1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина херојот кој ja спречи нацистичката атомска бомба

БГ
22 октомври 2018

Норвежанецот кој ја предводеше храбрата саботажа на нацистичката нуклеарна централа почина на 99 години. Приказната за операцијата од Втората светска војна најде место во книги, ТВ серии и холивудски филмови

https://p.dw.com/p/36wb9
London Gedenkfeier Operation Gunnerside Joachim Rønneberg
Јоахим Ронеберг на комеморација во Лондон во 2013 годинаФотографија: Getty Images/AFP/A. Cowie

Јоахим Ронеберг, норвешкиот херој кој го предводеше големиот напад против нацистите во родната земја, почина во неделата на 99 годишна возраст.
Како млад војник во 1943 година, тој беше одбран да ја предводи Операцијата Ганерсајд, со која беше уништен дел од Хидроцентралата Норск, а со тоа беа спречени и плановите на Германија да развие програма за производство на атомско оружје во текот на Втората светска војна.
„Ронеберг е веројатно последниот од најпознатите борци на отпорот кој не напушти“, изјави норвешкиот премиер Ерна Солберг. „Тој е еден од нашите големи херои“.

Тајна мисија

Роден во 1919 година во градот Алесунд, Ронеберг побегнал од Норвешка по германската инвазија во 1940 година, и станал дел од тренингот на норвешките сили на отпорот во Британија. Се вратил во окупираната татковина во февруари 1943 за да го предводи шестчлениот тим во нападот врз Хидроцентралата Норск на југот на земјата.
Централата била од големо значење затоа што била единствената во светот која во тоа време произведувала големо количество на „тешка вода“- клучна за развој на атомско оружје.
Роненберг и неговиот тим со падобрани се спуштиле на планинското плато до масовно бранетата цел, успевајќи да се провлечат во централата и да постават експлозиви во делот каде се произведувала тешка вода. Откако експлозијата ја разнела централата, тие успеале незабележано да се извлечат и да избегаат стотици километри во планините.
Успеале да избегнат заробеништво, иако по нив трагале околу три илјади германски војници. Две недели подоцна, Ронеберг успеал да пребега во Шведска, која во војната била неутрална.

Norwegen Vemork Wasserkraftwerk
Норвешката хидроелектрана Норск беше делумно уништена на 27 февруари 1943 годинаФотографија: Anders Beer Wilse

Јавна личност

Храбрата акција беше екранизирана во 1965 година во холивудскиот филм Хероите на Телемарк, со Кирк Даглас во главна улога, а на темата се објавени и повеќе книги и ТВ серии.
По завршувањето на војната, Ронеберг започнал да работи како радио новинар и одбиваше да зборува за периодот на отпорот. Дури неколку децении подоцна, во 1970-те, тој му стави крај на молкот и започна отворено да зборува за опасностите на војната и тоталитаризмот.