1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Почеток на вакцинација во Јапонија

ЖА / агенции
17 февруари 2021

Илјадници Јапонци денеска првпат добиваат вакцина против коронавирус. По пет месеци во Јапонија треба да започнат Летните олимписки игри, домаќините не сакаат да слушнат за одлагање.

https://p.dw.com/p/3pSt5
Japan Covid-19 Impfung
Фотографија: Behrouz Mehri/AP Photo/picture alliance

Прилично подоцна отколку во многу други земји, денеска започна имунизација против коронавирус и во Јапонија. Први на ред за примање на вакцината на германски Бионтек и американски Фајзер се 40.000 вработени во здравството. Меѓу нив се 20.000 лекари и негуватели, кои изразија подготвеност да бидат дел од студија за евентуални нуспојави. Натамошни 3,7 милиони вработени во здравството треба да примат вакцина во март, а од април ќе започне вакцинирањето на околу 36 милиони граѓани постари од 65 години.

Во следната група ќе бидат лица со претходни заболувања и вработените во старски домови, а дури потоа на ред ќе дојде остатокот од вкупно 127 милиони жители на земјата.

 Japan Tokio Ankunft Coronavirus Impfstoff
Драгоцен товар - пратка со вакциниФотографија: Yomiuri Shimbun/AP/picture alliance

Владата на премиерот Јошихиде Суга е на удар на остра критика поради кризното менаџирање на пандемијата на коронавирус. Болниците и натаму се преоптоварени, бројот на мртвите расте. Освен тоа, постојат стравувања дека милиони дози од вакцината на Бионтек и Фајзер нема да можат да бидат искористени, зашто на земјата ѝ недостигаат специјалните шприцеви за максимирање на бројот дози од секоја ампула.

Летните олимписки игри треба да почнат според планот

На сето ова се надоврзува дополнителен притисок поради Летните олимписки игри, кои поради пандемијата на Ковид-19 од 2020. беа одложени за оваа година. Без оглед на непроменето критичната состојба со инфекцијата во светот, владата не се откажува од одржувањето на мега манифестацијата во Токио. Олимписките игри треба да започнат на 23. јули и да траат до 8. август, иако се засилуваат сомнежите во реалноста од запазување на овој термин.

Во Јапонија досега се регистрирани околу 415.000 случаи на Ковид-19, а околу 7.000 луѓе починаа од или во врска со коронавирусот. Иако бројот на заразени во изминатите недели се намалува по постигнатата кулминација во јануари, во Токио и во други префектури сѐуште во сила е вонредна состојба.

Јапонија: Ковид-19 го отежнува справувањето со катастрофалните поплави