1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Присутноста во мајчиниот јазик

16 ноември 2020

Со нашето пишување го испишуваме нашиот македонски простор на постоење меѓу народите. Литературното писмо, дури и кога е кревко и немо, е погласно од сите негаторски политики. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3lLOT
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Кога се преселив во Германија, на почетокот на осумдесеттите, мајка ми секој викенд ми ги испраќаше од Скопје изданијата на весникот „Нова Македонија“ од изминатата недела. Меѓу страниците на весникот го положуваше писмото во кое ми укажуваше кои написи особено и‘ се допаднале. Сакаше да ги прочитам и јас весниците, кои таа и татко ми ги читаа секој ден. На тој начин сакаше да продолжам да го делам македонското секојдневие со нив. Знаев колку мајка ми ги сакаше ритуалите на припадност, заедништво и присутност во мајчиниот јазик. Затоа можев да си замислам со каков радосен трепет го предавала во поштата пакетот со петте изданија на најстариот македонски весник, пред да почне да пазарува на блискиот пазар. Кога германскиот поштар ќе ми го предадеше пакетот, со ист радосен трепет го примав и јас. Веднаш ме прегрнуваше облак од мирисите на мајкиното секојдневие! Мирисот на кујната во Скопје се беше скрил како невидлив печат меѓу страниците, додека таа ги читала, седната крај масата со поглед кон прозорецот, од кој постојано набљудуваше кој од соседите се враќа од пазар, или оди на работа. Мирисите од родителскиот дом, од скопската градина и чувствата на мајка ми патуваа секоја недела како слепи патници со поштенската пратка од Македонија во Германија. Кога веднаш ќе и‘ се јавев, за да и‘ потврдам дека пратката стигнала, таа знаеше дека ритуалост на припадноста, наспроти далечината, е совршено исполнет. Весниците стигнуваа кај мене со многу задоцнет датум, ама тоа не ја намалуваше нивната актуелност. Затоа што тие не беа информативни медиуми, туку шифри на љубовта и припадноста. На поврзаноста, наспроти  границите и далечината.

Кога 1999-та ја објавив мојата прва прозна книга „Егејци“, мајка ми ненадејно доби нова форма на мојата присутност во нејзиното секојдневие. Таа потоа  се‘ поретко ми испраќаше македонски дневни весници. Тогаш за неа беше значајно јас да бидам присутна во Македонија! А тоа за неа значеше: да објавувам на македонски. Откако почина 2016-та, нејзиниот примерок од книгата „Егејци“, со посебната посвета за неа, стигна по пошта кај мене. Тогаш пак трагав на секоја страница по скриени, само за мене видливи шифри за тоа колкупати ја прочитала книгата, како што трагав во весниците по писмото од неа. Страниците во книгата на кои аголот беше свиткан, беа тие што ги препорочитала неброени пати. Со свитканиот агол лесно ги пронаоѓала.

Други колумни од авторката:

Бугарскиот страв од македонско малцинство

Аушвиц, „граѓанското студенило“ и Бугарија

Зошто уште не се познаваат Македонците и Бугарите?

Мајка ми се радуваше на секој мој роман како на нешто најскапоцено. Затоа толку ја болеше кога неколку години пред да почине се бев одлучила да не објавувам веќе во Македонија. При секоја моја посета во Скопје, во миговите кога ќе останевме сами, најчесто пред полноќ, пред легнување, ќе ме потпрашаше тивко дали пишувам. Кога ќе и‘ потврдев, ретко се осмелуваше да ме праша зошто не објавувам во Македонија. Мојот одговор беше секогаш, „не сум веќе присутна  во Македонија и не знам за кого би пишувала“. Таа замолкнуваше и ме оставаше на мир. Иако не се согласуваше со мојата одлука. Само еднаш ми рече: „Треба да пишуваш без да мислиш кој те чита. Кога пеам, јас не мислам кој  ме слуша. Пеам за песната, оти таа е моето 'дома'!" „Дома" за мајка ми беше Егејска Македонија, татковината што ја напушти во војната. Таа веруваше дека и јас како писателка треба да бидам присутна во мајчиниот јазик.

Повеќе од пишување

Денес знам дека ако тогаш ја прашав „А што мислиш, за кого треба јас да пишувам?“, таа сигурно ќе ми одговореше дека треба да пишувам за писмото, за мајчиниот јазик. Тогаш уште не ми беше јасно што мислеше мајка ми кога еднаш ми рече дека е привилегија да пишувам на мајчиниот јазик. Со тоа не само што и‘ ја подарував радоста да бидам присутна преку книгите во нејзиното секојдневие. Тоа што пишувам литература на мајчиниот јазик за мајка ми беше знак на слобода! Таа морала да учи во грчко училиште, во кое не смеела да проговори на македонски. Дури ниту на одморите! А јас, нејзината ќерка, порасната во Југославија, во Република Македонија, ја поседував слободата да пишувам проза на македонски. На мајчиниот јазик, кој за мајка ми во Грција беше официјално „забранетиот јазик".

Мајка ми не доживеа да прочита мој нов роман во Македонија. Кога таа почина 2016-та, јас веќе неколку години работев на подолг ракопис на германски за  бегалското детство. Дури кога си замина и мајка ми, станав свесна каква среќа беше мојата присутност во мајчиниот јазик, иако веќе долго не  живеам  во Македонија. Мајка ми беше погребана со почеста на голема македонска пејачка. А таа никогаш не се чувствуваше како нешто посебно. Најмалку како уметница! А беше уметница во најдлабоката смисла на зборот. Затоа што до крајот на  животот ја сочува чистата, детска радост во пеењето. Мајка ми пееше како што пее славејот! Во мигот кога пред четири години почнав да го пишувам романот „Земја на бегалци“ на македонски, знаев дека таа невидливо ме водеше за рака и ме враќаше во мајчиниот јазик. Онака како што ме учеше на него во детството.

Тогаш сфатив дека да се биде македонска писателка за мене е повеќе од пишување! Во секој мој напишан збор трепери и радоста на мајка ми што сум и понатаму присутна во македонското секојдневие. Секој збор треба да биде во дослух со споменот на моите егејски предци, чиј мајчин јазик беше забранет. Секоја буква треба да сведочи за длабочината на стравот што го чувствувале кога скришно, во домовите, зборувале на  мајчиниот јазик. Македонскиот! Писателката како мене, која  пишува на македонски во странство, знае дека секој нејзин збор не го пишува само за себе, туку за сите предци кои немале можност да пишуваат на македонски. Тогаш литературата, писателското писмо станува повеќе од сведоштво! Тоа станува потврда за постоењето на Македонците во својата самобитност. Литературата станува сведоштво и завет, творештво во една многу силна смисла, затоа што ние, македонските писателки и писатели, пишуваме и за да станеме видливи за светот како Македонци. Со нашето пишување го испишуваме нашиот македонски простор на постоење меѓу народите. Литературното писмо, дури и кога е кревко и немо, е погласно од сите негаторски политики. Тоа ја има силата на ураганот, кога е немо писмо во спомен на тие кои не се повеќе со нас. Да се пишува на македонски јазик значи да се пишува со сознанието дека тој е и приказна за оспорувањата и за забраните.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.