1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку билатерални договори до негуватели од странство

Марина Мартиновиќ / Александар Методијев26 април 2014

Во Германија недостасуваат 30.000 негуватели во болници и домови за стари. Затоа Германија потпиша договори со низа држави за ангажирање на медицински персонал, а од април 2013-та година и со Босна и Херцеговина.

https://p.dw.com/p/1B7Zg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со тоа за негувателите од Босна и Херцеговина се отворија вратите за работа во Германија. Првите негуватели од таму веќе дојдоа во клиниката „Светиот дух“ во Келн и ја минуваат годината, во која нивните квалификации се усогласуваат со германските стандарди.

Грижата за пациентите веќе стана рутина за Мирела Коториќ од Добој и за Јасмина Бороевиќ од Модрича. Тие беа првите кои пред седум месеци дојдоа во болницата „Светиот дух“, по потпишаниот договор со Германија за вработување на медицинари.

„Прифатени сме, работиме, не забележувам никаква разлика. Се вклопувам - тоа ми е најважно. Учиш некои специфичности, прашуваш што не знаеш“, вели Боројевиќ.

„Кога ќе видиш дека нас овде не‘ третираат како да сме дел од заедничко семејство, тогаш имаш желба да останеш и да работиш, на крајот од краиштата, да се докажеш“, додава негувателката Мирела Коториќ.

Потребен е компетентен кадар

Проблеми со разбирањето немаат, бидејќи Јасмина и Мирела научиле германски како бегалци. Лекарите овде се надеваат дека и идните негуватели ќе бидат толку компетентни.

„Секако, услов, како прво, е стручна квалификација, а второ, барем минимално познавање на германскиот јазик, за да биде можна основна комуникација. И, се разбира, и нивната желба да сакаат да работат кај нас, со оглед на можноста за вработување на подолго време“, вели Јирген Тудика, шеф на интерна медицина на клиниката „Светиот дух“ во Келн.

Symbolbild Altenpflege Gewalt ausgeliefert Hilfe
Со билатерални договори се привлекуваат негувателиФотографија: picture-alliance/dpa

И Бошко Јанковиќ од Челинац ги исполнува тие услови. Од декември минатата година тој работи во келнската болница. За себе веќе не гледа перспективи во Босна и Херцеговина.

„Работев четири години во еден здравствен дом во итната помош. Во тие четири години се оженив, купив плац, направив куќа. Но, за да постигнам нешто, во тие четири години тонев во долгови и кредити. Единствен излез беше да одам некаде каде би можел да заработувам повеќе. Но, долу тоа не е возможно“, објаснува болничарот.

Клиниката сака странски негуватели

Знаејќи колкава е невработеноста во Босна и Херцеговина, Алмаса Хаџидедиќ, овде медицинска сестра од 92-ра, ги информира луѓето во родната Модрича дека болницата бара негуватели.

„Ова го правам од хумани причини и секогаш ќе го правам. Најголемо задоволство ми е кога ќе дознаам дека некое од тие деца е на пат наваму. Сите ги примив како свои родени деца. Тоа и натаму ќе го правам“, вели медицинската сестра Хаџидедиќ.

Раководството на клиниката е среќно што успева да придобие токму негуватели кои не се од Германија - не само поради недостигот на работна сила.

Pflege Absicherung Altenpflege Pflegegeld Pflegekraft Seniorenheim Altersheim
На Германија и’ се потребни компетентни странски кадриФотографија: picture-alliance/dpa

„Во меѓувреме имаме пациенти кои доаѓаат од различни култури. Лекуваме пациенти од Русија, од Источна и Јужна Европа. Можеме одлично да се справиме со тоа доколку имаме работници од тоа културолошко опкружување и кои го зборуваат јазикот на нашите пациенти“, вели д-р Гидо Лерцински, управител на клиниката „Светиот дух“ во Келн.

Негувателите си помагаат

Негувателите им ги раскажуваат доживувањата на семејствата во Босна и Херцеговина. Со можностите кои ги нуди интернетот, ни татковината веќе не е толку далеку.

„Сега не’ има многу овде, кои дојдовме во Келн, па е многу полесно. Се дружиме, си помагаме меѓусебно. И, сепак имаш малку чувство дека си меѓу свои луѓе. Фино е. Многу, многу ја олеснува оваа ситуација, тоа што не си сам тука“, вели Јасмина Боројевиќ.

Во својот нов град овие млади луѓе очигледно не се сами. Алмаса Хаџидедиќ и нејзиниот сопруг Сафет со задоволство се дружат со нив и тоа со босански специјалитети.

„Основна цел ми е тие да се чувствуваат како дома. Ако имаат некакви проблеми - да дојдат , да разговараме и да им помогнам, ако можам. Едноставно, мојата единствена желба е децата да успеат во она, заради што дојдоа овде. Да не се чувствуваат тука како странци“, објаснува Хаџидедиќ.

Но, на трпезата се наоѓа и по некој германски сладок специјалитет, за овие млади луѓе што побргу да се навикнат на животот во Германија и да ги вкусат неговите убави страни.