1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Пресуда за најголемиот сериски убиец во Германија

Ралф Бозен
6 јуни 2019

Виновен за убиство во 85 случаи! Така гласи пресудата против Нилс Хегел, одговорен за најголемото сериско убиство во историјата на пвоена Германија.

https://p.dw.com/p/3JwkJ
Deutschland Prozess gegen Patientenmörder Högel
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich

Судот во Олденбург денеска во т.н. „процес на векот“ го прогласи Нилс Хегел за виновен затоа што смета дека е докажано оти убил 85 луѓе. Хегел нема да може да биде пуштен предвреме од затвор поради тежината на делото. Во 15 други случаи поранешниот негувател е ослободен од обвинение за убиство.

Се работи за еден од најбризантните процеси за убиство во германската повоена историја. Пресудата падна, но многу прашања остануваат отворени.

Прво е самата бројка која вознемирува и е несфатлива, дека станува збор за десетици случаи на убиство!  Зад таа бројка се кријат судбините на мажи и жени, кои биле тешко болни или се надевале на скоро опоравување. Луѓе на возраст од 34 до 96 години, кои на болниците им се препуштиле во своето страдање и чии животни патишта завршиле токму таму на мачен начин. Зад таа бројка има уште поголем број роднини чии животи биле брутално погодени, ако не и уништени. Сите тие биле според обвинението жртви на веројатно најстрашниот сериски убиец во историјата на Сојузна Република Германија.

Убиецот како „Рамбо спасителот“

Во периодот од 2000 до 2005 година Нилс Хегел се воздигнал во господар над животот и смртта. Во болниците во Олденбург и Делменхорст во Долна Саксонија на пациентите им шприцал лекови во животозагрозувачки дози, за да ги реанимира по откажувањето на функцијата на кардиоваскуларниот систем. Потоа го славеле како херој. Но, перфидните маневри за спасување постојано завршувале со смртен исход. Кога имало реанимации секогаш бил меѓу првите и „ги 'откачувал' сите други кои всушност би биле задолжени за тоа", го пренесува репортер на весникот „Билд“ сведочењето на пензиониран болничар пред судот. Млади и неискусни лекари биле радосни кога тој помагал. Колегите го нарекувале „Рамбо спасителот“.

Денеска покраинскиот суд во Олденбург по серија судски рочишта донесе пресуда. Хегел минатата среда доби завршен збор. Тој им се извини на сите „на кои им нанел болка и невидена тага. Кога им го одземав животот на луѓето, на роднините сум им го одземал она највредното." Тоа се искази кои не соодветствуваат на неговите поранешни изјави пред судот. Хегел веќе 10 години е во затвор.

Prozess gegen Patientenmörder Högel
Нилс Хегел и неговата авдокатка во судската салаФотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich

Фатен на дело

Благодарение на еден друг болничар, серискиот убиец беше фатен во јуни 2005 година во моментот кога ја манипулирал пумпата со шприц на еден пациент. По пет години ужасот конечно завршува. На почетокот истрагата се водеше како обид за убиство, а потоа се промени во убиство на три лица, по што пристигнаа докази за уште убиства. Хегел пред судот беше примерен, очигледно кооперативен и си ги призна делата. Оние за кои има докази. Затоа во февруари 2015 година првпат беше осуден на доживотна казна.

Но понатамошната истрага и обдукции на починати пациенти го откриваат вистинскиот обем на неговите дела. Во четвртиот процес, кој почна на крајот од октомври 2018 година во покраинскиот суд во Олденбург, и кој дел од медиумите го доби епитетот „Процес на столетието", јавното обвинителство го товари за 97 убиства. Телата на многу други потенцијални жртви не може да бидат истражени, бидејќи се кремирани. Хегел призна 43 дела, а како што изјави - на другите или не сака, или не може да се сети.

