1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина поранешниот министер за надворешни работи Вестервеле

Ивета Ондрускова/ЕМФ/ЖА18 март 2016

Гидо Вестервеле почина по тешко боледување. Тој ја доведе ФДП до најдобриот изборен резултат во историјата на партијата. Вестервеле беше 11. министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

https://p.dw.com/p/1IFuM
Фотографија: DW/M.Müller

„Германија останува партнер од доверба во Европа“, изјави Гидо Вестервеле на крајот на својот говор во Генералното собрание на ОН во септември 2013 година. Со оваа реченица се збогуваше од светската сцена како министер за надворешни работи.

Во тоа време имаше 51 година, а неговата кариера на врвен политичар заврши. Денес шеф на дипломатијата, а веќе утредента не беше ниту пратеник, поради тоа што неговата партија ФДП есента 2013 година првпат во историјата на Сојузна Република Германија не успеа да обезбеди влез во Бундестагот. Кариерата на Вестервеле како врвен политичар, која често наликуваше на возење со ролеркостер, заврши наеднаш.

Џентлмен со „одврзан јазик“

Вестервеле е роден на 27 декември 1961 година во Бад Хонеф, кај Бон. Нема ниту десет години, кога неговите родители, двајцата адвокати, се разведуваат. Потоа, заедно со тројца браќа, живее кај татко му во Бон. Уште како ученик ги бранува духовите и поларизира. Гласен е, паѓа в очи со „одврзаниот јазик“, се турка во преден план, но истовремено е и учтив, воспитан граѓански и важи за џентлмен - се сеќаваат неговите тогашни наставници.

Guido Westerwelle, Ex-Außenminister FDP - UN-Generalversammlung 2012
Гидо Вестервеле пред Генералното собрание на ОН во 2012 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Десет години на чело на ФДП

Вестервеле се интересира за политика уште како момче. Со 19 стапува во ФДП и припаѓа на основачите на младинската организација на ФДП „Млади либерали“. Повеќе попатно студира право, докторира, станува адвокат. Со 33 години станува генерален секретар, а со 39 години - дотогаш најмладиот претседател на ФДП. На врвот на германските либерали е цела деценија (2001-2011).

Во јавноста, за време на лидерството на Вестервеле, ФДП се претвора во партија со една тема: во фокусот е повикот за намалување на даноците. Мантрата на Вестервеле гласи: „Намалување на даноците, инвестиции во образованието, поттик на постигнувањата.“

Рекламирање на партијата налик на шоу

Една од неговите најголеми цели е да ја направи ФДП атрактивна за младите. За да разбуди внимание, Вестервеле испробува нови методи. Тој патува низ државата со дречливо жолта приколка, т.н. „Гидо-мобил“, и настапува во „Биг брадер“ на една од приватните телевизии. Неговата изборна цел - ФДП да стигне до 18 проценти на сојузните избори - ја втисна како жолта 18-ка во ѓонот на своите чевли, а потоа ја држеше демонстрантивно пред камерите на едно ТВ-ток шоу. Се фотографира на одбојка, а еднаш дури се декларира и како „Статуа на слободата на Републиката“. Така Вестервеле го оформува имиџот на ФДП како „забавна партија“.

Guido Westerwelle, Ex-Außenminister FDP - Kampagne 18 Prozent
Кампањата 18% на ФДПФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Сјаен говорник, опозиционен лидер и изборен борец

Гидо Вестервеле е роден опозиционен лидер: гласен, „откачен“, секогаш знае подобро од другите, еден од најдобрите говорници во Бундестагот, брилијантен критичар на своите омилени противници: Зелените, СПД и Левицата. На сојузните избори во 2009 година навистина и му успева да постигне рекорден резултат: 14,6 проценти избирачи гласаа за ФДП! Само благодарение на ваквиот резултат на ФДП шефицата на ЦДУ Ангела Меркел можеше да скова црно-жолт сојуз по четирите години голема коалиција со социјалдемократите.

Guido Westerwelle, Ex-Außenminister FDP - Guidomobil
Гидо-мобилот на ВестервелеФотографија: picture-alliance/dpa/U. Perrey

Лош старт како шеф на дипломатијата

Гидо Вестервеле стигна на целта: во новиот црно-жолт кабинет ја доби долго посакуваната функција: на 48 години стана министер за надворешни работи. Неговата прва посета во странство не го одведе во Париз, вообичаена прва станица за шефовите на германската дипломатија, туку тој отиде во Полска. Таму тој побара повлекување на преостанатите 20 американски атомски бомби од Германија и се заложи за разоружување. Но, за разлика од своите претходници на функцијата, Вестервеле не беше омилен кај граѓаните на Германија. Не ги освои ни симпатиите на западните сојузници кога во март 2011 година предизвика скандал: додека во Советот за безбедност на ОН сите други западни држави гласаа за воена интервенција во Либија, Германија остана воздржана. Критичарите го нападнаа за разнишување на столбовите на германската надворешна политика, бламирање на сојузниците, уривање на довербата.

Засилен притисок и на внатрешнополитички план

Вестервеле на мета беше сѐ повеќе и дома. Лидерот на ФДП среде финансиската криза инсистираше на намалување на даноците и критички се изразуваше во однос на примачите на додаток за невработени, зборувајќи за „доцноримска декаденција“. Вестервеле не успеа од улогата на опозиција да се префрли во улогата на член на влада. Либералите во анкетите на јавното мислење паднаа на дното. Интерен пуч во ФДП предизвика Вестревеле во мај 2011 година да биде принуден да ја напушти лидерската позиција во партијата и вицеканцеларската функција. Но, остана министер за надворешни работи, по што најави немешање во внатрешната политика. Оттогаш го вршеше она што се очекува од шеф на дипломатијата: патуваше низ светот, се состануваше со своите странски колеги, предупредувачки го подигаше гласот при избивање на некој конфликт, апелирајќи на воздржаност. Во следните две години тој наново се пронајде себе си во функцијата. Неговата омиленост кај народот растеше, тој достигна во првите десет политичари со највисок рејтинг.

Guido Westerwelle, Ex-Außenminister FDP - mit Angela Merkel
Вестервеле и Меркел во Бундестагот на почетокот на 2013 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

На крајот стигна и омиленоста кај народот

Вестервеле вкупно четири години го водеше Министерството за надворешни работи. Пропатува низ 100 земји. Неговата ера носи печат на т.н. култура на воена воздржаност. На крајот, тој и дома го заработи меѓународниот респект кој го уживаше. Вестервеле во политиката во Германија беше 30 години. Тој е првиот германски министер за надворешни работи кој живееше заедно со еден маж. Во летото 2004 година јавно откри дека е хомосексуалец. Тој беше и голем љубител на уметноста, со години собираше дела на германски современи уметници и важеше за одличен познавач на оваа сцена.

Вестервеле во сеќавање ќе остане првенствено како одличен оратор, на пример неговата реченица: „Нема штета ако во животот човек успее нешто повеќе отколку да заврши автошкола.“

Тој самиот беше добар пример за тоа: со труд, упорност и чувство за одговорност во политиката стигна до самиот врв.