1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Привидниот џин Саркози

Андреас Нол / Е.М. Фиданоска31 мај 2015

Успех на Никола Саркози - повеќе од 83% од членовите на неговата партија УМП дадоа согласност за преименување во „Републиканци“. Од тоа на крајот би можел да профитира еден конкурент на Саркози, оценува Андреас Нол.

https://p.dw.com/p/1FZdN
Фотографија: Reuters/Philippe Wojazer

Како што се чини, за претседателските избори во 2017 година во Франција се‘ се одвива според сценарио, барем за Никола Саркози. По неговото враќање на политичката бина минатиот септември и изборот за шеф на конзервативците два месеца подоцна, поранешниот претседател сега раководи со една партија чија егзистенција е нетренливо поврзана со неговото име: „Републиканци“.

Со тоа исчезнува партијата УМП, основана во 2002 година. Никој нема да жали по неа, како впрочем ниту по десетина други партии претходно, кои конзервативците ги крштеваа постојано со нови имиња. Повеќето од овие партии служеа пред се‘ за исполнување на личните амбиции на нивните шефови кои беа на пат кон Елисејската палата. И Саркози останува верен на ваквата традиција.

Ново име, но не и нова програма?

УМП си го отслужи своето поради тоа што беше поврзувана со партиски афери, борба за моќ и негативни наслови. Саркози, кој по својот изборен пораз во 2012 година всушност сакаше засекогаш да и‘ заврти грб на политиката, сега сака да ги претвори Републиканците во симбол на радикален нов почеток.

За тоа, спроед истражувачите на изборните прилики, има добри аргументи - Французите се разочарани од етаблираните партии, а тоа го покажува подемот на Националниот фронт кој не запира. Основањето на Републиканците е и предизвик за борба упатен на адреса на шефицата на Националниот фронт, Марин Ле Пен.

Колку треба да биде голем прекинот со минатото покажува и свесното откажување од кратенка на името на партијата, што е новина. Саркози, притоа, се поведува од успешните граѓански движења, како што е левичарскиот шпански Подемос (Ние можеме). И Републиканците сакаат покрај верните приврзанции да ги придобијат и оние кои се незадоволни. Лево, десно или либерално - во Франција секој е републиканец. Некој може да помисли и на истоимената партија во САД - „Републиката“ со своите вредности слобода, еднаквост и братство за Французите има позитивно значење.

Неверодостојна промена

Иако кај Републиканците многу работи се чинат нови, избирачите брзо ќе сфатат дека под сјајната површина и натаму функционира стариот систем. Имено, најважното не се промени: Никола Саркози! За политичарот кој на многумина Французи им одеше на нерви да може да се всели во Елисејската палата во 2017 година, тој мора да ги убеди избирачите дека се променил. Конечно, последните претседателски избори повеќе беа вртење грб кон Саркози, отколку што беа уверлив избор на социјалистите на Оланд. И токму тука има проблеми: 60-годишниот Саркози досега не успеа верпдостојно да ги увери граѓаните дека се променил.

Porträt Andreas Noll
Андреас Нол, автор на коментаротФотографија: Privat

Тоа важи како за неговата загриженост за вредностите на републиката, така и за насоката на партијата. Во секој случај, не звучи автентично кога Саркози во основачкиот апел пишува дека е тоа повик и до сите оние кои сметаат дека страдаат поради „секојдневното назадување“ на републиката. Или кога на партискиот конгрес бара „Република на доверба“. Тоа важи и за фактот дека ја носи партијата в десно и во порограмата постојано има допирни точки со програмата на деснопопулистичкиот Национален фронт. Зад секој од овие маневри татне „операцијата Елисејска палата“.

Опасни конкуренти

Никола Саркози и покрај говорот на партискиот конгрес проследен со аплаузи, во никој случај не е суверен. Пред да се соочи со Марин Ле Пен во кампањата за претседателските избори 2017-та, тој мора да победи на внатрепартискиот избор. Со оглед на економската состојба на земјата, би било чудо ако тогаш, покрај темите на Националниот фронт - доселување и ислам, не се дебатира и за итно неопоходните реформи во Франција.

А токму тоа е и слабата точка на поранешниот претседател. Никола Саркози имаше своја шанса од 2007 до 2012 година и не успеа во улогата на реформски претседател. Можно е членовите на партијата на крајот повеќе да му веруваат на внатрепартиски противник, отколку на некогашниот претседател. Алан Жипе, основачкиот претседател на УМП, е човек за кого дури и луѓе од левичарскиот табор во Франција веруваат дека може да ја доведе на вистински курс земјата која навидум не може да се реформира. Жипе, кој беше премиер во времето на Ширак, важи за човечки, за некој кој е спротивност на Саркози. Наскоро 70-годишниот Жипе е големата „непозната“ во сценариото на Саркози. Тој се залага за многу повеќе од само големо инсценирање, но се‘ уште има тешкотии со партиските членови. На земјата може само да и‘ се посака тоа да се промени.