, статусот на границата меѓу Северна Ирска и Ирска, како и финансиските побарувања на ЕУ кон Велика Британија. ЕУ-преговарачот би сакал комплексните преговори да се завршат до октомври 2018. година, за во предвидениот вкупен рок од две години, до март 2019. година, да може навремено да се ратификува договорот за излез на Британија од ЕУ.

ЕУ ја држи вратата отворена за Велика Британија. Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел истакна дека Обединетото Кралство може да остане во европскиот заеднички пазар, доколку ги исполнува условите. Тој не исклучува повторно политичко свртување на Велика Британија кон ЕУ. „Постепено станува јасно дека Британците ќе платат висока цена за излезот од ЕУ“, изјави Габриел, според кого, значајно е што широко мнозинство од младите луѓе во Велика Британија е проевропски настроено и не сака Брегзит. „Овој фактор се манифестираше и при најновите парламентарни избори, од ова движење може кога и да е, да произлезат нови мнозинства на изборите и нови изјаснувања.“

Großbritannien - Symbol - Europa
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Tallis

Ветер в лице за Меј

Ополномоштеникот на Европскиот парламент за Брегзит, Ги Ферхофстат, смета дека е можно дури и менување на ставот и откажување од напуштањето на ЕУ. И францускиот претседател Емануел Макрон, по средбата со британската премиерка Тереза Меј во Париз минатата недела, изјави дека од аспект на останатите ЕУ-држави, го смета за можно останувањето на Велика Британија во Унијата. Вратата сѐ уште е отворена, сѐ додека преговорите околу Брегзит не бидат завршени, изјави Макрон. Меѓутоа, британската влада ги отфрла ваквите шпекулации. „Не треба да има двојба - ние ја напуштаме ЕУ“, потенцира Брегзит-министерот Дејвид Дејвис. Премиерката Тереза Меј сака да ја изведе својата земја надвор од европскиот заеднички пазар и царинската унија, а наместо тоа, планира склучување посебен договор за слободна трговија со Унијата. Но, по парламентарните избори од 8. јуни, на кои Конзервативната партија го загуби своето мнозинство, Меј е соочена со ветер в лице поради својата тврда линија. Опозиционата Лабуристичка партија, имено, најави дека ќе се залага за останување во европската царинска унија. Владата треба да ги држи сите опции отворени, смета на пример и експертот за Брегзит, Кајр Штамер.

Страв од хаотични последици

Британскиот министер за финансии Филип Хамонд исто така ја потенцира целта - излез од заедничкиот пазар и царинската унија. Но, нејасно е на каков начин ќе се најде алтернатива за царинската унија, без да се загрози непречениот граничен сообраќај меѓу Република Ирска и британскиот регион Северна Ирска, изјави Хамонд за Би-Би-Си. Решението мора да биде најдено постапно. Според него, можно е преодно решение на неколкугодишен рок, додека да се најде трајно. Сепак, Хамонд останува на линијата на Меј, во краен случај, да се напуштат преговорите за Брегзит. Непостигнувањето договор би бил „многу, многу лош резултат“, но уште полоша би била спогодба која „би ги исцицала животните сокови од нашето стопанство“, вели Хамонд. 

Од европско гледиште, излезот на Велика Британија без постигнат договор, би бил екстремно штетен. Во таков случај првенствено би била нејасна судбината на милиони ЕУ-граѓани во Велика Британија и Британци на Стариот континент, а се стравува од хаотични последици и за стопанството.