1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

Прогнози: „Медена земја“ треба, но тешко ќе стигне до Оскар

БГ /АП
7 февруари 2020

Водечкиот филмски критичар на агенцијата Асосиејтед прес, Џејк Којл, ги анализира кандидатите на годинешното доделување на најпознатите филмски награди и вели дека македонскиот филм треба да победи. Но...

https://p.dw.com/p/3XPEW
Film Honeyland | Land des Honigs
Фотографија: picture-alliance/Everet Collection/L. Stefanov

Вонсериското остварување на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов веќе ги собра ловориките на некои од најпрестижните светски филмски фестивали, а критичарите со месеци се натпреваруваат во поделбата на пофалби и суперлативи за „Медена земја“. Атиџе Муратова не е ѕвезда само во Македонија, туку и холивудските великани ѝ оддаваат признание. Но дали тоа ќе биде доволно и за најпрестижната награда - Оскарот?

Филмот веќе направи историски подвиг со номинацијата во две категории - за најдобар документарец и најдобар филм од странско говорно подрачје. И, според филмскиот критичар на Асосиејтед прес, Џејк Којл, „Медена земја“ заслужува и да победи во обете категории, но, прогнозира тој, тоа нема да се случи.

Во категоријата документарни филмови, на годинешното 92 издание на Оскарите, кандидати се: „Американска фабрика“ на Џулија Рајхерт и Стивен Богнар, „Кафез“ на Ферас Фајад, „Работ на демократијата“ на Петра Коста, „За Сама“ на Ваад Ал-Катеаб и Едвард Ватс, како и „Медена земја“.

Nord-Mazedonien die Autoren von "Honeyland" bei der Academy in Los Angeles
Режисерите на Медена земја, Тамара Котевска и Љубомир СтефановФотографија: Getty Images/AFP/M. Ralston

Којл предвидува дека Оскарот ќе отиде кај „Американска фабрика“- првиот филм кој го продуцираше компанијата на поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел - иако треба да го добие „Медена земја“.

„Големиот број на одлични документарци кои се прават денес веќе не можат да бидат сместени во една категорија. Колку за потсетување, меѓу одбиените филмови се и ’Девојка’ за првиот женски екипаж во трката со јахти во 1989 година, документарниот филм на Мартин Скорсезе за Боб Дилан, како и воодушевувачкиот архивски проект ’Аполо 11’.
’Американска фабрика’, првиот филм на продукцијата на Барак и Мишел Обама најверојатно ќе победи. Но ’Медена земја’, за осамената македонска пчеларка е раскошно интимен, а сепак одекнува и со глобалната еколошка алегорија“, пишува Којл.

Слична е оценката на критичарот и за втората категорија - Меѓународен филм, каде конкуренти на македонското остварување се и последниот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“ и многу фалениот јужнокорејски „Паразит“- кој се смета за главен фаворит и во категоријата на најдобар филм воопшто.

И тука Којл прогнозира дека ќе победи „Паразит“, а треба да победи „Медена земја“.

„Ова ќе биде лесна победа за ’Паразит’, кого потенцијално го очекуваат и поголеми награди“.

Во останатите категории, Којл прогнозира дека наградата за најдобра женска улога ќе ја добие Рене Зелвегер за филмот „Џуди“, а за најдобра машка улога типува на Хоакин Феникс за интерпретацијата на „Џокер“.

За најдобро режисерско остварување, според Којл, Оскарот ќе отиде во рацете на Сем Мендес за филмот „1917“, иако според критичарот, наградата ја заслужува Мартин Скорсезе за „Ирецот“.