Судскиот известувач на „Зиддојче цајтунг" забележа дека кога Хегел зборува за случаите на убиства, одговара сосем површно: „Не се сеќавам, но не можам ниту да ги исклучам дека се случиле." Хегел зборуваше сосем бесчувствително за убиствата на луѓето, како да се работи за обичен тест со заморчиња, констатира репортерот. Обвинетиот не зборуваше за „сожалување и каење, туку беше зачуден и восхитен од сѐ она за кое се товари."

Prozess gegen Krankenpfleger Niels Högel
Хегел бил под сомневање и во Олденбург и бил избркан од одделот на интензивна нега каде што работелФотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich

Хегел - екстремно нарцисоидна личност

Каква личност е Хегел? Од она што се знае тој имал среќно детство и нормален живот. Нема информации дека преживеал трауми. Така, само со поглед во минатото на Хегел прашањето што го натерало да ги изврши монструозните сериски убиства останува неодговорено. „Ни јас не знам кога толку мутирав," изјави еднаш Хегел во текот на процесот. Весникот „Зиддојче цајтунг" го цитира дека тој се ориентирал по професионалците кои работат во интензивна нега, елитни медицински сестри „кои исто така ја имаат загубено човечноста".

Различни причини и мотиви го имаат натерано на тоа, проценува психијатарот Карл Бајне во разговор за ДВ. Главниот доктор во болницата Сент Мариен во Хам и професор по психијатрија и психотерапија на Универзитетот Витен-Хердеке веќе 25 години се занимава со темата убиство на пациенти во клиники и здравствени домови. Бајне вели дека мотив, кој и самиот Хегел го посочувал, е дека тој намерно безобѕирно ги предизвикувал овие итни ситуации „бидејќи сакал да го даде завршниот удар откако прво ќе изврши успешна реанимација“, објаснува Бајне. Ова укажува на тоа дека тој е „екстремно нарцисоиден човек кој си го хранел сопственото лабилно его од признанието на колегите.“

Поглед во бездна

Карл Бајне исто така го окарактеризира Хегел како брутална и бесчувствителна личност со сериозен недостаток на емпатија и сочуство. „Сметам дека до ден денес тој нема воопшто поим за незамисливото страдање кое им го предизвика на семејствата на жртвите“, вели овој лекар. Се чини како поглед во бездна „во која во крајна линија нема да ги разберете мотивите во детал."

Prozess gegen Patientenmörder Högel
Адвокатката габи Либен, претставник на голе број ко-тужители, рече: „Се надевам дека вие, господин Хегел, никогаш нема да ги заборавите сликите на овие луѓе“Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich

Во контекст на процесот не станува збор само за вината и личноста на Хегел. Ќе следат постапки и против клиничкиот персонал од Олденбург и Делменхорст. Треба да се докаже како Хегел можел толку долго време да убива и зошто потфрлил контролниот механизам. Хегел бил под сомневање и во Олденбург и бил избркан од одделот на интензивна нега каде што работел. Но, и покрј тоа, тој добива добра препорака и се вработува во друга клиника каде што усмртил над 60 лица.

Занемарување на сериозни индиции

„Сериозни рани предупредувачки индиции или сериозни сомневања не биле земени предвид, биле игнорирани или забошотени“, обвинува психијатарот Бајне за ДВ. Тоа веќе нема врска со потфрлање на контролниот механизам, туку со „обид да се стави болницата пред интересите на пациентите“. Поради тоа голем број лица ги загубија животите.

Адвокатката Габи Либен, која е претставник повеќе ко-тужители, пред покраинскиот суд во Олденбург ги раскажа сите случаи на жртвите. За време на емотивното излагање во процесот таа покажуваше фотографии и раскажуваше за нивните животи. Солзите сами се ронеа кај голем дел од роднините на жртвите. Нејзините заклучни зборови гласеа: „Се надевам дека вие, господин Хегел, никогаш нема да ги заборавите сликите на овие луѓе.“ Мртвите ќе си го пронајдат мирот само „ако Вие, господине Хегел, завршите зад решетки и до крајот на животот Ве прогонуваат душите на починатите жртви." А Хегел? Тој остана смирен, како ништо од ова да не го допира.